Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Дачиќ и Тачи цртаат нови карти за Косово

Golden Brown/BigStock.com

Дачиќ и Тачи цртаат нови карти за Косово

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, во  интервју за една белградска телевизиска станица, ја повтори идејата за поделба на Косово, како едно од решенијата за ситуацијата околу оваа поранешна покраина во екс Југославија која од февруари 2008 година е независна држава. „Не гледам подобро решение од поделбата на Косово. Тоа би бил најдобриот компромис меѓу Белград и Приштина„- рекол Дачиќ. Не споменал како треба да се дели Косово, но од поранешните вакви изјави и навестувања во провладините медиуми,за едно вакво решение, стана јасно дека Србија би сакала да го земе за себе северниот дел од косовската територија.

Најновата негова изјава доаѓа по неуспехот да се постигне создавање на Заедницата на општини во Косово, со доминантно српско население, на што инсистира Белград и засега ја има подршката на меѓународната заедница , но за што , иако се преговара во Брисел, со посредство на ЕУ, владата во Приштина има големи резерви, тврдејќи дека зад тој план се крие намерата на Србија, на косовска територија да има една нова Република Српска, како онаа во БиХ. Отпорот на косовските власти произлегува од тоа што Заедницата на српските општини би имала и извршна власт, што ке рече, би била независна од владата во Приштина за многу работи.

Ваквата идеја на Дачиќ, која повремено се слуша од Белград , овојпат се појави по одлуката на Велика Британија, која во текот на август претседава со Советот за безбедност на ОН, за прв пат, да не се води расправа за ситуацијата на Косово, како што тоа досега се правеше на секои три месеци.

Властите во Белград ја осудија ваквата одлука, но независни српски аналитичари оценија дека во тоа нема никаков преседан, ниту пак дека станува збор за некаков радикален пресврт, затоа што трајно решение за косовскиот чвор од подамна не се бара во рамките на ОН, туку во ЕУ. Уште повеќе, овие аналитичари веруваат  дека одлуката на Британија само навестува „некакво скоро решение„ во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Идејата за поделба, што значи  цртање нова карта на Косово (и на Балканот) српскиот министер ја образложи со тоа дека е „променета позицијата на Русија„ за која Дачиќ рекол дека сега, по 20 години,  е одново велесила, а особено со тоа дека Москва овојпат е „многу поблиска во односите со Србија„. Според него, важен момент е дека САД се „ променети, а  изменета е и нивната надворешна политика (кон Србија и  Косово), како и дека „сега и ЕУ гледа дека главниот проблем за постигнување компромис се Албанците„.

Сепак, впечаток е  дека Дачиќ  со идејата за делење на територијата на Косово, само се надоврзува на неколкуте изјави на косовскиот претседател Хашим Тачи во кои тој порача дека „нема да има размена на територии со Србија, туку дека ќе има корекции на границата. Според косовските медиуми, Тачи во Приштина рекол дека во преговорите со Белград, Косово ќе мора да побара припојување на Прешевската долина, кон косовската територија.

„Тоа не значи откажување од северно Косово, туку корегирање на границата, како компромисно решение за конечна мировна спогодба. Неприфатливо е поделба на Косово или размена на територии, но ги бараме Прешево, Медвеѓе и Бујановац, затоа што во тие реони, Србија не успеа на тамошните Албанци да им ги гарантира правата кои Косово им ги гарантира на Србите„- порачал Тачи.

Кога станува збор за шефот на српската дипломатија и за неговите изјави, не е јасно во чие име овојпат зборува. Дали и во името на претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој непосредно пред тоа, по неговата средба со патријархот на Српската православна црква , призна дека досега нема никаков компромис со Приштина, ниту дека двете страни се блиску до него, или Дачиќ овојпат зборуваше и во името на Москва. Најверојатно е дека им помагаше, пуштајќи „пробен балон„  за да се  види реакцијата на српската јавност, на црквата која во Белград се смета дека е најголемиот противник за компромис,  затскривајќи се и овој пат зад изјавите на косовските политичари кои за Белград се редовно , дежурните виновници за кризните ситуации во регионот.

Претседателот на косовскиот Парламент, Кадри Вејсели веќе има речено дека не се согласува со ваквите идеи на Тачи. Тој е категоричен  дека „нема да има никакви делби,  а дека Косово во ОН, во НАТО и ЕУ ке се најде во границите на својата независност„. Но некои приштински аналитичари не ја делат позицијата на Вејсели, оценувајќи дека сите косовски политички партии, полесно ќе постигнат консензус за размена на територии, отколку за формирање Заедница на српски општини. Овие аналитичари дури веруваат дека Хашим Тачи и Алексндар  Вучиќ  веќе преговараат за размена на територии.

На цртањето нови карти за Косово,  реагираше американскиот експерт за Балканот Даниел Сервер. Овој професор на Универзитетот Џонс Хопкинс , е против прекројувањето на границата, предупредувајќи дека тоа би значело отворање на „Пандорината кутија„ на Западен Балкан, но во некои други држави во светот.

„Менувањето на границата меѓу Косово и Србија, може да предизвика нестабилност во Македонија и во БиХ, пред се, но и подалеку во Украина и во Грузија„ – рекол Сервер за една белградска телевизија. Тој смета дека ако Србија и Косово сакаат да бидат демократски држави и членки на ЕУ, тогаш се прашува зашто малцинските заедници на нивните територии не би останале во постоечките граници. Даниел Сервер, сепак,  не верува во делбата на косовската територија и објаснува дека нема промена во позицијата на САД кон ова прашање.

(Б.П.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе