Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Вулкански ерупции на Исланд

fthuerig/Depositphotos.com

Вулкански ерупции на Исланд

Исланд е познат како остров на гејзери и вулкани што многу често знаат да се „разбудат“ предизвикувајќи ерупции и излевање на жешката лава по површината, понекогаш минувајќи меѓу населените места, или сосема блиску до нив.

Со една таква ситуација, деновиве, одново се соочуваат Исланѓани кои (инаку) самите велат дека се навикнати да живеат меѓу своите вулкани и нивните ерупции, дури и не гледајќи во нив некоја поголема закана.

Во средата, вулканот на исландскиот полуостров Рајкјанес, избувна, па се смири, но еден ден потоа, одново почна да исфрла лава. Вулканската пукнатина е лоцирана на само 25 километри од центарот на главниот град Рејкјавик и на само еден километар од местото на минатогодишната ерупција, која траеше дури шест месеци.

Регистрирани 4500 земјотреси

Оваа сегашнава, се случува на оддалеченост од едвај 15 километри од главната писта на меѓународниот аеродром Кефлавик кои во четвртокот (4 август) остана отворен за сообраќај, затоа што оваа ерупција не е проследена со исфрлање пепел, како што тоа обично се случува пред да потече вжештената лава од утробата на земјата.

Во соопштението на исландската влада се вели дека пред ерупцијата била регистрирана голема сеизмичка активност.

Од 30 јули кога тлото на Исланд почнало да се тресе, биле регистрирани 4500 послаби и посилни потреси. Најсилниот, пред ерупцијата на вулканот, бил со јачина од 5,4 степени по скалата на Рихтер. Најголем број од потресите биле регистрирани во раните часови на 1 август.

Засега нема пријавено никакви штети ниту од земјотресите а ниту од ерупцијата. Објаснувањето е дека лавата тече низ една ненаселена долина и се „влева“ во океанот. Властите, меѓутоа, ги имаат предупредено луѓето да не ги посетуваат локациите на ерупцијата и на течението на лавата – стравувајќи од можноста наеднаш да се појават штетни гасови.

Туристичка атракција

Но, маса луѓе и овој пат, како што тоа се случуваше минатата година, доаѓа да го гледа течењето на лавата, од сосема близу, да ја снима и да прави селфи – снимки. Посебно на тоа се посветени оние кои за прв пат имаат можност да се соочат со една таква глетка, како и странци кои се затекле на островот, или специјално допатувале за следење на лавата.

Една гостинка на Исланд им признала на домашните новинари дека толку била возбудена од она што (за прв пат) го гледа во живо и сосема од близу, што – како што има изјавено – солзи и се појавиле во очите!

Минатата година, лавата од кратерот на Фаградалсфјал почна да се излева во средината на март и течеше се до крајот на септември.

Стана и туристичка атракција која предизвика посета од неколку стотина илјади странски туристи. Најдолгата ерупција на Исланд, пак, траела речиси четири години – од ноември 1963 до почетокот на 1967 година.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе