Фијаско со Брегзит
Новата година Велика Британија ја започна во тмурна атмосфера каква (велат) немало од првите години на Маргарет Тачер. Не од времето, туку од високата инфлација, од поскапувањето на се и сешто, како и од бранот штрајкови, каков немало во изминатите неколку децении.
Ваквата атмосфера , предизвикана од големата криза на британската економија, се совпадна со првите 100 денови откако најновиот премиер Риши Сунак е во Даунинг стрит 10, како и со тригодишнината од Брегзит и формалното излегување на Британија од ЕУ.
Британците му веруваат на Сунак повеќе отколку на неговоте двајца претходници- Борис Џонсон и Лиз Трас- но не веруваат дека амбициозниот млад британски конзервативец од индиско потекло, ќе може да ги исполни ветувањата, дадени на Британците, забележувајќи дека една од причините за недовербата е – токму Брегзит.
„Пукање во сопственото колено“
Поминаа само три години од британското напуштање на ЕУ, а расположението на домашната јавност е сосема различно од она по референдумот во 2016 и од конечниот Брегзит на 31 јануари 2о20 година.
Наместо поранешната еуфорија дека Британија е „конечно слободна“ без (наводните) стеги на Брисел, како што тврдеа брегзитерите, сега големо мнозинство од јавноста признава дека е направена голема стратешка и економска грешка и дека Британците -едноставно- „си имаат пукано во сопственото колено“.
Дури и оние кои гласаа на референдумот за излегување од Унијата, се согласуваат дека се измамени од оние кои ја водеа кампањата, затоа што ниту едно од ветувањата-дека надвор од ЕУ на луѓето ќе им биде подобро, а дека Британија (одново) ќе биде вистински „Велика“- изминатите три години не се исполнети.
Згора на тоа, Обединетото кралство се наоѓа во најголемата криза во последните 40 години, иако тоа не е само поради Брегзит.
Нема победа над Европа
Никој, затоа, не ја слави британската „победа над Европа“, како што тоа се правеше во време на антиевропската кампања на тврдите евроскептици и англиските националисти – и едните и другите собрани- главно, кај конзерватовците.
Наместо славење, се поставуваат бројни прашања за тоа како можеше да се случи Британците да поверуваат во празните приказни за подобрата иднина со излегувањето од Унијата, каде Британија беше член од 1973 година и важеше за дел од големата тројка на ЕУ, иако Франција и Германија беа и останаа моторот на европското интегрирање.
Најчесто објаснувањето се бара во лажната пропаганда на брегзитерите , предводени од една маргинална политичка личност, како што тоа беше Најџел Фараж и на Борис Џоносн кој од еврофил, се трансформира во неоријател на ЕУ- само за да прку тоа стане лидер на ториевците и британски премиер.
Беа пласирани бројни неточни и лажни бројки за тоа дека Британија , наводно, се експлоатира од Унијата . Најголемата измислица беше дека Британија , неделно, дава по 350 милиони фунти за европскиот заеднички буџет, а луѓето, сепак, наседнаа на лагата.
Лажни и измислени податоци
Дури и Фараж побрза да објасни дека „ податокот е неточен“, иако во Брисел тврдеа дека е намерно измислен за кампањата, но тоа, сепак, не помогна. Британските гласачи повеќе им веруваа на лагите во распалената антиевропска кампања, според кои тие 350 милиони, по Брегзит ќе влегуваат во касата на британскиот здравствен систем (НХС), наместо да и се даваат на Европа .
Сега , кога здравствените работници се на улица и штрајкуваат, а болниците се без потребниот персонал (голем дел беа кадри од земјите на ЕУ), луѓето се согласуваат дека британскиот здравствен систем е во полоша ситуација од времето кога земјата беше во Унијата. Весниците откриваат дека се чека и по осум часови за да се добие Брза помош, или по една година за специјалистички преглед во јавното здравство.
Според прогнозата на ММФ, Британија ќе биде единствената од земјите на групата Г-7 која во оваа година нема да има никаков економски раст. Тоа е сосема различно од времето на антиевропската пропаганда кога се зборуваше дека Обединетото кралство ( надвор од ЕУ) ќе биде единствената економска сила во Европа.
Анкета-Брегзит е грешка
Ништо од тоа не се случи, па во изминатите три години храната е наколкупати поскапена и без короната и војната во Украина, а државата од моќен фактор на европската сцена, никогаш досега не била олку политички изолирана.
Политички експерти сметаат дека Британија се наоѓа во една од своите најтешки фази на развојот (без годините на Втората светска војна и времето по неа), а тоа се огледува и во расположението на јавноста. Анкетите покажуваат дека 55 отсто од Британците веруваат дека Брегзит бил грешка, наспроти други 34 отсто- главно во Англија- кои не мислат така.
Освен тоа, Британија самата и без никој да ја набрка, излезе од заедничкиот пазар на моќна и обединета Европа од 450 милиони луѓе, предизвикувајќи проблеми за својата економија и влиајеќи директно на растот на домашните цени ( а тоа значи и на инфлацијата), со тоа што земјата е надвор од ЕУ.
Конечно, самата се одалечи од Европа и од европската политика, од можноста да биде фактор во политиката на континентот , не успевајќи притоа, како сама, да го одржи кредибилитетот што го имаше додека беше водечка членка на Унијата.
ЕУ не пропадна без Британците
За излегување од изолацијата и помогна само војната во Украина, што Џонсон и неговата наследничка Трас ја користеа до максимум, за да може да се слушне гласот на Лондон, сега само преку НАТО и европската безбедносна политика.
Во меѓувреме, Европа/ЕУ без Британија не пропадна, како што се зборуваше во Лондон. Стана дури и посилна и се подготвува за нови земји-членки.
Злобно се предвидуваше дека британскиот пример ќе го следат и други, а пред се, Унгарија и Полска, па дури и една Холандија и Словенија, (на Јанез Јанша).
Излезе, меѓутоа, дека во антиевропската еуфорија заглавија само Британците. Полска сега , кога ја нема Британија станува пета европска економија, а Унгарците и со Орбан, онаков каков што е, ни на крај на паметот не им е да ја напушти ЕУ. Само од Германија, откако е во ЕУ, оваа земја има примено 90 милијарди евра инвестиции.
Како и да е, Велика Британија и со кризата во која е заглавена, поради своето фијаско- да се напушти ЕУ- сепак, нема да пропадне. Таа е се уште една од најмоќните економии во светот.
Поголема миграција
Но, уште долго време ќе се соочува со недостиг на работна сила и на стручни кадри во јавниот сектор , посебно во здравството , во аграрот и во транспортот, пред се, затоа што земјата ги набрка работниците и луѓето од членките на ЕУ кои ги пополнуваа овие рабони места и професии.
Плашејќи ја во текот на Брегзит кампањата домашната јавност дека Европејците, уште дополнети и со Балканците и Турците, ќе им ја грабнат земјата и им ја одземаат работата на Британците, Британија остана без работна сила таму каде (посебно) гордите Англичани избегнуваат да работат.
Иронично, затоа, делува податокот дека Брегзит се покрена поради силната миграција од Европа, а во 2022 година Британија има забележано поголем раст на мигранти отколку во времето кога беше во ЕУ.
Над 45 илјади се регистрирани дека илегално влегле преку каналот Ламанш на британска територија.
Враќање за десет години?
Сега се погласно се зборува дека за десет години, Британија би можела да се врати назад во Унијата од каде побегна. Најголеми противници на Брегзит беа младите, сега тие се најголеми заговорници за да се признае грешката и за да се исправи фијаското.
Се верува дека при евентуално второ гласање на реферндум, за враќање назад, нема да се дозволи весниците, а посебно таблоидите, да ги исперат мозоците на луѓето, со лагите кои ги пласираа за ЕУ, ниту пак да се одржува антиевропскиот наратив кој се смета дека е главниот вимовник за тоа што Британците дозволија да бидат измамени.
Брегзит беше едно типично популистичко и националистичко движење, засновано само врз лажната пропаганда. Само три години по дефинитивното напуштање на ЕУ, никој во Лондон, не сака да зборува за загубите предизвикани од Брегзит. Една петина од вредноста на британската фунта е загубена по излеувањето од Унијата.
(Спектатор)