Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Неизвесно по контра офанзивата на Украинците

Justin Ziadeh/Unsplash

Неизвесно по контра офанзивата на Украинците

Во само четири денови украинските воени сили успеаја одново да заземат околу шест илјади квадратни километри од територијата на Истокот од земјата, во реонот на Харков и на областа јужно од градот, кои беа под руска контрола. Силната контра – офанзива ги натераа Русите на повлекување кон Донбас и кон деловите на Донецката област што руската војска и натаму ги поседува, а во исто време им го отвори патот на Украинците кон државната граница со Русија.

Ваквиот развој на ситуацијата предизвика изненадување и збунетост во Москва, што најдобро се виде во неделата (11 септември), кога државните ТВ канали, програмите со вести (за прв пат) ги започнаа со загриженост за најновиот развој на настаните во Источна Украина, наместо со вообичаените пропагандни прилози за „успешното одвивање на специјалната воена операција“ на руската војска.

До линијата од Минск

Од Киев веднаш потоа беше соопштено дека рускиот претседател го сменил од должноста – главен командант на харковскиот фронт, генералот Роман Бердников кој беше само 16 денови на таа должност.

Генералот – како што се вели – бил сменет затоа што не успеал да ја спречи украинската контра – офанзива, но и затоа што нема успеано да го одржи висок и дури и да го подигне моралот на војниците. Украинската страна тврди дека моралот не е само низок, туку постојано се намалува, затоа што руските војници не ја сакаат оваа војна – чувствувајќи дека војуваат против „свои блиски, за кои мислеа дека им се како браќа“.

Официјална Москва за сето ова (засега) нема реагирано. Нема ниту потврда за „чистките“ во командниот кадар кој не успева да ја стабилизира ситуацијата на теренот, иако украинските војници се доближува до линијата на раздвојување, повлечена во 2014 година, по бунтот во Луганск и Донецк, што до инвазијата од февруари годинава, беше линијата на прекин на огнот, повлечена со првиот договор од Минск.

Панично бегство од фронтот

Западни воени експерти објаснуваат дека најважните украински постигнувања во сегашната офанзива се заземањето на градот Купјанск, што се означува како логистички центар, затоа што преку неговата железничка станица се врши дотур на оружје и муниција за руската војска, како и градот Изјум, кој се означува како појдовна позиција за офанзива кон Донбас.

Украинците тврдат дека руската војска е “во состојба на хаос и на расуло“ затоа што во текот на напредувањето, украинските сили имаат запленето многу оружје, муниција, па дури и тенкови, што Русите ги оставаат, бегајќи од борбените линии за да не бидат заробени.

Има сознанија и дека дел од руските војници ја отфрлале униформата и се преоблекувале во цивилна облека, за да полесно се извлечат од фронтот.

Западни експерти ја фалат украинската контра офанзива, која потврдува дека оваа сегашна армија е далеку понапред – и организационо, а не само според оружјето што го поседува, добиено од западните сојузници – најмногу од САД, Британија и Германија. Според бројноста на силите на источниот фронт, Украинците сега се во предност пред Русите (8 спрема 1) и тоа има дава можност за натамошно напредување.

Како ќе реагира Русија

Сепак, овие експерти предупредуваат дека победата за која зборуваат во Киев е далеку и дека за тоа ќе треба да се почека. Затоа што не се знае како сега ќе реагира руската страна, која секако, нема да остане во дефанзива и да се повлече. Она што не се знае, тоа е каде и на кој начин би реагирала руската војска – дали со офанзива во некој друг дел од Украина, или со силен против – напад на Истокот од украинската територија, што Москва сака да го задржи по секоја цена.

Особено по силното ракетирање во текот на ноќта меѓу неделата и понеделникот (11 и 12 септември) кога беа погодени бројни цивилни објекти и неколку украински термоелектрични централи, по што делови од харковската област останаа без струја. Властите во Киев тврдат дека станува збор за одмазда и за казнување на обичните Украинци за успехот на нивната армија на фронтот.

Конечно, неизвесно е што ќе уследи по украинската контра офанзива.

Дали тоа ќе предизвика интензивирање на воените дејствија со употреба на нови оружја, или ќе ги натера и двете страни да се вратат на преговорите и да бараат некакво решение, или прекин на огнот, пред настапот на зимата. Во овој момент никој не зборува за дипломатско решение.

Повик за казнување на Украинците

Воени експерти предупредуваат дека сега и украинските сили се соочуваат со ситуацијата во која шест месеци се наоѓаат Русите – како да се продолжи понатаму и дали за тоа војската на Украина има сили и луѓе и логистичка подлога за завршните операции за ослободување на целата украинска територија – како што тоа го зборува Володмир Зеленски. Опасноста да „заглават“ како што тоа сега им се случува на Русите е мошне реална.

Во меѓувреме, во Москва, воено – хушкачките новинари и ТВ водители на водечките станици, продолжуваат да ја палат атмосферата, барајќи од војската и од Владимир Путин остро да реагираат и сурово да ги казнат Украинците, обичните луѓе, за нивата нелојалност и за нивниот отпор кон Русите.

Новинарката Маргарита Симонијан (од Раша Тудеј) бара „бомбардирање на украинската цивилна инфраструктура“.

Според неа, на „неослободената украинска територија“ (мисли на целата земја што не е под руска окупација) армијата на Путин би требало да ги бомбардира сите термоцентрали, па дури и нуклеарките, за да им се предизвика мачнотија на Украинците, што Симонијан ги означува како руски непријатели.

„Да ги оставиме да умираат“

Воениот репортер Максим Фомин, кој во сегашните воени услови се има прекрстено во Владлен Татарски, повикува на ракетирање на целата територија на Украина. „Треба да им ја уништиме целата инфраструктура, па потоа да им се уништат болниците и центрите за храна и снабдување. Ништо да им функционира и да ги оставиме за умираат“!!

Така мислат некои влијателни новинари кои на тој начин го креираат јавното мислење во земјата, за и околу војната, но известувачи од Москва тврдат дека тие не се единствените. Се има огласено и Дмитри Медведев, за кого се вели дека го зборува она што Путин го мисли, порачувајќи му на Киев дека „ова сега е само фаза пред загревање“ и дека Русите се уште не го кажале својот збор.

Меѓутоа, воинствениот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, по подолго време, одново зборува за преговори.

Неговата порака од едно интервју на московската телевизија е дека „Русија не одбива преговори и дека со тоа не би требало да се одлага“ – порачувајќи му на Киев дека во секој случај, руската страна ќе ги исполни целите на „специјалната воена операција“

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе