Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британците сакаат нова „челична леди“

"Foreign Minister Liz Truss in a call wit" (CC BY-NC-ND 2.0) by UK Government

Британците сакаат нова „челична леди“

Во Британија, зафатена и таа со „библиската суша“ која „шета“ низ континентот, од кого државата се раздружи со Брегзит, но и натаму ги дели со него истите проблеми, во тек се изборите за нов лидер на владејачката Конзервативна партија. Гласаат само оние 200 илјади членови на партијата, но нивното гласање (по пошта) кое трае до почетокот на септември, внимателно го следат и сите други Британци.

Затоа што победникот во сегашнава ториевската изборна трка (се натпреваруваат Елизабет – Лиз Трас, сега министерка за надворешни работи и доскорешниот министер за финансии Риши Сунак) ќе биде автоматски и премиер на Обединетото кралство.

Новиот премиер, исто така, ќе ги предводи конзервативците на следните парламентарни избори – за нешто над две години, колку има до крајот на нивниот сегашен мандат, а ќе биде и една од двете изборни опции на британските гласачи, во мај 2024 година.

Лојална соработничка

Тоа ги прави овие партиски избори политички важни за сите во Британија, колку што им е важна актуелната временска ситуација, каква Британците (обично) немаат. Крајно нетипично за земјата – жешко лето, со пожолтени лондонски паркови и со исушена англиска трева, со драстично намалување на нивото на реките и со пресушување на еден од изворите на Темза.

Во едни вакви жешки – климатски и политички – услови, тече изборната трка меѓу Трас и Сунак. Трката во еден момент изгледа како да е веќе одлучена, а во друг дека и двајцата кандидати може да се надеваат дека ќе се преселат во Даунинг стрит 10, од каде веќе се пакува за да се исели, премиерот на заминување Борис Џонсон.

Иако се сопартијци, двајцата претенденти за нов лидер и премиер, политички прилично се разликуваат.

Лиз Трас е искусна во политиката, со долго работење во разни сектори во последните три конзервативни влади (Камерон, Меј и Џонсон). Таа е позната како лојална соработничка на оној кој ја предводи владата и на ториевската идеологија. Беше против Брегзит, но како министерка работеше на конечното заокружување на излегувањето на Британија од ЕУ.

Остана до крај лојална на Џонсон и (за разлика од Сунак) не поднесе демонстративна оставка во текот на министерскиот пуч против премиерот.

Поборник за нов „тачеризам“

За неа велат дека има пристоен семеен живот, што е важно за конзервативците, без бранувањата со кои во последно време е опфатена партијата. И, над се, не сокрива дека нејзин политички идол е Маргарет Тачер.

Таа уште пред да остане во финалето на изборната трка има речено дека е приврзаник на моделот во политиката и во управувањето со владата, што го има создадено Тачер.

Сунак кој е Британец со индиско потекло и може да стане првиот премиер во британската историја од редовите на малцинствата, доаѓа од бизнис крилото кај ториевците. Израснат и уреден е како типичен британски конзервативец тој важи за добар министер за финансии додека ја објавуваше таа функција и (изгледаше) дека му е лојален на Џонсон кој го постави на најважната владина позиција.

Меѓутоа, не само конзервативците, туку и британската јавност му замера што се покажа нелојален кон премиерот и практично тој, заедно со Саџид Џавид (министер за здравство, а пред тоа за финансии) го собри Џонсон, веќе растресениот од неколкуте афери.

Сунак како Гордон Браун

Сето тоа наликува на нелојалноста на Гордон Браун и неговата лажна верност кон Тони Блер во редовите на лабуристите, од пред петнаесетина години, за кого се знаеше дека зад грбот работи на соборувањето на Блер – за да себе си се постави на премиерската функција. Успеа да влезе во Даунинг стрит 10, за да го доработи мандатот на премиерот кој се повлече, но доживеа пораз кога требаше да се избори за свој премиерски мандат.

Иако, времето и политичките прилики во двете партии меѓу Блер/Браун и Џонсон/Сунак се сосема разликуваат, Британците не веруваат во Сунак кога станува збор за лојалноста и предаденоста кон работата, сметајќи дека личната амбиција го има водено да предизвика влаина криза и сменување на премиерот – со изнудена оставка.

Освен тоа, Сунак е бизнисмен, а тоа е и неговата (богата) сопруга. Како што се тврди, таа нема намера да биде само „Прва дама“ на Британија, и да се откаже од бизнисот кој го има, па се смета дека би можело да дојде до судар на интересите, доколку Сунак стане британски премиер. А, шансите за тоа не му се загубени.

Лиз Трас во водство

Особено што анкетите правени на државно и на партиско ниво, прилично се разликуваат. Во истражувањето на агенцијата Ју – Гав, направена меѓу сите Британци, Лиз Трас е во уверлива предност пред својот противкандидат. Дури 67 отсто од анкетираните смета дека актуелниот шеф на Форин Офисот е подоброто решение за Британија. Само 33 отсто веруваат во Сунак како премиер.

Една од големите предности на Трас, се смета, дека е токму нејзиниот „Тачеризам“, затоа што после годините на Џонсон, скандалите и сегашната економска криза, земјата има потреба од лидер каков што беше Тачер кога ја има преземено функцијата, во 1979 година. Луѓето веруваат дека ова е време за нова „челична леди“.

Во анкетите, правени меѓу членовите на Козервативната партија, меѓутоа, разликата меѓу двајцата претенденти е помала. За Трас се имаат определено 48 отсто од ториевските гласачи, додека за Сунак 43 отсто.

Поддршка од мнозинството министри

Но, 60 отсто од анкетираните во ова истражување, смета дека Трас има подобри и посвежи идеи за даноците и за борбата со растешката и веќе рекордна инфлација, како и за сопирање на илегалната имиграција и околу грижата за старите луѓе.

За Сунак, пак, се смета дека е поквалификуван за премиер, зашто може да биде поавторитарен. Трас, пак, е во предност кога станува збор за градењето на надворешната политичка позиција на Британија – сега кога по Брегзит земјата е изолирана во Европа.

Таа е на тврдата линија (на Џонсон) кон Русија и руската агресивна политика, не само кога станува збор за војната во Украина, туку и за заканата за Европа и за Британија од страна на путинова Русија.

За предноста на Трас, конечно, зборува и податокот дека мнозинството од актуелните членови на владата, застанаа зад нејзината кандидатура. Дури и оние кои и беа противкандидати во првичната фаза од изборниот процес во партијата. Секако, тоа е затоа што веруваат дека таа ќе биде новиот премиер и за нив ќе има место и во новата влада.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе