Орбан го блокира ширењето на НАТО
Виктор Орбан продолжува и понатаму да војува со своите партнери и сојузници во ЕУ и НАТО.
Овој десничарски унгарски политичар ги блокира одлуки на Европската комисија, иако тие често се такви што бараат итно прифаќање. Сега, пак, во врска со Алијансата, нескриено се инаети и намерно ја развлекува ратификацијата на одлуката за прием на уште две нови членки- на Финска и Шведска. Во време додека Европа е во војна.
Ваквата игра на Будимпешта трае уште од јули, кога сите други земји , по забрзана процедура, извршија ратификација на документот за овие две држави од северот на континентот.
Одлагање на ратификацијата
По руската инвазија врз Украина тие се одлучија своите (досегашни) силни безбедносни врски со НАТО, да ги подигнат на повисоко ниво- да станат членки на Алијансата. Најмногу затоа што промовираната агресивност на путинова Русија претставува закана и за овие две држави, инаку унгарски партнерки во ЕУ.
Орбан , меѓутоа, веќе на два пати ја одлага ратификацијата во Парламентот, што е под контрола на неговата десничарска и националистичка партија Фидес. Првично од Будимпештра се најави дека таа работа ќе се заврши до крајот на 2022 година, а потоа до крајот на февруари, оваа година. Но, ни тој рок нема да се испочитува, па сега се споменува – крајот на март. Наводно, требало повеќе време за да се исконсултираат разните пратенички групи.
Во ова орбаново објаснување никој не верува , затоа што уште од порано тој ги има обвинувано Финска и Шведска- две европски демократски и либерални држави кои постојани се посочуваат за модел за европската демократија – за наводното „лажно прикажување на унгарската политичка реалност“.
Одмаздување кон Финска и Шведска
Станува збор за состојбите во Унгарија која забрзано се одалечува од принципите врз кои се темели членството во ЕУ, европското интегрирање и правилата на Унијата, кои Будимпешта ги има прифатенои при влегувањеттои во ЕУ, во мај 2004 година.
Самиот Орбан владее со земјата автократски, откако повеќе од 11 години е на власт, газејќи ја притоа демократијата , владеењето на правото и човековите права и слободи, со законите кои ги носи неговиот Парламент.За нив ЕУ и Брисел имаат постојано приговори- бидејќи се антиевропски.
Таков каков што е, тој сега на Шведска и Финска им се одмаздува затоа што – како што има речено- „ширеле лаги за демократијата во Унгарија“ и за непочитувањето на човековите права и слободи.
Ситуација која започна со бегалската криза во Европа (2015/2016) што Орбан ја искористи за промоција на својот режим, на национализмот, па и на расизмот , кога станува збор за бегалците и мигрантите од Блиски и Среден Исток , кои инаку не сакаа да останат во земја каква е Унгарија.
Десничарењето контра либерализмот
Токму од тогаш тој почна да ја промовира својата идеја за создавање на некаква паралелна ЕУ, која наместо врз либералната демократија би се потпирала врз „патриотизмот“- а всушност, врз ултрадесничарењето, национализмот и врз омразата кон неистомислениците.
Барајќи и наоѓајќи, притоа, партнери и сојузници во земји со десничарски, националистички и конзервативни погледи низ европскиот континент. Како францускиот Национален фронт, холандската и германската крајна десница, италијанската Лига Норд, како и во Словенија на Јанез Јанша и во една Полска, од времето пред пандемијата и руската агресија, но и кај српските националисти и македонските вмровски десничари и националисти на избеганиот ( во Будимпешта) кримиален лидер.
Тој обид на Орбан, да биде некаков европски десничарск0-националистички лидер пропадна, откако му пропаднаа партнерите со кои ќе ја градеше „нова Европа“, додека неговиот подржувач кој работи за дестабилизацијата на ЕУ- Владимир Путин – започна војна во Европа- за да тој создаде една поинаква Европа, одново поделена на неговиот Исток и на слободниот свет на Западот.
Во служба на Путин
Во една ваква ситуација, нормално, е една Финска, или Шведска да се спротивставуваат на разбивањето на демократијата во Европа и на нејзиното единство, што трпеливо се гради по Втората светска војна. Гневот на Виктор Орбан е поголем од тоа, па сега ги казнува ове две земји, загрижени за својата сигурност – од страшниот Владимир и затоа бараат заштита под колективниот чадор на Алијансата.
Многумина европски аналитичари, затоа, сметаат дека Орбан тера инает и им се одмаздува на своите партнери , но во основа му помага на рускиот претседател во неговите разбивачки планови кон ЕУ и НАТО и за дестабилизација на Стариот континент.
Унгарецот во тоа има еден сојузник- турскиот претседател кој исто така се пресметува со Финска и Шведска, но врз друга основа. Ги обвинува дека „го подржуваат тероризмот“- мислејќи притоа на разните курдски групи кои со години делуваат во земјите од северот на Европа, затоа што во Турција не би можеле да се борат за човекови права , а да останат на слобода.
(Б.У.)