Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Гари Линекер тргнат од Би-Би-Си за политичка изјава

Гари Линекер тргнат од Би-Би-Си за политичка изјава

Британскиот јавен сервис Би-Би-Си го тргна од програмата Гари Линекер (62) , долгогодишен водител и фудбаски аналитичар на емисијата „Match of the Day” , откако на Твитер го има остро осудено новиот предлог-закон на владата, според кој илегалните мигранти во иднина ќе се депортираат од Британја, без право да се вратат и да  може да аплицираат за азил.

Според Линекер, ваквата владина политика е погрешна  и потсетува на прогонувањето на негерманското население од нацистичка Германија, во средината на триесетите години на 20 век.

„Станува збор за сурова политика против најчувствителните и најпогодените луѓе , која притоа го користи јазикот што не се разликува од оној во Германија во триесетите години“- има напишано прославениот англиски фудбалер и респектиран ТВ коментатор.

Против законот за „луѓето во чамци“

Ваквата изјава , уште дадена во време на распалена дебата за  контроверзниот закон, предизвика бурна реакција во британската јавност, посебно споредбата на сегашна Британија со нацистичкото време во Германија. Особено што Линекер е респектиран како поранешен врвен спортист, чија програма, секоја сабота навечер ја гледаат 10 милиони Британци.

Затоа, едни ја осудуваат постапката на Би-Би-Си кон својот најпознат и најпопуларен водител, други ја критикуваат медиумската компанија дека ја напушта својата непартиска определеност и позиција врз која се потпира. Најгласни се конзервативците и десницата меѓу ториевците кои ја бранат својата влада и новиот закон, додека трети сметаат дека однесувањето на компанијата кон својата водителска ѕвезда било и погрешно и избрзано, затоа што наедаш Би-Би-Си се најде во вителот на криза со политичка заднина.

Медијската компанија се брани дека морала така да постапи, затоа што била нарушена непартијноста и кодексот на однесување за тоа дека нема определување за било која партија (и влада) , што го смета како „свето писмо“ кое важи не само за вработените, туку и за оние на договор, како фри-ленсер соработници, какви се Линекер и неговата екипа.

Повреда на кодексот на компанијата

Пред казнувањето , раководството на компанијата има разговарано со Гари Линекер, но тој одбил да се повлече од она што еднаш го има изјавено на Твитер.

Веднаш потоа, водителот бил симнат од програмата, а целата емисија (за прв пат) е доведена во прашање, затоа што неговите двајца главни соработници и аналитичари на фудбалските мечеви од Премиер лигата- Ален Ширер и Ијан Рајт, обајцата порашени фудбалски ѕвезди, како и другите соработници- демонстративно се имаат повлечено од емисијата, солидаризирајќи се со Линекер.

За него се вели дека  е казнет за изразување свое мислење на една од социјалните мрежи, а не директно на програмата на телевизијата . Но,  во Би-Би-Си сметаат дека без разлика на тоа, нивниот водител бил должен да се придржува на нормите на компанијата – дека во радио и тв програмите не смее да се зазема страна, како за политиката, така и за политичките спорови.

Најостра осуда на законот

Според лондонските медиуми, директорот на компанијата сега настојува- како што самиот има изјавено- да се надмине спорот и да се најде решение за случајот на Линекер. Сепак, до тогаш, тој нема да се појавува на програмата ниту ќе ја води својата емисија.

Во меѓувреме , се настојува да се најде заеднички јазик со казнетиот водител околу неговото (натамошно) користење на социјалната мрежа- да го замрзне својот профил, или да се откаже од давање политички изјави.

Како и да е, неговата Твитер порака претставува досега најостра изјава против новиот закон, пред тој да влезе во парламентарна процедура. Тоа предизвика реакција и на Даунинг стрит 10 со изјава дека владата се нема мешано во случајот, односно дека од таму не е стигнато барање за санкционирање на Линекер.

Премиерот Риши Сунак и самиот се огласи со своја изјава за тоа дека има голем респект кон програмата на познатиот фудбалер и водител, инсистирајќи дека „спорот не е работа на владата“.

Реакција на премиерот Сунак

„Како премиер, морам да верувам во она што го работам, почитувајќи го тоа дека сите нема секогаш да се  согласуваат. Со овој закон само сакам да се запре приливот на мигранти во чамци преку Ламанш“- има речено премиерот Сунак.

Неговата реакција претставува обид да се смири атмосферата , особено по изјавите со осуда на Линекер од страна на  контроверзната министерка за внатрешни работи Суела Брејверман, која и го има предложено законот,  за споредбата со  нацистичка Германија , во времето пред започнувањето на Втората светска војна.

Во саботата вечерта, Би-Би-Си не ја емитуваше својата редовна емисија „Match of the Day” . Беше направен само колаж од натпреварите тој ден, без анализа  и без водител, затоа што целиот тим на Линекер останува на одлуката да ја бојкотира програмата.

Оваа програма тој ја води 23 години,  уште од 1999 година. Во дресот на англиската репрезентација има настапено на 80 натпревари и постигнато 48 голови. Како водител, Гари Линекер важи за најдобро платениот во Би-Би-Си, со годишен хонорар од еден милион фунти.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе