“Ноќните волци” на Кремљ се сместија во Словачка
Руската националистичка банда-моторџии, наречена „ Ноќни волци„ од неодамна создаде своја база, во срцето на Средна Европа, во Словачка. Базата е сместена во словачкото село Долна Крупа, околу 70 км. од главниот град Братислава и за неа во Москва тврдат дека е „европско седиште„ на моторџиите, додека тие самите, словачката база ја означуваат само како „музеј на Втората светска војна„ во чест на советските војници кои учествуваат во уништувањето на нацизмот и на советските моторизирани единици.
Дружината на моторџиите важи за мошне блиска до Кремљ, па тие уште се нарекуваат и „волците на Путин„ . Нивниот предводник, извесен Александар Залдостанов учествувал во 2011 година, заедно со рускиот претседател на еден фестивал на моторџии во Новоросијск , а две години подоцна, во 2013 , Путин му доделил одликување на Залдостанов, руски Медал на честа.
Не се знае дали медалот му бил доделен затоа што рускиот претседател и самиот сака повремено да вози некој од моќните моторцикли, или пак бандата моторџии има и друга улога, но факт е дека надвор од Русија, на нив се гледа како на „опасно орудие„ на официјална Москва, во Средна Европа, на истокот од континентот што некогаш беше дел од советската комунистичка империја, како и на Балканот.
На Западот се смета дека „волците„ во општо не се никаков декор на „новото руско општество„ налик на американските моторџии кои талкаат низ патиштата по САД и главно создаваат проблеми за полицијата, каде минуваат. Тие самите сакаат така да се гледа на нив, но западни безбедносни експерти тврдат дека руските тајни служби ги користат моторџиите за свои потреби, како и за регрутирање „доброволци„ за борба со бунтовниците во Источна Украина, прротив владата во Киев.
Имаат околу пет илјади припадници, како и филијали во Словачка, но и во Србија, Романија, Бугарија и Македонија. Секоја година, прават турнеи низ европскиот континент, за да како што велат, го одбележат крајот на Втората светска војна, но ја промовираат и руската доминација, рускиот национализам, православието и омразата кон Западот, како и „новата историја„- а тоа е дека Крим бил и ќе остане само руски, дека Сталин не бил диктатор, туку херој, а дека НАТО е „криминална„ организација.
Властите во Словачка со загриженост гледаат на сместувањето на путиновите волци на нивната територија. Земјата е членка на ЕУ и на НАТО, а како дел на поранешна Чехословачка беше сојузник на СССР и од него прдводениот Варшавски пакт, во текот на Студената војна и сметаат дека базата кај Долна Крупа претставува „сериозен безбедносен ризик за земјата„.
Словачкиот претседател Андреј Киска, во изјава за домашните и странските медиуми има речено дека „волците се орудие на режимот што е вклучен во окупацијата на соседната земја (Украина)„. Во 2016 година, Латвија ги протера руските „Ноќни волци„ од својата територија, додека Полска им го забрани влезот , по што до владата во Варшава, уследи службен протест од руското Министерство за надворешни работи.
САД од порано ги имаат ставено под санкции целата оваа националистичка дружина, нејзините припадници , моторџиите, како и нивниот водач Залдостанов, кого го нарекуваат „хирургот„ . Според американските власти, „волците„ на Путин се дел од спроведувањето воена помош за бутовниците во Донецк и Луганск, два украински региони за кои руските националисти тврдат дека треба да бидат дел од Русија.
(А.И.)