Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Нова „Олуја„ меѓу Загреб и Белград

argus456/BigStock.com

Нова „Олуја„ меѓу Загреб и Белград

Европскиот континент ова лето е зафатен со незапаметени горештини, кои донесоа суша каде обично ја нема, како во Холандија, Германија или Британија, а во Шпанија и Португалија, шумски пожари, но во Југоисточна Европа, а пред се, во регионот на Западен Балкан, високите температури донесоа ново-стари политички караници, зачинети со недипломатска, груба и навредувачка реторика , како и секогаш, наменети за домашни политички потреби.

На почетокот од август, Загреб и Белград се судрија во жестока вербална војна, откако Хрватска ( и овој пат) , помпезно и со доза на претеран национален набој, два дена ( на 4 и 5 август) ја одбележуваше 23-та годишнина од операцијата на хрватските воени и полициски сили, во 1995 година, против самопрогласената „Република Српска Краина„ позната како „Олуја„  , а Србија, посебно нејзниниот државен врв, ( уште еднаш)  на тоа одговори со обвинувања дека Загреб, всушност, го прославува чистењето на таа територија од српското население кое живееше во тој дел на Хрватска.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на еден собир во Војводина, го искористи славењето во соседна Хрватска, за да ја спореди со нацистичка Германија, во текот на  Втората светска војна.

„Хитлер сакаше свет без Евреи, а Хрватска, сакаше Хрватска без Срби„ – рекол Вучиќ, цитиран до српските медиуми, порачувајќи и на домашната и на хрватската јавност, како тој и официјален Белград, гледаат на операцијата и на она што се случуваше пред 23 години.

Хрватската јавност и сите политички партии , ја пречекаа ваквата изјава на Вучиќ со остра осуда , а премиерот Андреј Пленковиќ , во својата прва јавна рекција, рекол дека ова досега е најголемо претерување на српскиот претседател. Според хрватскиот премиер, добро се знае дека „војната се ведеше на територијата на Хрватска, а не на српска територија , дека великосрпскиот режим на Слободан Милошевиќ, имаше извршено агресија врз Хрватска, како и дека со операцијата „Олуја„ е окончана окупацијата„.

Пленковиќ кој не сакајќи натамошно продлабочување на расправиите, порача дека Загреб сака политика на помирување, соработка и добрососедство, но дека за тоа е потребно „соочување со минатото и утврдување на вистината„.

Во Белград, барем јавно, исто така, често се зборува за добрососедство, но овој пат , тоа беше одбегнато. По повод годишнината од „Олуја„ во Белград , во една од тамошните  цркви бил одражан помен за жртвите ( на Србите) , како што е речено од 1991 до 2000 година, а од Хрватска било побарано извештај за цивилните жртви и за ситуацијата за лицата кои, формално, се уште се водат како исчезнати. Во изјави за медиумите, нивните роднини обвинуваат дека нивните домови биле запалени и опустошени, а луѓето  биле брутално убивани и сите закопани, во масовна гробница, во околината на хрватскиот град Задар.

Хрватските власти ниту годинава не ја отворија оваа тема, но тие од Белград и Србија бараат извештаи за извршените насилства врз локалното хрватско население во Славонија и во Барања од страна на припадниците на Србите во редовите на тогашната ЈНА и на српските паравоени сили, за што српската страна, продолжува да молчи.

Независните медиуми во Белград забележаа дека целата оваа остра и навредлива реторика никому не му служи и дека таа никако не може да доведе до помирување и до изградба на вистински добрососедски односи, туку дека како одминува времето, таа секој почеток на август, како да се заострува. Медиумите сметаат дека политичарите и од двете страни, ги користат жртвите во трагичните настани од крвавиот распад на Југославија, за „национално преобразување и за подигнување на тензии„.

Претставник на жртвите од операцијата во Краина, во летото 1995 година кој побегнал во Србија, каде сега живее, изјавил дека секоја година се случуваат истите работи. „Наместо да ни се помогне и да ни се уреди статусот на бегалци, операцијата „Олуја„ се користи за остра националистичка реторика и за размена на обвинувања„.

Во годинешнава српско-хрватска расправија, беше искористен и Израел кој од српското Министерство за надворешни работи беше обвинет дека се вклучил во одбележувањето на годишнината од операцијата. Српскиот амбасадор во Тел Авив за израелскиот весник „Тајмс оф Израел„ рекол дека Белград е „длабоко разочаран„ од учеството на израелските авиони Ф-16 на парадата во чест на „Олуја„. Во реакцијата на израелската амбасада во Белград, се отфрлени таквите обвинувања , со објаснување дека во летот на авионите нема никаква политика и дека Хрватска ги има купено од Израел.

Властите во Загреб соопштија дека тие ке с вклучат во надлетувањето на Книн уште кога авионите , со израелски инструктори, долетаа во Хрватска, а тогаш никој во Белград не реагираше, а уште помалку се обиде да го инволвира Израел во балканските, српско-хрватски караници.

Никој од ЕУ, каде Хрватска е член, овој пат не се обиде да реагира за смирување на тензиите. Ниту во Белград, со кого се преговара за Косово и за пристапувањето на Србија во Унијата, а ниту во Загреб, затоа што Брисел е на одмор, а таму и онака веке прилично добро знаат дека олуи и бури во политиката и во политичките односи во Западен Балкан има многу често. Секогаш  кога на локалните политички елити им се потребни за да се одмери кој е поголем „патриот„ или можеби поточно, кој е поголем националист.

(И.Т.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе