„Credit Suisse“ перела пари за бугарска мафија
Угледната швајцарска банка „Credit Suisse” (Креди Суис) е прогласена за виновна и казнета, за нејзината вмешаност во перењето валкани, криминални пари.
Според швајцарскиот Криминален суд, банката е осудена затоа што не се погрижила да попречи – членови на една криминална, мафијашка група – да извлекува профит од шверцот со кокаин низ Европа.
Ова е прв пат досега, швајцарска банка, уште од ваков висок ранг, да биде вмешана во еден ваков криминален случај.
Станува збор за бугарска мафијашка организација, која шверцувала и дистрибуирала дрога, поврзана со низа извршени убиства, во која биле замешани и некои поранешни вработени во банката кои, исто така, биле од бугарска националност.
Во текот на процесот, банката се бранела дека нема сторено ништо илегално и незаконско, па нејзините адвокати имаат најавено и жалба на пресудата. Но, судот пресуди казна од 2,4 милиони евра, како и налог на сметката на швајцарската влада банката да уплати уште 18,5 милиони евра.
Судот ја казни и поранешната вработена во банката, некогашната бугарска тенисерка Елена Пампулова дека била замешана во перењето пари – со 20 месеци затвор, што веднаш е преименувана во условна затворска казна. Условна е и казната – Пампулова да плати 2,4 милиони евра.
Судот има утврдено дека Креди Суис меѓу 2004 и 2008 година, има прифатено милиони евра во депозити, за кои се знае дека имале „крајно сомнително потекло“
Бугарката Пампулова, како банкарски чиновник, имала задача да соработува со Евелин Банев, кој бил еден од водачите на мафијашката група – како врска на банката со депозитерот – вложувач Банев, инаку, поранешен бугарски борач. Притоа, таа редовно прифаќала торби со кеш пари, во која секоја имала по околу 500 илјади евра.
Откриената афера со несоодветното работење и однесување на банката, која не смеела да прима вакви пари, уште и без детална проверка за нивното потекло, имаат предизвикано штета врз угледот на „Credit Suisse”. Вредноста на акциите на банката веднаш се намалија на Циришката берза, откако беше соопштена пресудата.