Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Москва обвини бугарски новинар како „странски агент“

Москва обвини бугарски новинар како „странски агент“

Руските власти го прогласија бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев, долги години остар критичар на Москва,  за „странски агент“- јавуваат руските новински агенции.

Во последно време, ваквите етикетирања кои личат на пресудите без докази и судење во времето на Сталин, Русија им ги прикачува на сите кои ја критикуваат актуелната власт ,  Кремљ и општата внатрешна состојба во земјата.

Во последно време за наводна „странска агентура“ се прогласува и секоја осуда на инвазијата врз Украина и критикување на војната за територија во руското соседство.

Според рускиот закон кој на неколкупати беше видоизменуван, со заострување на неговите одредби, ваквата квалификација за „државен непријател“ – „агент“ кој работи против Русија, може да му се прикачи на лице кое е руски, но може да биде и странски државјанин. Грозев (53) е државјанин на Бугарија.

Дел од истражувачката мрежа „Белингкат“

Овој новинар, кој важи како специјалист за состојбите во Русија,  е „виновен“ затоа што и припаѓа на респектабилната истражувачка мрежа „Белингкат“ која има седиште во Британија, но дејствува низ целиот свет, а за руската власт претставува „непријателска„  кон Русија.

Грозев имаше важна улога во сите истраги на „Белингкат“ , поврзани со труењето и обидот да се убие рускиот опозициски активист Алексеј Навални кој е обвинет, осуден и затворен само затоа што беше и остана остар критичар на состојбите во Русија. Како и за тоа дека и по осудувањето и ставањето во затвор под  строг режим, се покажува дека власта се изживува врз него , недозволувајќи му и да се лекува.

Според руските медиуми, Грозев на листата на „странски агенти“ на министерството за внатрешни работи во Москва бил ставен на крајот од изминатата недела, во истиот ден кога еден суд во рускиот главен град има издадено налог за негово апсење. Бугарскиот новинар, инаку, не живее во Русија, а ниту се наоѓа на руска територија.

Обвинување за „шпионирање“

Агенцијата РИА Новости, која важи за блиска до руските тајни служби има дистрибуирано изјава на неидентификуван „висок функционер“ дека Русија го обвинува оти му помагал на рускиот новинар Роман Доброхотов за да пребега во странство, пред да биде уапсен.

Руската тајна служба ФСБ (Федерална служба за безбедност) го обвинува и за „шпионирање“ , односно за помагање и за соработка со украинската безбедносна агенција.

Пред Кремљ да почне да се пресметува со новинарот Грозев и пред инвазјата врз Украина, „Белингкат“ беше  вклучен во истрагата околу падот на малезискиот патнички авион кој летајќи на редовната линија од Амстердам до Куала Лумпур,  во летото 2014 година, беше соборен над Источна Украина, во екот на борбите на проруските сепаратисти со украинските сили за отцепување на  Донбас.

Загинаа сите 298 патници и членови на екипажот- во најголем број Холанѓани и Малезијци.

Пресметка  со неистомислениците

Мрежата на „Белингкат“ прва почна да открива дека авионот го имаат соборено припадници на сепаратистичките сили, со руска против-авионска ракета , додека леталото се наоѓаше на височина од 10 илјади метри.

Ниту тогаш, а ниту сега, Русија не прифаќа  ниту одговорност за авионската катастрофа, а не вина, иако и официјалната холандска истрага утврди кој е одговорен за соборувањето на авионот, утврдувајќи дека руската страна има давано техничка подршка на сепаратистите во сите нивни операции и дејствувања.

Случајот со бугарскиот истражувачки новинар доаѓа само неколку денови по тешката затворска казна која му беше определена на Владимир Кара-Мурза , инаку остар критичар на путиновата војна во Украина и на вкупната внатрешна и надворешна политика на сегашната авторитарна власт во Русија.

Тој е осуден на 25 години затвор за измислени обвинувања, какви им се даваат на руските опозиционери,  кои се сосема блиску до оние кои му се прикачуваат на Христо Грозев.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе