Поврзете се со нас

Skopje Global

Технологија

Фејсбук ќе плати отштета од 725 милиони долари

Фејсбук ќе плати отштета од 725 милиони долари

Американската компанија „Мета“ во чија сопственост е Фејсбук , сепак, попушти во своето инаетење и се согласи на спогодба , според која ќе плати 725 милиони долари отштета (казна) во познатиот случај во кој беше обвинета-  дека им дозволила на трети странки , вклучувајќи ја и фирмата „Cambridge Analytic”, да имаат пристап до личните податоци на корисниците на Фејсбук.

Со ваквото решение на Мета, се затвора четири годишниот долг и развлечен спор по тужбата против Фејсбук , откако во 2018 година се откри дека американската компанија, сопственик на оваа социјална мрежа и дозволила на британската консултантска фирма „Кембриџ Аналитик“ да има достап до  податоците на 87 милиони корисници на Фејсбук.

Највисока досега отштета

Според адвокатите на тужбата, станува збор за највисоката досега спогодба во историјата на американските колективни тужби, поврзани со повреда на приватноста на податоците. Адвокатите тврдат дека договорениот износ како казна, е највисокиот што компанијата Мета на Марк Цукерберг , било кога,  го има платено за да се разреши една колективна тужба.

Цукерберг и неговата Мета долго време одбиваа да признаат дека направила нешто погрешно, што сега, меѓутоа,  е внесена како составен дел на спогодбата која за да стане правосилна мора да биде прифатена и одобрена од сојузен судија во Сан Франциско.

Во подоцнешната фаза од случајот, Мета, сепак,  го промени своето првично однесување и одлучи да ја прифати вината за сторената  грешка. Се смета дека признането се поврзува со заканата – натамошното оддолжување на спорот- негативно да се одрази врз угледот и работењето на Фејсбук.

Изборна кампања за Трамп

„Спогодбата е во најдобар интерес за нашата заедница ( на фејсбуковци), како и за компанијата и нејзините акционери“- се вели во соопштението на Мета по објавувањето дека е постигната согласнист за вонсудска спогодба.

Британската фирма „Кембриџ Аналитик“ во меѓувреме престана да постои- како последица на скандалот во кој се најде и поради она што го има направено.

Таа беше вклучена во изборната кампања на (тогаш) малку познатиот американски богаташ, новак во политиката, Доналд Трамп за претседателските избори во САД во 2016 година. Со помош на дозволата на Фејсбук, британската фирма има користено милиони корисници на социјалната мрежа за „огласување“ и за фаворизирање на Трамп во неговата изборна кампања.

Скандалот што избувна во САД,  но се прошири и во Европа, го доведе во прашање угледот на Фејсбук, кој се рекламира и се фали со тоа дека ја чува и се грижи за приватноста на своите корисници. Во случајот без преседан, се вклучи  и американскиот Конгрес  кој покрена своја истрага на која  беше испрашуван и Цукерберг.

Опфатени околу 280 милиони корисници

Постигнатата спогодба е во полза на корисниците на социјалната мрежа, затоа што значи признание на Мета ( и Фејсбук) дека имаат прекршено низа сојузни и федерални закони , дозволувајќи им на програмерите и на деловните партнери , масовно да ги собираат личните податоци на корисниците на мрежата, без нивна согласност.

Фејсбук се бранеше дека неговите корисници „немаат легитимен интерес за приватноста“, кога ја споделуваат со своите пријатели на социјалната мрежа. Меѓутоа, еден американски федерален судија го отфрли таквото објаснување како „сосема погрешно“ и во 2019 година дозволи парницата да продолжи.

Со спогодбата се очекува да бидат опфатени околу 280 милиони корисници на социјалната мрежа.

Но, засега не се знае колку пари ќе добие секој корисник. Се вели дека тоа ќе зависи од бројот на луѓето кои – сосема оправдано- ќе тврдат дека заслужуваат дел од парите од постигнатата согласнист за исплата на отштета .

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Технологија

Горе