Украина пред признавање на Косово ?
Европски медиуми веќе извесно време невестуваат дека Украина би можела да ја признае косовската независност.
Тоа се смета дека би претставувало реакција на Киев на односот на официјален Белград кон војната и руската агресија, откако Србија продолжува да се спротивставува на воведувањето санкции кон Русија по извршената инвазија врз Украина.
Тоа е сосема различно од однесувањето на Приштина која иако не е дел од НАТО и ЕУ, а ниту е во преговарачка фаза со Унијата, ги спроведува сите мерки на ЕУ и на Западот, силно подржувајќи ја украинската борба против агресорот.
Признание или дипломатска канцеларија
Потврда за тоа дека во Киев се размислува за еден ваков чекор на Украина, даде претседателот на Одборот за надворешна политика на украинската Рада ( Парламентот) Олександер Мершко. Во изјава за косовската телевизија ТВ-7 тој има речено дека во „Киев навистина се разговара за признавањето на Косово“, но притоа признал дека носењето на една таква одлука не е лесна работа.
Мершко, меѓутоа, открил дека доколку (овој пат) Приштина не добие украинско признавање, тогаш може да се случи Киев да се определи за отворање на своја дипломатска канцеларија во Приштина, исто онака како што ова прашање го има уредено Грција.
Владата во Атина се уште ја нема признаено независноста на Косово, но затоа има своја канцеларија која од минатата година има дипломатски статус, на ранг на амбасада.
Лобирање на украински пратеници
Украинскиот пратеник за косовската телевизија открил и тоа дека има повеќе пратеници кои заговараат- косовската солидарност со украинската борба против Русија, да се награди со признавање на независноста на Косово.
Амбасадорот на Украина во Белград, за локалните медиуми уште еднаш има речено дека Киев нема да брза со признавањето на Косово, уверувајќи ја српската јавност дека Киев има принципиелен став околу територијалниот интегритет на Република Србија. Но, амбасадорот потврдил дека во украинскиот главен град „се размислува за еден таков чекoр“.
Тој и во оваа прилика го повикал официјален Белград, како земја кандидат за членство во ЕУ, Србија да ја усклади својата надворешна политика со онаа на Унијата, кога станува збор за руската агресија врз Украина.
Предупредување од Белград
Од главниот град на Србија реагираше ( во свој стил) српскиот претседател . Тој го предупреди Киев дека украинското признавање на Косово би значело „загуба за Украина во контекстот на нејзиниот територијален интегритет“- во услови кога земјата има загубено ( анектирано од Русите) 20 отсто од украинската територија.
Што ќе рече – признавајќи го Косово , украинската страна би ја загубила основата за своето барање да и се почитува територијалниот интегритет.
„Се запознав со претседателот Зеленски и мислам дека тој е многу попаметен од пратеникот Мершко. Со признавањето на Косово, во еден ден Украина би ги загубила сите адути што сега ги има во свои раце“- рекол српскиот претседател.
Србија која и понатаму одржува добри односи со Москва , во рамките на ОН ја има осудено руската агресија и има изјавено дека го подржува и територијалниот интегритет на Украина (политика во стилот на Кина, која е главниот руски сојузник во овие воени времиња). Но, Белград и натаму се противи на воведување санкции кон Русија.