Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ненси Пелоси во Тајпеј

Ненси Пелоси во Тајпеј

Спикерот на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси престојуваше во Тајпеј, во прва посета на еден висок американски политичар во Тајван , по повеќе од 25 години.

Стануваше збор за посета на делегација на Конгресот, која ја немаше формалната подршка од американската администрација и од претседателот Џо Бајден, но таа уште пред да се случи, а особено додека траеше, предизвика силна напнатост во кинеско-американските односи кои и онака подолго време, а особено по руската инвазија врз Украина се оладени.

Кина со  Русија контра САД

Двете страни ја одржуваат комуникацијата, па неодамна телефонски разговараа претседателот на САД Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг, но од она што се разбра за разговорот, излегува дека обајцата се согласиле дека за повеќе работи не се согласуваат.

Вашингтон е незадоволен што Пекинг застана зад Русија во нејзината  агресија врз украинската територија, иако токму Кина е најголем заговарач за почитување на територијалниот интегритет и сувереноста на секоја земја.

Кина не само што не ги осуди Москва и Владимир Путин за инвазијата врз земја-членка на ОН и не воведе никакви санкции против Русија, туку напротив и помога за да полесно ги надмине санкциите . Рускиот и кинескиот претседател токму во овие пет месеци од војната зборуваат дека двете земји имаат изградено „нераскинливо пријателство“.

Пекинг, од своја страна , како по обичај, е незадоволен од позиционираноста на Америка , како голема сила, низ светот, што на кинеската страна и пречи во настојувањето Кина да биде светска сила- воено, економски и политички. Особено што  Кинезите сакаат да   доминираат во – како што велат-  „нивниот“ дел од светот .

Тајван и „кинескиот свет“

Станува збор за  регионот на Југоисточна Азија , каде се наоѓа и Тајван, но и за реонот на Пацификот , каде Пекинг ги предизвикува Австралија и Нов Зеленд, кои на тоа гледаат како закана за својата национална безбедност.

Во секој случај, таму  се судираат интересите и на САД и на Кина која очигледно е дека по секоја цена,  (по углед на Русија и „рускиот свет“ на Истокот од Европа) настојува во јужноазискиот и пацифички регион да изгради – некаков свој „кинески свет“.

Впрочем и другите земји од регионот, како Малезија, Виетнам и Филипините на кинеското навлегување во регионот – со својата воена сила и со политичкиот притисок- гледаат со неодобрување,  настојувајќи да му се спротивстават на кинеското агресивно настапување.

Затоа, кусиот престој на Пелоси во главниот град на Тајван, треба да се гледа и како одговор и американско предупредување до Пекинг- дека нема да му се дозволи да загосподари со Југоисточна Азија.

Демократија и автократија

Во Тајпеј, Пелоси ја потврди силната подршка на САД на Тајван, инсистирајќи дека светот се соочува со изборот меѓу демократијата и автократизмот, пофалувајќи го тајванскиот демократски пат.

Тајванската претседателка Цаи Јинг Вен, бранејќи го демократскиот пат на земјата, има речено дека Тајван не  се откажува од планот да биде независна држава и покрај- како што има речено- постојаните закани од Пекинг. Меѓутоа, од американска страна нема подршка за таквата амбиција на претседателката Цан. САД остануваат силно определени да го заштитат Тајван од кинеска агресија- како острово на демократијата- но работите да останат такви, како што се сега.

Секако, не сакајќи да влезат во отворен судир со Пекинг кој островот го смета за дел од својата државна територија, тврдејќи дека „нелегално се има отцепено од Кина“ – што историски и политички гледано- не е така.

Како и да е , Кина на посетата на Пелоси гледа како на некаква „опасна провокација“ , заканувајќи им се на Тајпеј и на Вашингтон  дека ќе одговори на неа. Веднаш по тоа, кинеската воена морнарица и воздухопловството , започнаа воена вежба во која (велат) ќе се употребува огнено оружје и муниција, што треба да значи зголемување на напнатоста во регионот околу островот.

Казнување за признавање на Тајван

Во тоа свое настојување да се спречи- на секаков начин- афирмирање на Тајван како независна држава, властите во Пекинг имаат воведено доктрина за казнување на секоја земја која ќе ја признае државноста на островот, или дури ако само воспостави економски односи на државно ниво. Во таква ситуација, Кина ги прекинува односите со таквата земја.

Тајван сега го признаваат само 13 држави во светот, како и Ватикан.Во  изминатите две децении неколку држави од Средна Америка и од Пацификот се откажаа од тајванското признавање, за сметка на односите со Кина.

Меѓу земјите, пак, кои беа казнети врз основа на доктрината на Пекинг, се наоѓа  и Македонија, која на крајот од деведесетите години- неочекувано-  восостави дипломатски врски со Тајпеј. Кина реагираше со прекин на односите со Скопје. Ваквата  ( во тоа време) крајно погрешна одлука – да се провоцира земја членка на Советот за безбедност – ја направи првата вмровска влада во Скопје, за која подоцна се разбра дека одлуката била  „платена од Тајванците“.

На кинескиот „црн список“ од пред повеќе месеци се  најде и Литванија (членка на ЕУ и на НАТО) , само затоа што дозволи Тајван да  отвори во Вилнус  недипломатска економска канцеларија. Пекинг ја затвори својата амбасада и го протера литванскиот амбасадор, а оваа балтичка држава ја избриша од својот список на странски земји!

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе