Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Време за договорен мир?

Julia Rekamie

Време за договорен мир?

Триста денови поминаа откако путиновата војска се нафрли врз Украина , за да освојува територии кои некогаш биле  царски и императорски, а подоцна биле дел од пропаднатиот  СССР, измислувајќи притоа  цела низа причини за да се оправда нешто што современиот свет и меѓународната заедница не може да прифати- окупираните територии да се анектираат и да се приклучуваат кон денешна Русија, со која 70 годишниот руски претседател настојува царски да владее.

Од  Кремљ и после десет месеци од инвазијата, продолжуваат да зборуваат за „специјална воена операција“, а не за војна. Своето  население и Европа и светот настојуваат и натаму –  после 300 денови брутална војна и варварско однесување- да ги уверуваат дека Русија никого нема нападнато (!?). Односно,  дека Москва не сака ниту да го споменува зборот војна, зашто во минатото била напаѓана и таа е против војните.

Војна за казнување на Украинците

Во таа  „специјална операција“ на Владимир Путин , во хитлеровски стил, се уништува соседната држава, се напаѓаат цивилни објекти, станбени блокови, болници, па дури и породилишта,  нападот врз една независна, суверена земја, членка на ОН, арогантно се означува и како „ослободителна“ мисија во која божем се бранела Русија.

Газејќи ги притоа и одлуките на истата таа Русија,  која од 1991 има договор за признавање и  почитување на нејзиниот територијален интегритет ( со Крим и Донбас , како украинска земја) , откако на референдум, над 95 отсто од населението на Украина се определи за независност – одделно од Русија.

Војната за распарталување на украинската територија, меѓутоа, е казнена експедиција на руската војска, главно составена од малцинските народи во Русија, од платеници од паравоените сили „Вагнер“ и од наемни борци од  Русија, од  Балканот и од Блискиот Исток, како и на мобилизираните затвореници- во најголем број сурови убијци- осудени на долги затворски казни.

Целата оваа путинова шарена  армада, само е насочена сурово да ги измачува и да ги казнуваат Украинците , затоа што одбија да се предадат после првите денови од инвазијата и уште пружаат силен отпор- не сакајќи одново да се претворат во сателитска држава , со која ќе се командува од Кремљ и од Москва.

Затишје на фронтот

Во таа операција, замислена да трае десет денови, загинаа многу „обични„ луѓе – Украинци, чија единствена вина е  што остануваат лојални на власта во Киев која Москва ја смета за „нацистичка“ и сака да ја собори, а тиа се подготвени да издржат не сакајќи да се предадат и да капитулираат пред Русите кои од братски народ станаа непријатели.

Но,  и над 15 илјади Руси ( без „вагнеровци“ и квислиншките борци од Донбас) се проценува дека се убиени и се загинати во оваа руска империјална војна.

На мајките на убиените војници ( чија просечно старост, велат, изнесува  дваесетина години) , Путин студено ќе им порача дека така морало да биде, затоа што војната била оправдана. На Европа и светот ќе им рече дека од 24 февруари наваму се имаат случено промени кои водат на добро, веројатно, тој смета  дека Русија сега станала „голема сила“. А, на оние кои се на фронтот и можат да загинат, им испрати воена музика- за да се зголемел нивниот борбен морал.

После  десет месеци војување и уништување на една европска земја која излегува дека е „виновна“ што сака самата да го одбере патот на својата иднина- како што тоа го направија државите од некогашниот источноевропски , комунистички блок – на фронтот како да има некакво затишје.

Сугестиите на Хенри Кисинџер

Не е во прашање наближувањето на Божик и Нова година, туку потребата на Москва за „земање здив“. Тој е потребен за прегрупирање на војската, за обнова на вооружувањето, како и за обука на мобилизираните, откако стана јасно дека барем 500 од нив се веќе загинати.

Путин сега  настојува да ја вовлече и Белорусија во својата војна и да ја искористи за една нова офанзива против Украина- до неговата конечна победа која му е толку потребна на неговата нездрава суета.

Во една таква атмосфера- во која украинската страна не се откажува од борбата до конечна победа, а руската до соборување на Володмир Зеленски и легално избраната власт во Киев- се огласи Хенри Кисинџер (99), американски дипломат од времето на Студената војна Железната завеса, со порака дека е време да се запре украинската војна и да се договори мир- додека – како што самиот вели- не биде предоцна и се да заврши со нова, светска војна.

Неутралноста  веќе нема смисла

Кисинџер кој со својата тајна посета на Пекинг го отвори патот за влез на НР Кина на Мао Цетунг во ОН и за воспоставување на односи со САД, додека со СССР ја уреди политиката на Детант во односите меѓу Москва и Вашингтон- сега вели дека „ се приближува времето да се работи на стратешките промени кои веќе се постигнати , за да тие се интегрираат во новата структура и за да се дојде до мир по пат на преговори“.

Според него, мировниот процес би требало да ја поврзе Украина со НАТО, без разлика како тоа би се извело, затоа што алтернативата за прогласување на неутралност ( на Киев) повеќе нема никаква смисла.

Ова е некоја нова варијанта на идеите и предлозите што остарениот Кисинџер на неколкупати ги изнесува , преку авторски текстови во весниците, откако неговата идеја од мај, за прекин на војувањето, со враќање на Русите на линијата пред 24 февруари, додека за Крим би се преговарало, исто така сега е без смисла.

Едноставно,  Русија тоа веќе го има одбиено, бидејќи се подготвуваше да ја анектира територијата што ја има освоено во источна Украина, иако во тоа време Зеленски и Киев се согласија и за неутралност и за откажување од членство во НАТО и за десетгодишен период за потрага по решение на статусот на Крим.

Москва сака наметнат мир

Меѓутоа, договор за мир , не само за прекин на војувањето, Москва не сака. Или ако таму и воопшто зборуваат за мир, бараат тие да ги диктираат условите- односно да се договори мир каков што го наметнува Кремљ.

Тоа значи дека Путин и неговите , не помислуваат за вистински преговори за завршување на војната. Особено што и Зеленски кој престојува во САД, за прв пат излегувајќи од Украина , од инвазијата, ги зацврстува максималистичките барања- зачувување на територијалниот интегритет и целовитост на Украина и плажање отштета за раззурнувањето и уништувањето на нејзината територија

Кисинџер, пак, сугерира дека доколку не може никако да се обезбеди враќање на состојбата од пред 2014 година, како опција да се сугерира организирање референдум – под строга меѓународна контрола – на териториите што Путин ги има анектирано.

Нека луѓето самите- без разлика дали се Руси, или само зборуваат руски јазик, или се Украинци, да се определат каде сакаат да живеат- во Украина , или територијата на која се наоѓаат да се приклучи кон Руската Федерација.

Киев не ги прифаќа сугестиите

Нема некои реакции , барем не јавни, на сугестиите на овој ветеран на американската политика- добитник на наградата за мир за мировниот договор со Виетнам- ниту од Вашингтон, а ниту од Москва.

Од Киев, само порачаа дека она што се заговара е – да се распарчи една земја, за да има мир во Европа, како и дека треба да се прифати и да се премине преку сите зла што Путин ги има направено, уште продолжувајќи да ја глоифицира војната за која нема никаква оправдување- за да престане боррбата за демократијата, против злото.

На некој начин тоа е одговор и на еден постар текст на Кисинџер ( март 2022) во која низ приказ на  историјата се обидуваше да ја оправда )објасни) првата руска инвазија, кога беше анектиран Крим со лажен и наместен референдум.

Приказните се за тоа  дека Украина од  секогаш се третирала како „руска земја“  , дека првото име на државата Русија е – „Киевска Русија“ , а дека Украина е независна само 31 година ( од 1991 година). Но, тоа само ја иритираше повеќе украинската јавност, затоа што тоа значи дека и цела низа европски држави ( па и Македонија) би требало да коленичат пред своите поранешни господари, затоа што од скоро се независни.

Нема мир со Путин

Како што е без основа и критиката кон ЕУ која (наводно)  се нема снајдено околу примената на договорот од Минск, во 2014 година.

Кисинцер е познат по својата детантовска филозофија дека за мир во Европа најважно е да се спогодат Вашингтон и Москва, според принципот ова е мое, а ова е твое, но таа филозофија е од минатото, а токму Путин сега ја има обновено , враќајќи ја Железната завеса и настојувајќи да се преговара од позиција на сила.

За да се создаде некакава нова варијанта на СССР, нешто како источна  Европска Унија, идеја со која ги заведува новите русофилски кадри од Западен Балкан ( македонската опозиција), да станат дел од  друштвото од некогашниот Советски Сојуз.

Излегува така, дека договорен мир тешко дека ќе може да се изведе со Владимир Владимирович.Не  само во Киев, туку и во руската јавност, полека преовладува мислењето дека крај на војната и мир може да се изведе само без Путин.

Доколку и нема нова офанзива- за годишнината на инвазијата- Кремљ ќе се обиде да ја „замрзне“ војната, продолжувајќи да ја уништува Украина и да ги измачува Украинците. Според  она- ако не може да биде моја  путинова земја,  нека страда и  нека продолжи да опстојува со помошта на Западот, но без да егзистира како нормална, слободна држава.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе