Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Макрон: Русија покрена војна за територија

YuriyA/Depositphotos.com

Макрон: Русија покрена војна за територија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „Русија (во Украина) покрена војна за територија и на тој начин стана една од последните колонијални, царски сили“.

Зборувајќи во Бенин, во Африка, каде беше во посета, Макрон рекол дека руската инвазија од 24 февруари е војна за освојување нови територии, нешто за што се мислеше дека е исчезнато од тлото на Европа.

Францускиот претседател, притоа, уште рекол дека такви војни се водени на почетокот од 20 век, или во текот на 19 век, забележувајќи дека за тоа зборува од тлото на Африка која го има преживеано колонијалниот империјализам.

„Во денешно време, Русија се претвори во последната царска, колонијална сила, откако се одлучи да упадне на територијата на друга држава, нејзина сосетка, само за да ги задоволи своите големодржавни интереси“ – рекол Макрон.

Руски царски колонијализам

Според него, водена од таквата стратегија, Москва се определи храната и енергијата да ги претвори во инструменти на војната, во служба на една империјалистичка војна, насочена против Украина.

Ова е прв пат, францускиот претседател на овој начин и остро да ги нападне инвазијата и агресијата врз една суверена држава и да даде квалификација за војната на украинско тло. На почетокот од агресијата и во текот на пролета, тој настојуваше – низ одржување  контакти (во телефонски разговори) и еднаш и низ посета на Москва – да го убеди Владимир Путин за да ги запре воените дејствија.

Не успеа во тоа, дури доживеа да биде и малку понижен од руската страна, која сега ги отвора картите, признавајќи дека главната цел на војната е да се тргне од власт легално избраниот украински претседател Володмир Зеленски.

Храната и енергијата како оружје

Претходно, за војната и за последиците од неа, на глобално ниво, Макрон зборувал и за време на посетата на Камерун, земја која беше дел од африканската турнеја. Во главниот град Јаунде тој ја има обвинето Русија дека сега и храната и енергијата (нафтата и гасот) ги користи како оружје во наметнатата војна.

По разговорите со камерунскиот  претседател, Макрон ги има отфрлено обвинувањата на Москва за тоа дека „санкциите од Западот се виновни за глобалната криза со храната “, затоа што санкциите се воведени само како одговор на инвазијата врз Украина и на започнувањето војна на тлото на европскиот континент. Прва војна по крајот на Втората светска војна и по поразот на нацизмот.

Бенин, но и Камерун се борат за да ги амортизираат проблемите со кои овие две земји, но и Африка се соочуваат со кризата што е предизвикана со поскапувањето на нафтата, на вештачките ѓубрива и на целата храна.

Проблем на цела Африка

Париските медиуми кои ја следат турнејата, објаснуваат дека целта на посетата на африканскиот континент е зајакнување на врските на Париз со франкофонска Африка кои и онака се силни, но и за да им се помогне на земјите, погодени од сегашната криза предизвикана со војната во Украина.

Камерун, на пример, е главниот производител на храна за централниот дел од Африка, која од Макрон бара повеќе инвестиции на Франција, но и на ЕУ во земјоделскиот сектор и во производството на храна. Брисел  тоа и онака веќе го има најавено на последниот Самит на Унијата и земјите од „Црниот континент“.

Проблемот со цените на храната и на количеството кое им е потребно, како и на енергијата е општ проблем на Африка, затоа што тие се зависни, главно, од Русија кога станува збор за сите житни култури и за нафтата, но кога станува збор за пченицата зависат и од Украина, од каде се снабдуваат, што сега е прекинато поради војната.

Москва бара партнери

Руската страна веќе 150 денови ги држи под блокада украинските пристаништа не дозволувајќи префрлање на пченицата која е во силоси, да се префрлаат по земјите кои ја очекуваат и кои ја имаат платено.

Наместо тоа, руската војска или ги уништува украинските резерви со жито, или го краде од украинските складови, за да го препродава, или за да ја снабдува Сирија, чии „доброволци“ војуваат во Украина на страната на Русија.

Според податоците од Киев, Украина има блокирано 20 милиони тони житни растенија од ланската жетва.

Посетата на Макрон на три африкански земји се совпаѓа со посетата и на Сергеј Лавров на некои земји во арапскиот свет и во потсахарска Африка. Москва настојува да најде политички партнери и сојузници за себе, во сегашните услови на целосна изолација во која се наоѓа, како последица на инвазијата и војната во Украина. Во сите настапи тој ја оправдува руската инвазија и го обвинува Западот за глобалната криза со храната.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе