Евреин го откупил часовникот на Хитлер
Евреин од Европа го откупил на аукција во САД, рачниот часовник на нацистичкиот водач Адолф Хитлер- соопшти претставник на аукциската куќа, откако во американската и во европската јавност се појавија реакции со осуда да се продаваат предмети што треба да потсетуваат на мрачното минато од европската историја.
Со осуда се огласија и еврејските лидери од Америка и од Германија, потсетувајќи дека аукциската куќа од сојузната држава Мериленд и порано има нудено и продавано разни предмети од времето на нацизмот. Аукциската куќа, меѓутоа, смета дека не гледа ништо лошо во тоа, инсистирајќи дека нивната цел е -да се сочува историјата.
Часовникот од марката „Хубер“ беше продаден за 1,1 милиони долари. На неговата задна страна, се изгравирани кукастиот крст- злогласниот симбол на нацизмот- како и иницијалите на нацистичкиот водач- А и Х.
Во каталогот за аукцијата се наоѓа објаснувањето дека рачниот часовник (најверојатно) му бил подарен на Хитлер за неговиот роденден во 1931 година.
Аукциската куќа „Aleksandar Historical Auctions” и нејзиниот сопственик Бил Панагопулос, пред аукцијата очекувала висока цена, па го нудела часовникот за наддавање за цена меѓу два и четири милиони долари, прикажувајќи го како „реликвија од Втората светска војна со историска големина“.
Историчари, сепак, сметаат дека станува збор за претерување инсистирајќи дека часовникот нема никакви историски вреднисти. Сепак, за овој личен предмет на нацистичкиот водач , анонимен купувач платил 1,1 милиони долари. Панагопулос тврди дека купувачот е некој европски Евреин.
Часовикот бил запленет од еден француски војник кој го има откриено на 4 мај 1945 година, кога неговата единица навлегла во една од викендичките на Хитлер, во баварските Алпи. Хитлер се самоуби во својот бункер, во Берлин, на 30 мај таа година- за да не биде заробен од сојузниците кои навлегувале во градот.