Бајден до Путин
Војната што Русија и ја наметна на Украина, трае веќе сто денови и како сега стојат работите – и на фронтот и околу него – не се гледа нејзиниот крај.
Најавите дека борбените операции на Русите ќе завршат околу 9 мај, не се остварија, затоа што немаше никаква руска победа за Денот на победата, па Владимир Путин, за кого велат дека тој командува со воените операции, сега е насочен да ја освои целата Источна Украина и потоа да ја анектира.
Според признанието на самите Украинци, руската војска веќе контролира 20 отсто од украинската територија, а во игра. како оружје на Кремљ сега е и храната. Со блокирањето на пченицата и на сончогледовите зрна од украинските складишта и силоси, со кои Путин ги уценува Европа и светот. Од нив бара прво да му се укинат санкциите, за да дозволи пристап и извлекување на големите резерви заробена храна.
Продолжува поддршката за Украина
Како и со нафтата и гасот, така и со храната, заканувајќи се со предизвикување глад и финансиски колапс на некои земји, поради растот на цените, Путин и неговите советници настојуваат на суров начин, не само да се извлечат од војната, туку и да извојуваат некаква победа.
Во лудилото кое го има опфатено, Кремљ не знае како да се извлече од состојбата во која се најде – без повод и без потреба – измислувајќи бројни изговори за да се наклевети Киев и за да оправда нешто што не се оправдува. Сепак, сигурно е само дека како и сите претходни, така и оваа војна ќе заврши на преговарачка маса, со дипломатски средства. Прашање е само кога и како.
Во една таква атмосфера, се појави текстот на американскиот претседател Џо Бајден во „Њујорк Тајмс“, заглавен како – „Што ќе направат САД во Украина, а што нема“ – кој е наменат за американската и за европската јавност. Но написот, на некој начин, претставува и јавна порака на Вашингтон до Москва и до Путин.
Затоа што основата на пораката е дека САД ќе продолжат – воено и финански – да ја помагаат Украина, но и дека немаат намера да го урнат режимот на Путин, ниту пак да испратат американски војници на украинскиот фронт. Меѓутоа, Американците се определени, дека во ова војување кое путинова Русија им го наметна на Украинците, на Европа и на светот, да се постигнат определени цели.
Битка за подобри позиции
Пред се, тоа е уредување на демократска, независна и суверена Украина, економски просперитетна која ќе биде во состојба да се брани и да се одбрани од некои можни следни агресии.
САД прифаќаат дека и оваа војна ќе се заврши по дипломатски пат, но стара максима е дека секој договор што ќе се постигне на „зелената маса“ ја отсликува состојбата на теренот (на фронтот). И, факт е дека Украинците сега се борат за тоа – за да низ успех на фронтот си обезбедат што е можно подобра позиција во мировните преговори.
На почетокот, Киев прифати, практично, се што пред и по инвазијата бараше Москва – и неутралност и невлегување во НАТО и не прифаќање странски бази на својата територија. Се покажа, меѓутоа, дека тоа не биле вистинските цели на Русија, која тегавеше со преговорите, префрлајќи ја вината на украинската страна.
Сега, пак, кога позициите на фронтот можат да се изменат со новото оружје што Украинците го добиваат, Киев остава впечаток како да не брза со продолжување на преговорите кои Русите – настојуваа и се уште настојуваат- да бидат онакви како што само ним им одговара.
Па, така, иако еден момент, украинската страна прифати и преговори за Крим, во период од десет години, од Кремљ стигнуваа сосема други пораки. За распарталување на Украина, односно за тоа Путин да ја стави под своја контрола целата Источна и Јужна Украина, се до областа Хершон, каде окупациските власти веќе зборуваат за приклучувањето кон Русија.
Америка и Европа
Од тие причини, САД одлучија на Киев, сепак, да му испорачаат понапредни ракетни системи со далеку поголема прецизност во лансирањето и погодувањето на непријателските цели – што може да помогнат за стекнување подобри преговарачки позиции, но, тие не смеат да се употребуваат за напади врз цели на руската територија.
Од друга страна, со воената ситуација која Путин ја создаде во Европа, САД порачуваат дека цврсо стојат зад Европа и зад европските сојузниц и парнери, ветувајќи дека на секој начин ќе настојуваат да се разреши глобалната криза со храната, создадена со руската агресија, како и дека силно ќе помагаат и за намалување на зависноста од руските фосилни горива.
Исто така, Америка останува определена да работи за јакнење на источниот блок на НАТО, па затоа Вашингтон го поздрави решението на Финска и на Шведска да и се приклучат на Северноатлантската алијанса. Станува збор за две демократски земји и за два силни воени партнери, со кои се смета дека ќе се засили и трансатлантската безбедност.
Како и да е, Вашингтон одново порачува дека не бара војна на НАТО со Русија, колку и Америка да не се согласува со Путин, чии потези кон Украина, најблаго речено, се срамни. Што не значи дека се работи на соборување на путиновиот режим неговиот режим и негово тргање од власта. Секако, се додека САД, или било кој од нејзините сојузници не бидат нападнати.
Во очекување на вистински преговори
На тие основи, Западот останува на својата првична позиција за директно невклучување во војната, односно за неиспраќање американски, или НАТО војници во Украина, за директна конфронтација со руските сили. Затоа не се охрабрува Украина, нејзините војници и одбранбени сили да напаѓаат цели од другата страна на украинската граница, како што не им се даваат ниту воени средства и орудија за таквите операции.
Едноставно, САД не сакаат оваа војна да се продлабочи, само за да и се нанесе бол на руската страна.
Останува, сега, војната да заврши – со преговори. Сите сакаат тие да се случат, но вистинските преговори никако да започнат , затоа што и двете страни инсистираат на своите предуслови за да се преговара – за запирање на војувањето и за некакво мировно решение.
Претседателот Бајден, притоа, инсистира дека ниедно решение за иднината на Украина нема да се направи без Украинците, па во рамките на таквата определба, САД порачуваат дека официјален Вашингтон нема да притискаат врз Киев да направи и да прифати било каква територијална отстапка кон Русија.
Но, факт е дека преговорите застанаа не затоа што Украина и сврте грб на дипломатијата . Застанаа затоа што Русија продолжува со војната, безмилосно уништувајќи ја Украина, само за да заграби што е можно повеќе територија.
Одговорност ќе мора да има
Она што го направија руските војници вклучени во агресијата , не е видено на европско тло од времето на операциите на хитлеровата нацистичка солдатеска во Втората светска војна.
Ракетирање и уништување станбени комплекси околу кои нема никаков воен објект, потоа ракетирање театри и културни установи во кои се кријат луѓе, напади и уништување на здравствени објекти и породилишта, злосторства врз цивили и милиони раселени лица, што ги има предизвикано Путиновата војна, се претвора во длабоко морално прашање.
Прашање кое мора да ја покрене одговорноста на оној што ја покрена агресијата врз една независна и суверена држава, членка на ОН, која стана „виновна” само затоа што се има определено да оди по својот пат, не по оној што го посакува Москва.
Некој , затоа, ќе мора да одговара . За направените воени злосторства, за уништувањата и за насилствата – онака како што одговараа нацистичките главешини- злосторници во Нирнберг после Втората светска војна.
Тоа ќе мора да се направи, без разлика како и кога ќе заврши војната во Украина.
Таквата завршница е од витално значење, исто онака како што од витален интерес за Западот е да се обезбеди мирна и стабилна Европа. Ако не се натера Русија да ја плати цената за она што го направи- со ништо не предизвикана- и се уште го прави, само ќе охрабри некои идни агресори да извршат инвазија врз некоја друга независна држава.
(Спектатор)