„ Закана за Европа од Црвениот плоштад“
Во ноември 1941 година, додека нацистичките сили беа на дофат на Москва, советскиот диктатор Јосиф Сталин – пркосејќи им на Хитлер и на неговите инвазиони сили кои за неколку месеци ја покорија територијата на европскиот дел од СССР- организираше воена парада на Црвениот плоштад, во чест на годишнината од победата на Октомвриската револуција.
Речиси 81 година подоцна, за 9 мај- Денот на победата – Владимир Путин , на истиот тој Црвен плоштад, во центарот на Москва- организира своја воена парада, за да се одбележи годишнината од крајот на Вторатат светска војна и победата над нацизмот – извојувана од сојузничките сили заедно со тогашната советска армнја.
И сегашниот неприкосновен руски лидер, како и Сталин пред него, со оваа воена и победничка парада сака да им пркоси и на Европа и на светот, но она што Путин сега го прави, на никаков начин не може да се споредува со парадата од пред осум децении, по која учесниците на дефилето директно заминале на фронтот- за да ја бранат Москва.
Одбрана на инвазијата
Путиновата парада е неспорелива затоа што се одржува во време кога руската армија, не ја брани Москва, или територијата на Русија, од некој странски непријател. Во стилот на некогашната нацистичка солдатеска , по извршената инвазија, Русите војуваат и освојуваат туѓа територија. Во Украина, што настојуваат да ја покорат- уништувајќи украински градови и вршејќи злосторства врз населението.
Изговор за агресијата е наводниот „нацизам“ што постои во Киев. Измислица на Кремљ за да се оправда се она страшно што се случи во изминатите над 70 денови војување.
Од првата агресија во март 2014 година, од кога почна со цепењето и присвојувањето на украинската територија, постојано се бара некаков изговор. Сега, последното е дека руската инвазиона армија е во „операција“ за заштита и спасување на руското население и на оние кои зборуваат руски јазик, од „украинските нацисти“ , па затоа оваа војна за Путин и за руската пропаганда е и „одбранбена“ и „анти-нацистичка“ .
Во името на таквата „оправдана“ кауза, се окупира и се присвојува територијата на цела источна и на јужна Украина , затворајќи и го притоа пристапот на земјата кон морето.
Парада за „Судниот ден“
Во услови на војната што Русија му ја донесе на европскиот континент, затоа ова не е време за славење, уште и за славење на мирот и на победата над силите на злото кои ја имаат предизвикано најголемата глобална војна во историјата на светот. Прашање е тогаш – што ќе се слави во Москва и што Путин има за да прославува.
Нема ништо, но годинешнава парада во Москва не е за да се одбележува победата на советската Црвена армија и поразот на германскиот нацизам, туку за да им се покаже на Западот, на ЕУ и на Америка дека Владимир Путин останува непобеден . Заканувајќи се, притоа, со моќта на својот нуклеарен арсенал- дека ако треба ќе го користи за да му покаже на светот дека Украина и нејзините сојузници , не може да ги поразат и Русија и нејзиниот лидер.
Изборот на орудијата и на оружјето што ќе се појави на парадата тоа треба да го покаже.
Станува збор за секакви моќни тенкови и артилерија. Ракети и офанзивни ракетни системи. Авиони и борбени хеликоптери. И, за прв пат, по повеќе од деценија отсуство- специјалниот авион за „Судниот ден“ . За т.н. Ден потоа- по извршениот нуклеарен напад , кога рускиот лидер наместо од Кремљ ќе раководи високо од небото.
Што после 9 Мај
Во една таква атмосфера, неговот говор што се очекува пред военото дефиле, се очекува да се вклопи во „судните часови“ исполнети со закана за Европа и за светот. Во него тој треба да се прикаже како победник во „победата во Украина“, но бидејќи инвазијата не оди според планот, победата може да се сведе на освојувањата на Мариупол , на Донбас, на територијата северно од полуостровот Крим.
Рускиот експерт Абас Галјамов , поранешен пишувач на говорите на Путин, за британскиот Би-Би-Си има речено дека поради сето тоа излегува дека и Украинците и Европејците очекуваат НЕШТО ДА СЕ СЛУЧИ на 9 мај во Москва. „Станува збор за исчекување кое има создадено вакум , што секако, треба да се пополни, затоа што доколку нема ништо, тогаш Владмир Владимирович ќе доживее пораз“- вели овој експерт.
Од порано, на пример, францускиот претседател најави дека мирот нема да биде можен пред 9 мај, пред Денот на победата во Русија. Папата Франциско, по средбата што ја имал со Виктор Орбан, сојузник на Москва и партнер на Путин во разбивањето на ЕУ, откри еден детал од разговорот со Унгарецот. За изјавата на рускиот претседател на средбата што претходно ја имал со Орбан за завршување на војната на 9 мај.
„Ултиматум за Украина“ ?
Меѓутоа, повеќето странски аналитичари веруваат дека во говорот , или веднаш по парада, ќе и се објави војна на Украина.
А, тоа значи можност за прогласување општа мобилизација во Русија, за покренување тотална војна со Украинците за да се натераат на капитулација. Онака како што на времето тоа го правеше нацистичка Германија.
Други експерти, пак, предвидуваат , во излагањето Путин да се искара со Западот, да го обвини за хаосот што, инаку, тој самиот го создаде и за да се закани, а при тоа да ги глорифицира досегашните територијални освојувања во Источна Украина,
Тоа да го означи како победа што заедно со се она што ќе спакува официјалната пропаганда, ќе биде доволно за да се слави Денот на победата.
Галјамов , од своја страна, предвидува уште една можност- а тоа е да и постави последен ултиматум на владата во Киев.
Порака до Западот
Тоа би било во вид на порака-закана- седнете сериозно на преговарачката маса, за да се направи договор, или ако сакате- продолжите да војувате. Но, во тој случај ризикувате да се соочите со (руското) тактичко нуклеарно оружје што би било уотребено за крај на војувањата !
Овој експерт смета дека тоа би можела да биде последната опција на Путин, бидејќи рускиот претседател ќе биде целосно поразен , доколку продолжи да војува, онака како што тоа сега го прави. Галјамов, затоа, вели дека рускиот претседател во тој случај не би сакал да го исплаши само Зеленски, туку и Западот, со пораката- да се престане со давањето оружје на Украинците, но и за да му се порача на украинскиот претседател дека – војната ќе мора да ја запре.
„Во исто време, верувам дека Владимир Путин жали поради започнувањето на сето ова што го доведе во ситуација, онаква каква што е сега. Но, не знае како да ја заврши војната и од неа да не излезе (политички) ослабнат и воено поразен“- оценува Абас Галјамов.
(С.Г.)