Зоран Заев : Умерените заедно наспроти радикалите
Само еден ден пред почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, на 23 февруари 2022 година, Фондацијата Бертелсман го објави Индексот на трансформацијата на општествата и констатираше дека за прв пат од 2004 година, од кога се спроведува ова истражување, на листата има повеќе автократски управувани држави отколку демократии. Помеѓу 137-те земји што беа вклучени во формирањето на индексот, 67 беа означени како демократии, додека бројот на автократии се искачи на 70.
Индексот во 2022 година беше објавен во период кога светот полека почнуваше да се извлекува од кризата со КОВИД-19, па оттаму, аналитичарите на резултатите од овој показател што ги мери политичките, економските и трендовите на доброто владеење, констатираа надолни трендови по сите критериуми.
Сепак, анализата констатира и нагласен ангажман на граѓанското општество во земјите опфатени во истражувањето што покажа зрак надеж наспроти предупредувањата за падот на демократските стандарди.
Напредок на Северна Македонија
Слична е состојбата и според Индексот на демократијата за 2022 година на Економист , како во однос на реалната состојба така и во однос на оптимизмот дека има проблесоци на надеж дека демократијата ќе се држи отпорна и еластична и ќе напредува на фронтот наспроти автократските режими.
Според овој индекс, 72 од 167 земји, или 43,1 отсто од вкупниот број, може да се сметаат за демократии. Бројот на „целосни демократии“ се зголемил на 24 во 2022 година, а бројот на „демократии со недостатоци“ (flawed democracies) – изнесува 48.
Преостанатите 95 земји во Индексот на демократијата на Економист спаѓаат во категориите – „хибридни режими“ – 36, а како „авторитарни режими“ – се оценети 59 држави.
Република Северна Македонија веќе втора година е во групата демократски земји и тоа е за истакнување, доколку се знае дека земјата од 2016 година беше заглавена во групата „хибридни режими“ . Категорија во која ја сместија пранешниот премиер Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, кога земјата беше препознавана како – „заробена држава“.
Глобалните кризни ситуации
Со оваа моја анализа повикувам да негуваме услови за отпорна, односно резилиентна демократија, како противтежа на авторитарните тенденции, реална потреба и силна надеж и оптимизам дека, наспроти сите закани, демократијата ќе преовладее.
Дека ваквата надеж не е без основа говорат и наодите од истражувањето на Институтот Тони Блер објавено на почетокот од јануари годинава. Во него се констатира најнизок број на популистички лидери во светот во последните 20 години, како и намалување на вкупното население кое живее во популистички режими – од 2.5 на 1.7 милијарди жители, од вкупните 8 милијарди луѓе во светот.
Овие тенденции се должат пред се на падот на автократските лидерства во САД, Бразил, Словенија, Филипини и Шри Ланка. Тоа фрли зрак светлина што треба да се искористи како мотиватор, но никако не смее да се разбере како некаков пресврт, ниту пак спокојно да се набљудува.
Двете глобални кризни ситуации – пандемијата и руската инвазија- што повлекоа и други сериозни последици и закани, како што се глобалната криза со храна, енергетската и финансиската криза, предизвикаа состојба на несигурност, која од глобален аспект се префрли и во национални рамки, а во поголема или помала мерка зафати огромен број земји.
Авторитарна матрица
Длабоките кризни ситуации со кои се соочи светот на сцена ги врати притаените сили на авторитарната матрица.
Се забележаа тенденции на ограничување на слободите и човековите права, манифестации на злоупотреба на политичката, или економската моќ, а земјите што и претходно беа препознавани како автократии дополнително го засилија авторитарното владеење, под изговор и оправдување дека – „кризните времиња бараат кризно управување“.
Овие закани по демократијата најчесто се поттикнати од политичките елити кои во такви, кризни услови, се фокусираат на обезбедување на сопствената политичка и економска моќ на сметка на општествениот развој.
На овие трендови укажуваат голем број последици, вклучително и широко распространета ерозија на владеењето на правото и граѓанските слободи, растечката економска нееднаквост и зголемениот неуспех на владите ширум светот во потрагата по широк консензус за заедничка согласност за одговор на овие предизвици.
Закана за мултилатерализмот
Ние сме исправени пред можеби најголемиот предизвик изминативе децении, да ги најдеме и спроведеме постапките што ќе бидат мотиватор за демократското население да остане силно мотивирано за одбрана на слободите. Но и да ги вбризгаме фактите низ нашите општества со единствена цел – да ја зголемиме имунолошка отпорност на демократијата.
Авторитарните сили ги искористија кризните ситуации со кои се соочи и се соочува светот, како и последиците и кризите што следат на билатерален план меѓу одделни држави, за да наметнат сомнеж во однос на целисходноста на мултилатералните организации и колективните политички сојузи, како што се ОН, ОБСЕ, ЕУ, НАТО и други организации и заедници.
Сепак, може да се каже дека тие интенции не ги дадоа очекуваните резултатите за застапниците на овие сомнежи во меѓународните институции.
Во однос на Европската Унија, на пример, неколкуте егзистенцијални кризни ситуации, како финансиската криза во 2008 година, бранот популизам, Брегзит, па КОВИД-19 кризата и актуелната со војната во Украина, воопшто не го доведоа во прашање нејзиното постоење и функционалност.
ЕУ ги совлада сите противречности
Напротив, ЕУ успева да ги совлада сите противречности што произлегуваат од одделните интереси на нејзините земји- членки кои и во вакви исклучително кризни времиња, кога е очекувано секогаш да ги имаат пред себе националните, државни интереси и интересите на своите граѓани, успеа да одржи едно неопходно ниво на консензус и колективна солидарност за прашања што се од пресудна важност за иднината на Европската Унија.
Особено е важно што ЕУ успева низ кризата да го врати како приоритетно прашањето – на проширувањето на Унијата.
Уверен сум дека европските раководства, гледајќи ја мапата на Европа денеска, разбираат дека одлагањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан ја прави оваа паневропска интеграција нецелосна и тоа создава сериозна „пукнатина“ за влијанија на трети страни, со опасни ризици за безбедноста во срцето на Европа.
Војната во Украина пред ЕУ, уште еднаш, со сета своја тежина го постави прашањето за нејзините граници, како егзистенцијално прашање.
Во НАТО и преговори со ЕУ
Од една страна , изразената политичка подготвеност да отвори преговори за членство со Украина, Молдавија и Грузија, е разбирлива од аспект на тековните воени активности на нејзините источни граници.
Но, истовремено беше наразбирливо одлагањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан, особено со оние за кои Брисел утврди дека ги исполнуваат критериумите за почеток на преговорите.
За среќа, кога станува збор за Северна Македонија, стартната скрининг фаза од преговорите веќе започна и сега е прашање на политичка подготвеност на Брисел да го одржи темпото со тоа што активно ќе придонесе да се надминат сериозните недоразбирања со Бугарија.
Кога станува збор за неопходноста од создавање и негување резилиентни демократии и општества, Северна Македонија може да биде пример за студија на случај.
Денес, Северна Македонија е рамноправен дел од најмоќниот сојуз во светот, членка на НАТО, а ги отвори и преговорите за членстви во ЕУ.
Ослободување на заробената држава
Овие две стратешки цели на државата немаше да бидат остварени, или во фаза на остварување, кога е во прашање ЕУ, ако општеството не го исполнеше основниот критериум за членство во овие колективни заедници – соодветното ниво на демократија. А таа, до 2016 година, беше во сериозно опаѓање со тенденција земјата да заглави во прегратките на тоталитаризмот.
Сепак, покажавме дека демократијата може да преовлада и дека е можно да се направи и таква промена.
Од заробена држава, станавме современ пример кој сите го нарекуваа успешна приказна. Од држава со авторитарни тенденции, со скратена или никаква слобода на изразување и лимитирани медиумски слободи, нашата демократија се консолидираше и унапредуваше, така што окупираното општество го трансформиравме во општествена заедница којашто создава и извезува нови демократски вредности.
Беа реставриравме демократијата и демократските институции, а потоа започнавме процес за да им ставиме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателските односи со нашите соседи.
Уривање на ѕидовите кон соседите
Со децении претходно режимот од 2006 до 2016 година нив ги игнорираше бидејќи на авторитарните режими секогаш им одговара да созадаваат непријатели за да бидат затворени.
Со силен притисок и во коалиција со огромното мнозинство од граѓаните, демократијата преовлада низ демоктратски избори, низ институциите, ја вративме демократијата таму од каде што беше киднапирана и на светот му дадовме една возобновена демократска Македонија и нов Балкан.
Европски. Балкан кој покажува намери и капацитет да биде слободен, поврзан, еднакво вреден и еднакво важен дел од напредниот свет. Во времиња на големи глобални и идеолошки пресврти, радикализации и неизвесност, ние испорачуваме решенија и мир.
Пресвртната точка за Северна Македонија и нејзината нова улога во регионот беше Договорот од Преспа со кој со Република Грција го решивме тридеценискиот спор. Тој договор уште еднаш потврди дека само прогресивните, демократски ориентирани политички елити се доволно храбри и имаат силна политичка волја да решаваат и најсложени прашања или недорабирања.
Договорот од Преспа и Отворен Балкан
Договорот од Преспа беше движечка сила за нови иницијативи кои дотогаш не беше можно да се реализираат.
Денес регионалната соработка и иницијативите како Отворен Балкан се темелите и засилувачите на новите социо-економски перспективи, бидејќи почиваат на дијалог и взаемна поддршка. Бидејќи се во суштината на демократијата и либерализмот, односно се директни противници на радикализмот и на авторитарните, самодоволни режими.
Токму затоа иницијативите за соработка и поврзување, како што е Отворен Балкан, имаа и имаат противници меѓу националистите и автократите.
Но, ова е време на борба на умерените со радикалите и колку порано умерените- леви и десни лидерства и граѓанства- се запознаат, се здружат и се сојузуваат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од национализмот што на моменти ја прекриваат со непријатен чад и мирис, дури и Преспа.
Имаме одговорност да повикуваме на здружено делување, ние умерените левичари и десничари, заедно да им се спротивставиме на радикалните центри и тенденции кои од лево и од десно се спојуваат зад нашиот видокруг, користејќи најопасни методи за маниуплации, предизвикувајќи конфликт и судир, не нудејќи притоа никакви решенија за напредок.
Подигање на довербата во институциите
Во борбата меѓу авторитарните тенденции и демократијата, исклучително значаен фактор се демократските институции. Од изборните комисии до високите судови, од локалните власти до националните институции за човекови права, од медиумските регулаторни тела, до антикорупциските ентитети…
Сите овие демократски структури треба да се одржуваат во духот на демократијата и постојано да се зајакнуваат. Најважните „состојки“ на демократските институции се транспарентноста, независноста и услужноста. Само како такви тие ќе ја обноват или задржат довербата на граѓаните.
Независните институции што го почитуваат владеењето на правото и интересот на граѓаните играат клучна улога во обезбедувањето основа за силни и отпорни демократии.
Во таа насока она што треба да биде континуитет се политичката и финансиската поддршка, учеството на јавноста во креирањето на политиките за работа на демократските институции, затоа што тие произлегуваат од граѓаните и треба да им бидат сервис на граѓаните.
Плодна почва за популистите
Слободата на медиумите и граѓанското образование треба да бидат и да останат во врвните приоритети кога станува збор за инвестиции во овие столбови на демократијата и во нивното промовирање како темелни потпори на кои се издига слободното и демократско општество.
Бидејќи недемократските, авторитарни режими се плашат од нив, секоја демократски ориентирана власт ја има одговорноста да ги промовира и заштитува слободата на изразување, вклучително и слободата на медиумите.
Тоа, заедно со сопствената транспарентност и одговорност за добро владеење се основни алатки за справување со дезинформациите, поларизацијата и говорот на омраза затоа што тие се основното оружје за сеење страв и за воспоставување контрола врз јавното мислење.
Недостигот на доверба во институциите обезбедува плодна почва за популистичките лидери и движења, кои ја користат можноста да ја префрлат целата вина на „демократијата и човековите права“.
Демократијата ќе преовлада
Моето искуство ми покажа дека секогаш ќе има пречки и луѓе кои во име на моќта ќе ставаат клинови во тркалата на демократијата, на правдата, на еднаквоста.
Затоа нашите заеднички и принципиелни напори да истраеме во нашата посветеност кон демократијата, во име на достоинството и еднаквоста за сите, се од витално значење.
Демократијата не е еднаш засекогаш дадена и нема крајна дестинација или конечно достигнато рамниште. На демократијата треба да ѝ обезбедиме континуиран развој и унапредување.
Затоа за мене е прашање дали постои „консолидирана демократија“, бидејќи ако остане таква ѝ ја одземаме нејзината суштина, а тоа е нејзината внатрешна динамика за постојан развој. Демократијата треба да изненадува со нови идеи, да ги користи мејнстрим институциите за да допре до што повеќе граѓани со своите бенефити, да изненадува со нови слободи кои ќе им се допаднат на општествата, а не да се консолидира со наведната глава, пред нападите од радикализмот.
Имаме бројни примери, а Северна Македонија е еден од нив. Преку здружување на различните, демократијата може да надвладее над монолитните радикали.
Зоран Заев
(Авторот е поранешен премиер на Република Северна Македонија)
Текстот е пренесен од списанието „Предизвици“- фондација „Фридрих Еберт“ Скопје