Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија со ротирачки премиер

Бугарија со ротирачки премиер

Двете главни политички партии во Бугарија- ГЕРБ и ПП (Продолжуваме со промените) – обете проевропски определени, кои на последните, пети по ред предвремени избори, освоија најмногу гласови, се спогодија за создавање влада со ротирачки премиер- во следните 18 месеци.

Според договорот, прв премиер, во првите девет месеци  треба да биде кандидатот на ПП, Николај Денков, додека мандаторот предложен од ГЕРБ, Марија Габриел, која до скоро беше еврокомесар во Европската комисија, ќе биде заменик премиер и министер за надворешни работи.

На почетокот од април, идната година, ќе ги заменат местата, на тој начин што Габриел ќе стане бугарска премиерка, а Денков ќе го преземе местото шеф на бугарската дипломатија.

Договор во последен момент

Спогодбата за едно вакво решение за излез од долгата и длабока политичка криза во земјата, беше постигнат во последен момент, откако Марија Габриел,  како кандидат на ГЕРБ  веќе се подготвувала да му го врати мандатот на претседателот Румен  Радев, не успевајќи да се спогоди за коалиција со некоја од партиите кои влегоа во најновиот состав на бугарскиот Парламент.

Партијата Продолжуваме со промените на Кирил Петков уште во изборната кампања порачуваше дека нема да го подржи Бојко Борисов за премиер, ниту влада составена од оваа партија, без разлика дали ќе ја предводи тој, или некој друг од ГЕРБ. На таа позиција беше и коалициониот партнер на Петков од партијата Демократска Бугарија, иако од оваа партија се  заговараше секакво решение , само за  да нема нови избори.

Марија Габриел која се повлече од Европската комисија за да помага во разрешувањето на политичката криза на домашната сцена, откри дека не можела да најде „никакви додирни точки за коалицирање “ со бугарските социјалисти (БСП) , затоа што двете партии се „посебни два света“.

Политичка пат позиција

Оваа левичарска партија е продолжение на некогашната владеачка  БКП ( бугарските комунисти) кои беа порано, а и сега се, силно проруски определени, со резерви кон Западот, а останаа бастион на тврдиот бугарски национализам- служејќи им и понатаму на руските интереси на Балканот.

На последните избори минатиот месец, ГЕРБ на Борисов освои најмногу гласови, пред партијата на Петков, потоа на бугарските Турци, на БСП и десничарската, националистичка Взраждане ( Препород) на Костадин Костадинов кој е близок пријател на Владимир Путин.

Никој од нив, меѓутоа, немаше доволно пратеници за да може да создаде стабилна и функционална влада. Беа проектирани една коалиција на Борисов со ГЕРБ, заедно со партјата на Турците и БСП, или една голема коалиција на ГЕРБ, партијата на Петков и партијата на Турците која ќе имаше апсолутно мнозинство.

Проблемот беше што во коалција мораше да биде партијата на Борисов за која и овој пат гласаа четвртина од бугарските гласачи, а  главните партиите кои влегоа во Парламентот одбиваа  коалицирање со гербовци.

Европа како посредник?

Кога изгледаше дека ќе мора да има и шести предвремени избори, од крајот на 2020 година, Борисов (на изненадување) на сите ја понуди Марија Габриел- за да од Брисел  се пресели во Софија и стане мандатор за нова влада.

За неа се знае дека подолго време живее на Запад, работи во Европската комиија, мажена е за француски функционер во ЕУ, со силни врски во десно-центристичкиот блок партии во Европскиот Парламент, на кој му припаѓа и ГЕРБ.

Излезе дека зад сцената, во Софија се разговарало со Брисел и со ЕУ околу можното решение за бугарската криза, која станува товар и за Унијата. Уште повеќе што веднаш по овие избори Европа дискретно заговараше голема коалиција, како спасоносно решение за излез од кризата.

Впечаток е, затоа, дека Габриел како непозната во бугарската јавност  , на некој начин, стана налик на Кирил Петков кој беше непознат во бугарската јавност- беше донесен од странство ( Канада ), за да (кусо време) биде и премиер.

Анти-ЕУ силите и русофилите- против

Моделот за Бугарија, веќе се применува и во светот и во самата ЕУ- во Романија и во Ирска, а до последните тамошни избори беше користен и во Израел. Но, како што можеше да се претпостави системот со ротирачки премиер не им се допаѓа на антиевропските сили во Бугарија.

И партијата Левица и националистите сметаат дека ваквиот договор бил „нечесен“,  затоа што Петков не го исполнил ветувањето дека нема да прави коалиција со ГЕРБ, но и дека  е штетен за државата, иако нема објаснување што  ќе и наштети на земјата.

Уставниот суд, во меѓувреме, објасни дека од уставна гледна точка нема никаков проблем со ротацијата на премиерите- доколку постои договор.

Самиот Кирил Петков , пак, во посебно соопштение објасни како и зошто двете партии- лути непријатели на политчклата сцена-  се спогодија да се создаде влада која треба итно, за 18 месеци да ја извлече земјата од кризата и да и овозможи реализација на нејзините стратешки, европски цели.

Влез во Шенген и еврозоната

Според поранешниот премиер овој модел, сепак, не е коалиција, туку партнерство на определен рок. Тој самиот нема да биде дел од новата влада што ќе ја водат еднаш Денков, а потоа Габриел и инсистира дека во спогодбата не е направена од властољубие, туку дека станува збор за решение во интерес на државата.

„Со нашите 64 пратеници во Парламент од 240 пратеници, овој модел што го избравме е најдоброто решение што како партија можевме да го направиме“- изјави Петков, објаснувајќи дека она што ги натерало на ваквиот чекор е Марија Габриел, која според него, била клучниот елемент за  согласувањето на ПП околу моделот.

Тој смета дека  моделот- на политичка ротација- е најпогоден кога постојат две политички сили кои не си веруваат , а  сами не може да создадат влада која ќе функционира.

Петков уверува дека договорот од 18 месеци е направен за да се исполнат обврските дадени на гласачите- за влез во Шенген и во евро зоната, што инаку доцнат многу поради бугарските состојби, како и да се реализираат сите инфраструктурни проекти кои се останати заглавени. Конечно, спогодбата има за цел Бугарија- најпосле- да стане нормална европска држава.

Габриел клучна за спогодбата

Официјалното објаснување од ПП е дека Габриел била она што ги натерало да се  предомислат. Прво, затоа што таа доаѓа од Брисел, долго време живее на Западот, не е заглавена во никакви бугарски скандали и затоа што се смета дека поседува и квалитет и компатентност да ги истурка бугарските стратешки  цели.

Вклучувајќи ја и борбата со корупцијата и  спроведувањето реформи во правосудниот систем. „Ако не се согласевме  за еден ваков постизборен модел- Бугарија ќе мораше да оди на шести едно по друго избори„- има речено Петков во Софија.

Ваквата разврска, меѓутоа,  би била штетна за државата, Тоа би предизвикало  земјата и натаму ќе остане без потребните европски пари, без средствата од фондот за санација од корона пандемијата ( девет милијарди евра) , без шенген и еврозоната, како и без реформите во праосудствот0 што во Бугарија се влечат со години на ред.

За лидерот на ПП е важно и тоа што со евентуалните  нови избори, ќе им се овозможи  да просперираат (поради кризата)  разните националисти и лажни  бугарски патриоти, како оние од Взраждане.

(С.Б.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе