Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Од Европа протерани 400 руски шпиони

Од Европа протерани 400 руски шпиони

Од територијата на Европа досега се протерани над 600 дипломати на Русија, од кои 400 се шпиони- оперативци на руските тајни служби.

Се смета дека станува збор за „најголемиот стратешки удар врз Москва“ што го има направено Владимир Путин- и самиот оперативец на КГБ, пред да влезе во политиката –  да остане изненаден од обемната и силно солидарна операција на европските безбедносни служби.

Директорот на британското МИ-5 Кен Мекарам во својот годишен извештај за дејствувањето на британското контра-разузнавање во борбата со руските тајни служби и другите кои дејствуваат на британско тло, има речено дека Британците ги користеле мерките кои се имаат усвоени по труењето на рускиот дисидент Сергеј Скрипал и неговата ќерка, во 2018 година, од страна на руската тајна служба ГРУ.

Обидот за убиство на Скрипал, со помош на нервниот агенс „новичок“ , се случи во англискиот град Солзбери, каде поранешниот руски разузнавач сега живее.

Хакерски напади и пласирање дезинформации

Од тогаш, практично,  почна протерувањето на руските шпиони инфилтрирани во Британија. Од тоа време, па до сега, официјален Лондон има одбиено над 100 руски барања за добивање дипломатска виза  зад која многу чести се наоѓаат лица чија основна работа во Британија е да ја шпионираат земјата-домаќин. Сите вакви решенија се објаснуваат со државната безбедност.

Европа значително ја засили будноста и надгледувањето на работата на Русите, непосредно пред и по инвазијата врз Украина, од кога се започна со протерувањето на прикриените разузнавачи и на дипломати кои се занимаваа со шпионски активности.

Станаа познати и сите „алатки“  кои ги користат тајните служби на Москва. Сите тие се насочени кон дестабилизација на Западот, на ЕУ и на земјите кои се кандидати и на НАТО алијансата , а пред се,  се однесува на  сајбер нападите, а потоа и со ширењето лажни вести, правењето и пласирањето дезинформации.

Заканата од олигарсите на Путин

Но, контра демократскиот свет се користат  и  класичната шпионска работа , како и мешањето во демократските процеси.

Станува збор за мешањето во политичката активност на секоја земја , или во нивните избори, така  што се настојува да се шири дестабилизација во една земја, или во еден  регион, како што е тоа случај со Западен Балкан и со Балканот , воопшто. Во Британија, пак, целта е да се промовира оваа земја во некаков „полигон“ за дејствување на руската шпионажа.

Оценка на британските тајни служби и на МИ-5 е дека посебна закана во таа шпионска војна на Русија, се нејзините олигарси- руските милијардери кои се врзани за рускиот претседател. А тоа се повеќето од нив.

„Некои негови играчи ( на Путин) веќе се успешно исфрлени од играта, па сега, дома, во сопствената соблекувална, се обвинуваат меѓусебе. Но, ние веруваме дека одново ќе се обидат да напаѓаат, враќајки се на теренот и во играта“- има речено директорот на британското контра-разузнавање , користејќи се со фудбалската аналогија и правејќи алузија на слулајот со Роман Абрамович.

За него  сега се тврди дека во 2004 година  бил „испратен со задача од Путин да купи и да направи успех со еден англиски, лондонски клуб ( во случајот тоа е „Челси“) што тој успеа да го постигне , пред операцијата да биде  провалена, -со агресијата врз Украина.

 „Кинески полицајци“ низ Британија

„Силовниките“ во и околу Кремљ веќе и не кријат дека Москва се меша во парламентарните избори на Западот и на неговите сојузници, дури и не сокривајќи дека тоа ќе го прави и во иднина, како  што постои сомневање дека ниту Британија не е исклучена од таквите руски операции.

Проблемот се усложнува со тоа што Русија не е сама во оваа безбедносна војна, па затоа,  за МИ-5, Кина станува најголемата долгорочна закана за Британија.

Станува збор  за тајна кинеска операција- со разни притисоци, кинеските државјани да се натераат да се вратат дома, во Кина. Но,  и да се вознемируваат таму каде престојуваат и работат,потоа  да се малтретираат- психички и физички- и врз нив, дури да се практикуваат и напади.

Таа тактика на застрашување, на политичките противници и неистомисленици, Кинезите ја шират насекаде низ свеотот , но се покажа дека ја применуваат и во Британија, врз тамошните Кинези.

На пример, неодамна еден продемократски  (кинески ) демонстрант беше жртва на напад и претепување , пред зградата на конзулатот на НР Кина во Манчестер, од страна на службеници (безбедњаци) во конзулатот.

Надгледување на дијаспората

Минатиот месец, еден противник на режимот на Си Џинпинг бил грабнат на улица, внесен во зградата на кинески конзулат и потоа претепан, од тепачите во конзулатот.

Такви пресметки, дури и на јавно место, не се невообичаени за една режимска, авторитарна држава каква е Кина. Таму,  дури и на седница на Конгресот на владеачката КП, може насила да биде одведен и поранешниот генерален секретар на партијата , инаку претходникот на Си, а овој мирно , од своето место, да го посматра одвлекувањето. Веднаш потоа, Си беше избран за трет мандат, пракса прекината од времето на Денг Хсиапинг , што е најава дека сегашниов лидер го враќа култот на личноста од времето на Мао Цетунг.

Брианските медиуми ги искористија инцидентите со кинескиот персонал во конзулатот во Манчестер и „елиминацијата“ на противникот, среде   седница на Конгресот на КП Кина, за да тврдат дека Пекинг има испратено  свои полицајци и безбедњаци, во Британија, а и низ Европа, кои ги користи за надгледување на кинеската дијаспора по градовите.

Посебно за контрола на нивното политичко дејствување , претворени во „туристи“ или „гости“ во Британија, тие шетаат и гледаат, а  потоа дејствуваат-  одведувајќи ги , или казнувајќи ги на разни начини противниците на режимот.

(Д.Л.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе