Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Калининград закана за Европа

bzyxx/depositphotos.com

Калининград закана за Европа

Руската енклава на Балтичко Море- Калининград- досега некако како да беше во сенка на војната во Украина. Сега, наеднаш во Кремљ одлучија да го покренат прашањето за наводната  „загрозена безбедност“ на оваа територија, сместена меѓу Литванија и Полска и без копнена врска со Русија, па во веќе познатиот агресивен и арогантен стил, испратија „арсенал“ закани.

Москва и се заканува на Литванија затоа што го има забрането транзитот на руска стока до енклавата преку литванска територија.

Вилнус и ЕУ, меѓутоа, целата оваа руска вреве ја означуваат како „московска пропаганда“ за тоа што не станува збор за едностран потез на Ливанија- како што тврди руската страна- туку дека во случајов станува збор за спроведување на санкциите на ЕУ кон Русија, поради инвазијата врз Украина.

Москва со закана до Вилнус

Заканите се во стилот дека литванските власти  „ ќе се соочат со сериозни последици“ поради својата „еднострана одлука“, па Владимир Путин брзо го испрати во посета на енклавата својот (велат) највоинствен и најопасен „јастреб“ во  најблиското опкружување, Николај Петрашев ,  затоа што се смета дека има најсилно влијание врз рускиот претседател.

Освен оваа демонстрација на агресивност, реакцијата на Москва го покажува големото значење што Русија му го дава на ова парче прибалтичка територија.

Во енклавата  во која живеат околу  милион луѓе, се наоѓа седиштето на руската балтичка флота. Територијата е преполна со секаков вид офанзивно , конвенционално оружје, како и со нуклеарно, иако таквото тврдење на западни експерти Русија го нема потврдено, но никогаш го нема ниту демантирано.

Во времето на СССР, кога и трите, соседни,  балтички републики беа составен дел  од некогашниот Советски Сојуз, Калининград беше само дел од големата држава. Особено што тогаш и Полска беше „братски сосед“ , дел од советскиот  воен сојуз- Варшавски Пакт, како и идеолошки сојузник од комунистичкиот Источен блок.

По распадот на СССР, меѓутоа, енклавата, наеднаш се најде изолирана и без копнена врска со сегашната Руска Федерација.

Освоена од Црвената армија

Оваа историски гледано, прогерманска и западна територија, беше освоена од советската Црвена армија во 1945 година и по звршувањето на војната и беше оставена на СССР.

По неговиот распад, во 1991 година, Москва ја задржа за себе, како енклава на која веднаш почна да распоредува силно оружје. Таа не само што е целосно изолирана, туку е и одалечена од матичната држава- од Сенкт Петербург 826, а од Москва 1090 километри.

Но, поради војната во Украина, територијата Калининград се здоби со уште поголемо воено и стратешко значење. Сега е како плац-дарм, или како територија од каде може да се изврши агресија кон соседите.

Прво, кон најблиските соседи од Балтикот, а потоа  и кон Полска и кон не многу одалечената  Германија, во случај на нуклеарен напад со кој повремено знаат да закануваат од Москва.

Бурна европска историја

На тој начин, оваа мало делче земја- едно време опишувата како “дремлива територија“ и како „периферија“ на Европа –  по руската инвазија врз Украина се има претворено во сериозна закана за мирот и за безбедноста на ЕУ и на европскиот континент.

Посебно значење за денешна Русија  има и затоа што е база за нејзината поморската флота, затоа што истоименото пристаниште во енклавата, никогаш не е замрзнато. А, тоа е важно бидејќи е сместено на Балтикот , пред влезот во, за руската страна, важниот Фински Залив  и наспроти Шведска. Но, освен воено и стратешкото значење во денешниот свет, Калининград има и своја долга и бурна историја – европска и руска.

Името Калининград е руско и потекнува од поранешниот болшевик и комунистички функционер Михаил Калинин, кој од 1922 до 1946 година беше член на советското државно раководство. Меѓутоа, градот е создаден од  Тевтонски витези, католички крстоносни воини од германско потекло кои управувале со Прусија и нејзината територија од 13 до 15 век.

Етничко чистење на Конингсберг

Градот Калининград  во минатото се викал Конингсберг и бил главен град на Пруската монархија која ја има предводено Германија се до почетокот на 18 век кога престолнината била преселена во Берлин.

Во текот на Втората светска војна оваа територија беше поприште на жестоки борби меѓу советската војска и нацистичка Германија. Со мировната конференција во Потсдам ( во околината на Берлин) , во 1945 година, западните сојузници му го отстапуваат Калининград на СССР кој така станува дел од големата советска држава.

Набргу Конингсберг бил преименуван во чест на Калинин, а советските власти , извршиле етничко чистење,  присилно  иселувајќи го германското население кое до тогаш  било во мнозинство, за да се замени со руски доселеници.

Во самиот град  сега има околу 500 илјади жители , а во целата територија живеат еден милион , со етнички шарен состав, затоа што луѓе од разни делови на денешна Русија сакаат да се населат во енклавата која има повисок стандард од оној во Руската Федерација.

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе