Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Молдавија под руска закана

Молдавија под руска закана

Русија се обидува да ја дестабилизира Молдавија , спонзорирајќи протести против владата и организирајќи, речиси постојано,  сајбер напади- вели премиерката на оваа источноевропска земја, од скоро  земја кандидат за ЕУ, Наталија Гаврилица.

Спред неа , Молдавија е соочена со сите елементи кои се својствени за една хибридна војна.

„Гледаме секојдневно како проруските сили во земјата се обидуваат на секаков начин да предизвикаат политичка дестабилизација на државата- помогнати од Русија, со давањето пари и со финансиската подршка за организирање антивладини демонстрации“- има речено Гаврилица за европската тв станица Јуроњуз.

При тоа, таа потсетува дека во минатата 2022 година, Молдавија беше изложена на најголемиот досега сајбер напад и  во исто време, зборува за тоа дека не прекинуваат заканите од бомбашки напади.

Планирање на  Евроазија

Изложена на силната руска закана, во агресивните планови на Владимир Путин за некаква ревитализација на поранешниот СССР, со создавање на политичко-економска заедница што тој ја означува како Евроазија, во која би требало да се  најдат сите поранешни советски републики, со Молдавија во тоа друштво,  властите во Кишењев не кријат дека стравуваат за безбедноста на земјата.

Веќе е сосема јасно дека војната во Украина е покрената за да се реализира еден ваков план, а гневот на Кремљ кон властите во Киев и посебно кон претседтелот Зеленски е затоа што храбрите Украинци веќе една година не потклекнаа ( како Грузија на два пати по руските агресии) пред војската на путинова Русија и одбиваат да се предадат и да капитулираат.

Тоа предизвика руските сили да се најдат  заглавени  во долга и неизвесна војна која веќе не се нарекува „специјална воена операција“, настојувајќи целосно да го освојат Донбас и така да го обезбедат трајно за себе и Крим.

Повторување на Украина?

Таа состојба, меѓутоа, ја прави ранлива Молдавија , затоа што како и во случајот со  Грузија ( со Абхазија и Јужна Осетија) и со источните и југоисточните делови на Украина, во една вакво опкружување, прва на удар за (ново) руско освојување и за анектирање, е молдавската област Придњестровје , врз кое владата во Кишењев и онака веќе 30 години нема никаква контрола.

Особено што Москва постојано и се заканува на Молдавија поради нејзиното свртување кон Европа и нескриените амбиции за влез во ЕУ.

Не треба да се заборави дека украинскиот случај тргна кога тогашната ( силно проруска влада) во Киев покрена и заклучи договор за економска соработка со Унијата. Под силен притисок на Кремљ, тогашниот проруски претседател Виктор Јанукович одби да го потпише договорот кој беше и ратификуван во Парламентот, по што се случи „шарена револиција“ и масовните протести на Мајдан во Киев.

Молдавија, сепак,  има поинаква ситуација.

Руска војска во Придњестровје

Прво затоа што сега и претседателката и премиерката се јасно проевропски определени. Мнозинството Молдавци се за влез во Унијата, но не се за членство во НАТО. Конечно, на молдавска територија веќе три децении е стациониран контингент руска војска. Таа можеби нема сила да војува на подолго време, дури и со слабата молдавска војска, но  интервенција врз тој регионот каде владата во Кишењев нема никаква контрола, Москва и порано, а особено сега вели дека би го сметала како напад врз Русија.

Затоа  се смета дека ситуацијата во Молдавија сега многу зависи од тоа како  ќе се развива украинската воена ситуација.

За разлика од Украина, молдавската страна , иако сега како земја кандидат за ЕУ, реално, нема сила да се спротивстави на евентуална агресија од страна на Москва, која би тргнала со приграбување на Придњестровје.

Иако за тоа би требало да се изведе воздушен десант, или пак, руската војска во Украина да го освои целиот југ , па од украинска страна да дојде до другата страна на Дњепар во отцепениот молдавски регион.

Лавров со закана за Кишењев

Таков е планот на најтврдите приврзеници на тоталната војна во Кремљ- со распарчувањето на Украина, со создавање на некогашната царска област Новоросијск, од украинскиот југ. А, со едно такво сценарио се закануваат кремељските „јастреби“ , како еден Дмитри Медведев, или Евгениј Пригожин, лидерот на „Вагнер“.

Тоа, пак, значи дека за молдавската безбедносна ситуација е особено важно украинската војска да го задржи југот на земјата под своја контрола и да не се случи  Русите да го запоседнат  просторот, западно од Хершон.

Рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров отворено се заканува дека Молдавија ќе биде втората руска цела. Според него,  Западот, по Украина, ќе се обиде да напрваи продор ( кон Русија) преку Молдавија.

Всушност, станува збор за дел од шемата во која се тој и Путин и другите во Кремљ, настојувајќи на својата јавноста да им ја продадат приказаната дека  нивниот владетел , навистина, војува против нацизмот и за одбрана на Русија ( напаѓајќи и освојувајќи други држави).

Анексија пред 82 години

Тоа, меѓутоа, не ги смирува властите во молдавскиот главен град. Таму знаат дека во Москва  свртувањето на Молдавија кон Западот и нејзиното одалечување од Русија, се смета како  закана за руските државни  интереси. Затоа, Путин и целото друштво е уверено дека Молдавија претставува „легитимна цел “ која тие имаат право да ја нападанат , но и дека се подготвени тоа да го извршат.

Колку за потсетување- во 1940 година советскиот диктатор Јосиф Сталин ја анектира територијата на денешна Молдавија, тогаш позната како Басарабија и како дел од Романија. Анексијата, практично,  беше  спроведување на дилот со Адолф Хитлер, според кој СССР ги приграби и балтичките земји, половина Полска и покрена војна со Финска.

По распадот на Советскиот Сојуз , во 1992 година дотогашната Советска молдавска република стана независна држава. Но, од неа веднаш се отцепи прорускиот регион Придњестровје, (познат и како Транснистрија) каде живееше руско население и луѓе кои зборуваат руски јазик.

Москва испрати своја војска во регионот, а локалните проруски власти прогласија независност. Никој досега, па ни Русија, ја нема признаено независноста, но властите на Молдавија од тогаш немаат никаква контрола , а ниту власт врз овој регион.

Москва казнува за ЕУ

Се одржуваше некаков мир и стабилност, благодарејќи и на тоа што отцепениот регион по течението на реката Дњепар- долг над 200 км. а широк само 30- се претвори во најголемата шверцерска зона за оружје во Европа. Сето тоа траеше се додека во Кишињев се менуваа влади и претседатели со црврста проруска определеност. Москва почна да покажува нервоза откако Молдавците, како и Украинците, а пред нив и Грузинците, покажаа дека  не сакаат вечно да останат сателити на Русија.

Ваквата ситуација , веќе наликува на руските игри со и околу Украина и украинскиот Исток, посебно со Донбас и Крим, од што сега се стравува и во Молдавија и во Европа, каде земјата се третира како високо ризична држава.

Како за утеха, ако тоа воопшто може да се рече и да важи кога Путин и Русите се во прашање, факт е дека  за Русија една Молдавија никогаш ја немала тежината на Киев и Одеса, на Донецк и Луганск и посебно на полуостровот Крим.

(И.Т.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе