Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Русија е во изолација и целиот свет е против нас“

„Русија е во изолација и целиот свет е против нас“

Рускиот воен аналитичар и пензиониран полковник Михаил Ходаренок, во телевизиска дебата на државната телевизија Русија 1, посветена на ситуацијата во и околу Украина, предупреди дека Москва ќе биде во уште поголеми проблеми, со оглед на тоа како се развиваат работите.

Во настап сосема поинаков од сите другите кои секојдневно ги пласираат во домашната јавност мејн – стрим медиумите за војната во Украина, кои и натаму, по диктат на Кремљ не зборуваат за војна, туку за „специјална воена операција“, Ходаренок зборувал на начин, каков ретко може да се слушне на руската телевизија.

За официјална Москва „руската офанзива се одвива според планот“, но во понеделникот вечерта, гостинот во популарната и гледана емисија „60 Минути“, пензионираниот полковник на руската армија Ходаренок, има дадено сосема поинакво видување.

Ходаренок бара брзо разрешување

Според известувачот на Би – Би – Си од Москва, станува збор за видување и анализа какви обичните руски граѓани не може да ги добијат од вестите и од другите програми во кои работите се сведуваат на промовирање на ставовите на Кремљ и пред се, на претседателот Владимир Путин.

Полковникот има речено дека „ситуацијата станува се полоша за Русија“, затоа што Украина добива дополнителна воена помош од Западот, како и дека „украинската војска може да вооружи милион луѓе“. Додавајќи притоа дека се покажа оти Украинците и украинските војници сакаат да ја одбранат нивната земја.

„Видете, конечната победа на бојното поле го одредува високиот морал на војниците кои проливаат крв за идејата за која се подготвени да се борат и да загинат, ако треба. А, најголемиот проблем, кога се во прашање воената и политичката ситуација во која сега се наоѓа Русија е дека ние сме во ЦЕЛОСНА ПОЛИТИЧКА ИЗОЛАЦИЈА И ЦЕЛИОТ СВЕТ Е ПРОТИВ НАС – дури и ако не сакаме тоа да го признаеме“ – рекол во програмата полковникот Ходаренок.

„Руските ресурси се ограничени“

Според него – ваквата ситуација Русија мора веднаш да ја разреши.

„Не може да се смета дека работите се одвиваат според планот и ситуацијата е нормална, кога 42 држави се против нас, а нашите ресурси, како воено – политичките, така и воено – техничките се ограничени“ рекол гостинот во емисијата „60 Минути“.

Другите гости, како што пренесува британскиот медиум од Москва, молчеле и не возвратиле со контра аргументи, или со поинакви позиции, бранејќи ги ставовите на Кремљ. Молчела и водителката Олга Скабаева, која инаку важи за редовен бранител на Кремљ и на позициите на рускиот претседател.

Михаил Ходаренок, пак, на повеќе начини и претходно има предупредувано на опасноста Русија да се најде во сегашната ситуација.

Предупредување од пред инвазијата

Во февруари годинава, пред воената инвазија, овој пензиониран полковник, во весникот „Независен воен преглед“ остро ја има критикувано најавената можност дека Москва би можела да ја нападне Украина.

Скопје/Глобал тогаш пренесе делови од неговиот напис – анализа во кои остро им приговара на домашните “воинствени јастреби и на зборлести кукавици“ затоа што ја уверуваа домашната јавност дека Русија лесно би добила една војна против јужниот сосед“.

Неговата тогашна порака беше дека „еден вооружен судир со Украина не е во национален интерес на Русија“.

Така пред три месеци зборуваше пензионираниот полковник Ходаренок и како сега стојат работите – излезе дека е сосема во право.

Но, сега останува прашањето што треба да значи ваквиот настап во програмата и на телевизијата кои се строго контролирани од режимот кој, инаку, уште пред инвазијата ги има затворено и задушено целосно, по агресијата сите медиуми кои може да критикуваат и да зборуваа за поинаква вистина за војната, од онаа што ја прикажува државната пропаганда.

Пропуст или планирана работа

Досега имаше случај уредничка да истакне натпис против војната и лагите што се нудат за неа, а уредничката да биде казнета, но се појавија и сомнежи дека целото тоа било (наводно) „наместено“. Потоа, случајот за момче кое зборува – „Мојот град го бомбардираат, а мајка ми во Русија – не ми верува“. Или, пак, случајот со еден руски режисер кој во популарна ТВ емисија има речено дека „војната во Украина дава застрашувачки слики“, а тие многу репресивно влијаат врз руското општество.

Сепак станува збор за работи од времето кога се уште не беше законски забрането да се зборува за војната, да се протестира и да се употребува зборот „војна“. Она што се има случено во програмата „60 Минути“ на Русија – 1 со Ходаренок, е нешто друго.

Како и да е, за аналитичарите во Москва останува дилемата – или во прашање е спонтан и неочекуван повик за некакво будење, кога станува збир за војната во Украина, што и се провлекол во телевизијата. Или, пак, сето тоа со полковникот било планирано. За да може руската јавност да се подготви за лошите вести, поврзани со натамошните случувања од украинскиот фронт.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе