Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британија: Протерување на илегалните мигранти

Британија: Протерување на илегалните мигранти

Британската влада го објави нацртот на новиот, значително построг од досега закон за имиграција, чија основна цел е да се запре илегалното преминување преку Ламанш , од европското копно, до Британија, но во британската јавност беше пречекан со поделно мислење.

Од одобрување на мнозинството конзервативци , до спротивставување на опозициските лабуристи и бројните НВО и хуманитарни организации кои сметаат дека законот не само што е нехуман, туку е и спротивен на низа меѓународни конвенции кои Британија ги има прифатено.

Премиерот Риши Сунак, меѓутоа, порачува дека силно ќе ги брани новите мерки и ќе настојува законот да биде усвоен во Парламентот, согласувајќи се дека станува збор за остри мерки. Тој сепак, смета дека законот е неопходен  за земјата и дека во крајна смисла е фер.

Депортација во кус рок

Најсилен аргумент за тоа се податоците на имигрантските власти дека во минатата 2022 година, се регистрирани рекордни над 46 илјади  лица кои илегално влегле на британската територија, минувајќи го Ламанш во мали бротчиња и чамци. Во 2018 година, на пример, на овој начин во Британија влегле само 300 лица.

Без малку, половината од овие илегалци се албански државјани кои на британска почва се префрлаат во организација на шверцерски групи кои се под контрола на албанските банди , што веќе дејствуваат во Британија- шверцувајќи дтога, а во последно време и шверцувајќи луѓе од Албанија. Тие се поголема групација која на ваков начин настојува да влезе, да работи и да се насели во Британија и од Авганистанците кои досега беа најбројни.

Основата на новиот закон е во брзата реакција на властите во пресметката со илегалците, односно во нивната брза депортација во земјата од каде потекнуваат, или во трети држави, само 28 денови по нивното откриање и заробување при илегалното префрлаување, преку  Ламанш.

Без право на враќање

Новиот закон предвидува оние кои ќе бидат протерани ( депортирани) не ќе може да се вратат во Британија, како и било кога подоцна, да бараат британско државјанство. Додека се задржани пред депортација, илегалците ќе немаат право на жалба, ниту на одлагање на протерувањето.

Премиерот Сунак се брани од критиките дека земјата досега се има обезбедено на секаков начин  да го спречи илегалното минување на каналот, но дека досега ништо не помогнало.

„Затоа се носи овој закон со кој е утврдено дека ако некој е откриен дека е илегалец на британска територија, нема да има право на азил, ниту да може да остане во земјата“- рекол премиерот при промоцијата на новите мерки.

Тој објаснил дека Хоум Офисот ќе биде овластен да ги  задржи овие луѓе и да ги чува во бегалските центри, до протерувањето. По депортацијата тие не ќе може  да се вратат во Британија.

„Планот  Руанда“ не се напушта

Според Сунак, останува отворен за користење и „планот Руанда“, односно депортирање на илегалците во оваа земја во Источна Африка, иако премиерот потврдил дека досега ниту едно лице не е депортирано од Британија во Руанда.

Тој ги има отфрлено критиките за овој контроверзен проект  на претходната министерка за внатрешни работи ( инаку Пакистанка по етничка припадност), инсистирајќи дека самото прифаќање на еден ваков проект ги има обесхрабрено потенцијалните илегалци.  Од тогаш, е намален  приливот на илегалните влегувања, како и напливот на мигранти од Албанија.

Опозицијата, генерално, не е против мерки за одбрана од ваквото преминување  на Ламанш , туку смета дека грубото протерување и депортацијата нема да имаат ефект, доколку не се отвори фронт и против шверцерите на луѓе кои се  виновни за она што се случува.

Станува збор за организирани криминални групи кои дејствуваат на британска територија и кои на својот криминален бизнис -шверцувајќи и распростанувајќи дрога – сега го имаат додадено  и шверцувањето луѓе- мигранти.

Шверцерите на луѓе – недопрени

Тоа посебно се однесува на разните албански банди во Британија , за кои се вели дека се најдобро организирани, па на илегалците кои ги ностат од Албанија им обезбедуваат дури и хотелско сместување во Кале и Данкерк, на францускиот брег, додека луѓето чекаат да дојдат на ред за префрлање на британската страна од Ламанш.

Такви криминални групи, врз етничка основа, има повеќе во британското и посебно во лондонското криминално подземје, кои и со овој нов закон остануваат неопфатени. Затоа, се стравува дека мерките ќе се сведат само на протерувањето и на казнувањето на луѓето кои им поверувале на шверцерите дека лесно ќе стигнат во Британија, плаќајки притоа висока цена.

Конечно, останува раширеното мислење дека рекордното илегално влегување во минатата година е последица, пред се, на Брегзит и претставува фијаско на политиката да се напушти ЕУ. Додека Британците беа во ЕУ, врз основите на политиката за солидарност и за заедничка борба со миграцијата, Франција и го чуваше грбот на Британија. Сега Париз помага, но ја нема  обврската за заштита на земја -членка.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе