Бил Гејтс: Пандемијата со короната не е завршена
Американскиот милијардер и филантроп Бил Гејтс кој има вложено милијарди долари за помагање на здравјето на луѓето и на здравството, изјави дека пандемијата со короната не е завршена. Тој притоа предупредил дека „најлошото се уште не е поминато“ и дека заканата тоа да се случи, се уште постои.
Сопственикот на Мајкрософт има речено дека не сака да делува депримирачки, или да заплашува, но смета дека се уште има ризик од создавање нова варијанта на коронавирусот која би се пренесувала многу побрзо и која би била пофатална за луѓето.
„Се уште сме во опасност овој вирус, што се одржува 2,5 години, да создаде нов вид. Не сакам да бидам претскажувач и да зборувам за некаков пропаст, но ризикот е поголем од пет отсто за да дојде до пожестока пандемија од онаа што досега го тресе светот“ – рекол Гејтс за весникот „Фајненшл Тајмс“.
Предупредувањето на Гејтс доаѓа по изјавата на Тедрос Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО), за тоа дека луѓето мора да останат внимателни кога станува збор за овој вирус и покрај смирувањето на ситуацијата и олабавувањето и укинувањето на најголемиот број од заштитни мерки од здравствените власти во државите низ светот (освен во Кина).
Бил Гејтс објави нова книга, овој пат со наслов – „Како да се спречи следната пандемија“. Во неа тој им сугерира на владите да инвестираат во тимови од епидемиолози и да вложуваат во компјутерски моделари за да се помогне во идентификацијата на глобалните закани по здравјето на луѓето.