Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кремљ се пресметува со противниците на војната

Кремљ се пресметува со противниците на војната

Судот во Москва парично казни една Русинка- слаткарка за – како што е речено- „анти руско дејатвување“ , само затоа што колачот што таа го направила не бил по вкусот на путиновата власт и на руската војска. Колачот бил украсен со сино-жолта боја, а тоа се боите на украинското знаме.

Слаткарката Анастасија Черничева , затоа, е прогласена за виновна, за наводно „дискредитирање на руските оружени сили“, па е осудена да плати казна од 35 илјади рубли, или 400 евра.

Казна за „украинска торта“

Медиумите на власта пишуваат дека жената била уапсена  од полицијата и одведена на сослушување, откако некои од прорежимските новинари , имаат објавено текст за слаткарката и за колачот, опишувајќи го „страшниот“ колач.

Веднаш по тоа, покрената била  потрага по  сите „злосторства“ на Черничева, која  на Инстаграм, на својот профил кој има над 23 илјади следбеници, во текот на минатата 2022 година има поставено низа фотографии на своите колачи – со политички пораки, но сите мирољубиви и антивоени.

Во март годинава, на пример, таа има направено  бела торта на која била запишана пораката- „Не, на војната“.

Како сега стојат работите, слаткарката уште и лесно поминала со руските преки судови, затоа што нејзиниот случај не е единствен и таа не е осамена – да биде судена и казнета за мирен протест против агресијата врз Украина и за неодобрување на инвазијата и војната што Русија ја води веќе 14 месеци.

Девојчето со анти-воениот цртеж

Еден поранешен руски полицаец , беше осуден по брза постапка на седум години затвор, обвинет за наводно „ширење лажни информации“ за руската војска и за војната. Бил уловен од тајните служби кои му го прислушувале телефонот, затоа што во еден телефонски разговор има речено -„Слава на Украина“. Човекот имал украинско потекло.

Познат е случајот со девојчето кое имаше нацртано еден анти-воен цртеж, поради кој  веднаш беше испратено во прифатилиште за деца-сираци, иако ги има и двајцата родители. Нејзиниот татко беше означен за анти-руски настроен и како „непатриот“ и беше ставен во домашен притвор.

Од таму човекот успеал некако да побегне, но бил фатен на територијата на Белорусија чии власти им го предадоа „злосторникот“ на руската полиција која го префрли во Русија. Таму веднаш му определија затворска казна.

Претходно, овој месец, еден од водечките руски опозиционери , Владимир Кара-Мурза беше осуден на дури 25 години затвор, откако беше обвинет за „велепредавство“. Само затоа што од самиот почеток на руската инвазија е против агресијата на Москва, постојано осудувајќи ја војната на путинова Русија на украинска територија.

Нов и построг кривичен закон

Целата оваа брутална пресметка на Кремљ и на власта со противниците на војната и со Русите кои јавно заговараат мир, трае уште од времето набргу по инвазијата од февруари 2022, но како одминува времето а Москва е се повеќе заглавува во судирот со украинските сили, што сега се засилени со разно најсовремено оружје, гневот на руската власт и на претседателот станува се поголем .

Така и казните стануваат построги, дури и  бизарни и измислени случаи се квалификуваат како „предавство“ , или како „непријателство“ кон војската, иако главниот товар го носи паравоената, платеничка војска на „Вагнер“. Овој пат, сите овие примери се случуваат во време кога Владимир Путин направи и  одобри нов, уште построг кривичен закон.

Според него, се зголемуваат казните за она што власта го квалификува како предавство, велепредавство , потоа како тероризам и помагање на меѓународни организации во кои Русија не е членка, или не ги подржува.

Рускиот портал Медуза кој дејствува од Рига (Латвија) пишува дека за велепредавство сега следува доживотен затвор.

Депортирање од анектираните територии

Но, посебно е интересно новото кривично дело – помагање на меѓународни организации. Медуза смета дека тоа, пред се, се однесува на Меѓународниот кривичен суд кој го обвини Путин и наложи тој да биде приведен и одведен на сослушување во Хаг.

Станува збор за меѓународен суд што Москва не го одобрува и одбива да членува во него уште од времето на неговото создавање. За соработка со него , казната е до пет години затвор.

Конечно, Путин деновиве потпиша и указ со кој на руските власти им се дозволува – од окупираните и анектирани украински области- да ги депортираат сите оние кои ќе одбијат да примат руско државјанство- што сега на сила им е наложено.

Сите жители во анектираните територии, на овој начин, се прават Руси, со декрет на Кремљ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе