Парите од ЕУ го јакнат полскиот суверенитет
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки смета дека долгиот спор на Варшава со Брисел и со ЕУ околу контроверзната и во основа спротивна на европските правила реформа на полското правосудство и независноста на судиите- треба конечно да се заврши.
Поради тој спор, Полска не ги добива парите од специјалниот Европски фонд за опоравување на земјите- членки, после глобалната корона пандемија. Според полскиот премиер спорот многу поввеќе и наштетува на полска и на полската економија, а преку тоа и на полските граѓани и сето тоа се случува кога вистинскиот и тоа вооружен судир е распален и гори во полското соседство- во Украина.
Антиевропска реформа
Ова е прв пат волку висок функционер на Полска да бара затворање на расправијата со Брисел , откако ЕУ ја има повеќепати претходно предупредувано Варшава да ги усклади своите судски реформи со европските, односно да не ја загрозува слободата и независноста.
Принципот на ускладување на правосудството со правилата за демократија и независност на судскиот систем, со правилата на ЕУ, Полска го има подржано и прифатено при влегувањето на земјата во Унијата, во 2004 година. Тие правила Брисел ги брани затоа што се еден од темелите на европската интеграција и на ЕУ, па постојано ги бара како предуслов од сите земји кои се кандидати, или претендираат да бидат дел од Унијата.
Варшава почна да се извлекува од прифатените обврски при влегувањето во ЕУ, откако во Полска на власт дојде конзервативната и националистичка влада , создадена од владеачката партија Право и Правда, на која и припаѓа и Моравјецки. Фактичкиот лидер на земјата, иако без државничка функција, Јарослав Качински ја покрена тезата дека членството во ЕУ не смее да ја загрози националната посебност на земјите членки и над се – да се постави над парламентите во секојка од земјите на Унијата.
Истомисленици во Источна Европа
Во Брисел тоа беше прикажано како замена на теза, затоа што ЕУ не загрозува ничија национална посебност, туку бара стриктно придржување кон правната држава и слободното судство кои се основа на секоја демократска држава.
А, токму тоа го нарушува полската контроверзна реформа на судовите- затоа што овозможува партизација на судството, што инаку им се зема за зло на земјите кандидати за Унијата и бара од нив ссето тоа да се исправи.
Европската комиија, прво на неколку пати ја предупреди полската влада да ги почитува европските принципи и правила и да ја суспендира реформата, или да изготви сосема нова верзија на законот за судовите. Кога тоа не помогна, Брисел ја примени клаузулата за блокирање на европските паи во случај на непочитување на правната држава.
Во тој период, полските конзервативци и националисти, најдоа истомисленици во Будимпешта, кај Виктор Орбан и кај таквите партии во Чешка и посебно во Словачка, кога беа на власт во тие земји. А, на пат за приклучување во ова друштво беше и Словенија со десничарот Јанез Јанша.
“Hanibal ante portas”
Но, Прага и Братислава брзо се оладија од својот неизживеан источноевропски национализам. Словенците брзо пресметаа дека ќе загубат многу продавајќи национализам, а словенечките гласачи во првата прилика се ослободија од режимот на Јанша, па остана само Унгарија и тамошната националистичка, семоќна партија на власт Фидес – да војува со Европската комисија и со Брисел, само за да се одржува автократската власт на Орбан.
Од неа, сега бега и полската партија Право и Правда, гледајќи како Унгарија тоне во изолационизам во Европа, терајќи инает со ЕУ и со Брисел , уште и другарувајќи со путинива Русија, кога Владимир Путин безмилосно ја уништува Украина- за да целосно ја покори. Затоа, Моровјецки смета дека веќе е врема да се прекине со спорењето со Унијата. Особено што Полска губи големи пари кои во сегашната економска ситуација во ЕУ и во Европа и се многу потребни. Згора на се-е исплашена од источната руска закана.
„Hanibal ante portas (Ханибал е пред вратата- мислејќи на Путин). Русија е денеска таа која ја загрозува нашата ( полската) слобода. Изложени сме на економска војна и ние и Европа, на хибридна војна, на војна со дезинформации , со путинфлација и со цената на енергијата. Тоа се големите предизвици на денешното време. Спорот со ЕУ, затоа, мора да се заврши , затоа што вистинскиот судир е источно од Полска“- има речено Моровјецки.
Блокада на парите од ЕУ
Полскиот премиер кој во август годинава , избрзано и неконтролирано има речено дека „ЕУ има империјалистичко однесување кон помалите земји-членки“ што е и крајно неточно затоа што Полска сега е пета економија во Унијата, сега зборува сосема поинаку.
Смета дека средствата од фондовите на ЕУ не ја ограничуваат полската сувереност ( затоа што сега се условени) , туку напротив – ја јакнат сувереноста.
„Полска е повеќе суверена само доколку е економски и воено силна. Тоа мораме да го кажеме и отворено да го признаеме. Парите од ЕУ го зајакнуваат нашиот суверенитет , дури и тогаш кога во некои области мораме да се повлечеме“- признава Моравјецки.
Европската коммисија повеќе од 21 месец го блокира користењето на масивните 35 милијарди евра од Фондот за обнова по пандемијата. Соседна Чешка, на пример, или една Хрватска веќе примаат пари од тој Фонд за опоравување на нивните економии.
Одлука во јануари
Варшава го смени од функцијата министерот за европски прашања, а новопоставениот Шимон Шинковски веќе работи со Брисел на изнаоѓање компромис , за кој двете страни велат дека е постигнат, со што би се тргнала блокадата на Брисел, бидејќи Варшава сега има прифатено да ги исполни главните европски стандарди- обезбедување независност на судиите и судовите.
Владата на полскиот Парламент му понуди нова верзија на законот за судовите и за Врховниот суд. Меѓутоа, како сега стојат работите, на донесувањето на новиот закон- со кој се поништува досегашниот, антиевропски -ќе мора да се чека до јануари, откако се спротивстви претседателот на државата Анджеј Дуда- владата претходно не го консултирала. Проблеми создава и помалиот партнер во владината коалиција , партијата Солидарна Полска , која го има изработено ваквиот закон и која и сега инсистира тој да не се менува.
Полските медиуми, затоа, пишуваат дека при гласањето владата ќе мора да се потпира врз гласовите на опозицијата . Таа од почетокот е против направената судска реформа со која – државно ( владино) тело ги санкционира судиите, со што во основа значи укинување на судиската автономија.
Во првите 15 години членство во ЕУ, до 2019 година, Полска има примени 135 милијарди евра европски пари.
(В.П.)