Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија и Вучиќ „на тапет“ во германските медиуми

Србија и Вучиќ „на тапет“ во германските медиуми

Неколку угледни германски весници и медиуми во изминатите денови се занимаваат со состојбата на  Западен Балкан- опишувајќи ја како (одново)  турбулентна , кога се гледа низ сето она што се случува во Србија,  во Косово и  БиХ-  и при тоа и замераат на владата во Берлин , што молчи и што (практично) не реагира.

Во овие новински анализи, сепак, акцентот се става на српското однесување во регионот и на постапките на српскиот претседател за кои се вели дека го „дестабилизираат Западен Балкан“.

Тројца сојузници на Путин

„Франкфутер Алгемајне Цајтунг “, на пример, детално го анализира руското влијание и посочува дека Владимир Путин има тројца сојузници  во Европа.

Тоа се  една членка на ЕУ- Унгарија и нејзиниот автократски лидер Виктор Орбан,  една земја кандидат за влез во ЕУ- Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ, како и во половината од БиХ, во српската енклава Република Српска, каде владее Милорад Додик.

Според весникот , сите овие властодршци му се крајно лојални на рускиот претседател, иако се согласува  дека таа нивна приврзаност е изнијансирана.

Москва, пак, на овој европски простор, својата политика ја има насочено кон Додик и кон неговото настојување да го погази Дејтонскиот договор и  од БиХ да се направи некаква конфедерација , како преодна фаза кон отцепувањето на српскиот дел од Босна.

Авторот на анализата го нарекува Додик „помладиот партнер на Путин во Бања Лука“  и посочува дека ( во неговиот случај),  Германија, сепак,   има реагирано.

Мисијата на Белград и Будимпешта

Прво, ги замрзна, а сега целосно ги запре четирите инвестициски проекти, во вредност од над 100 милиони евра. Реагираа и САД на тој начин што на крајот на јули им воведоа санкции на четворица високи функционери на српската енклава, меѓу кои е и српскиот член на Претседателството на БиХ. Конечно, јавниот обвинител подигна обвинување против Додик.

Таа е врв на досегашниот негов судир и на јавните дисквалификации со високиот претставник Кристијан Шмит, што може да биде толкувано како знак дека нешто се движи на добро во босанската ситуација, иако останува да се види  дали обвинителството ( во Сараево) ќе може да дејствува на територијата на енклавата.

Силна подршка на националистичкиот и сепаратистички определен Додик, му даваат покрај Москва и Белград и Будимпешта. Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, на пример, кој е реализатор на орбановата антиевропска политика,  го бранеше Додик – дека тој,  како и Путин, се бори за националните интереси.

Српскиот претседател, сепак не е толку отворено проруски определен, како што е  тоа лидерот на Србите во Босна.

Антиевропска клима и реторика

Но, Србија на Вучиќ и натаму одбива да се приклучи на европските санкции против Москва за инвазијата врз Украина и ја подржува Русија секаде каде тоа може да го прави. Уште повеќе што белградските провладини и националистички медиуми што се под контрола на пријатели на Вучиќ со години на ред, ја бомбардираат српската јавност  со антизападна пропаганда, претставувајќи ги Русија и Кина како вистински српски пријатели.

Како резултат на тоа, мнозинството во Србија сега е против влез на земјата во ЕУ, за што „Франкфутер Алгемајне Цајтунг’  вели дека тоа веќе не е битно, бидејќи еден таков чекор и онака  не се планира. Сепак, се потенцира дека станува збор за илустрација на изменетата атмосфера во оваа западнобалканска  земја.

Таквата промена ја чувствуваат и политички активните руски бегалци во Белград кои се најдоа во српскиот главен град,  бегајќи од војната и од путиновиот режим.

Во изјави за  западни медиуми тие признаваат дека веќе не се сосема безбедни во Србија и дека го чувствуваат притисокот на српската држава.  Им се закануваат  дека ќе им се забрани влез , или пак нема да им се продолжи дозволата за престој.

„Опасно попуштање на Србија“

Најилустративен пример за тоа е случајот со рускиот дисидент Владимир Кара-Мурза кој во април  беше осуден на 25 години затвор, лажно обвинет за „велепредавство“. Пред да биде уапсен во Русија, тој откри дека српската тајна служба ги шпионирала и ги прислушувала, додека руските опозиционери, во мај 2021 година, се собрале во Белград.

Целиот тој материјал од шпионирањето, во Москва ги однесе лично тогашниот министер за внатрешни работи Александар Вулин , еден од најлојалните соработници на српскиот претседател кој сега е унапреден во шеф на српската тајна служба (БИА).

Берлински “Тагесцајтунг“ , затоа, ги критикува ЕУ и САД што и натаму  сакаат да ги придобијат српските националисти-  со спроведување на „политиката за разбирање“ – за што овој весник смета дека е „крајно опасен курс“.

За овој весник е опасно да се верува дека  Србија ќе може да се внесе во западниот табор, на тој начин што постојано ќе и се „гледа низ прсти“ и ќе и се прават отстапки во Косово и во Босна.

Политика на одвраќање

Според „Тагесцајтунг“ , конците на таквата политика ги влечат- Габриел Ескобар и американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил, како и европските допломати Јосеп Борел и Мирослав Лајчак.

А нивната замисла-  да им се угодува на националистите (српски)-  за да се одржува мир , засега, ја прифаќаат и повеќето европски дипломати, заборавајќи притоа  дека таквата политика-  од 1991 година, па наваму- постојано доживува неуспех.

Сепак, не сите на Западот се спремни да ја прифатат , па и во ЕУ и во САД се појавија  тврдења дека дипломатијата треба да се сврти кон политиката на одвраќање, за да се спречи натамошното влошување на ситуацијата во БиХ и во Косово.

Се заговара потребата од фокусирање на состојбата во дистриктот Брчко , што Република Српска ја дели на два дела. Весникот местото го означува како стратешка точка на Балканот, значајна за целиот регион, затоа што српската страна настојува целосно да го стави под своја контрола.

НАТО наместо Еуфор ?

Западот затоа побрза да го спречи таквиот план и го зголеми контингентот на силите на Еуфор. Дури и Германците испратија триесет војнци , но за „Тагесцајтунг“ е погубно што за командат на европските сили е псставен Унгарец.

Германскиот весник цинично забележува дека тоа е како- „коза да стане градинар“!

Притоа се бара наместо Еуфор во Брчко да влезе НАТО и да ја сочува БиХ , критикувајќи ја германската министерка за надворешни работи  Аналена Бербок, која својата почетна борбеност ја замени со  молчење за сите овие рабити, практично, препуштајќи  го Балканот   на погрешната политика и на еден Виктор Орбан.

Тоа, според мислењето на весникот „Берлинер Цајтунг“ би било погубно за целиот Балкан, доколку  регионот  им се остави на Србија и на Александар Вучиќ.

Овој германски весник е категоричен дека „мора да се скрши доминацијата на Србија“ и затоа  препорачува засилено  германско влијание и присуство.  Со него и  со помош на Загреб и Сараево (свртено кон Хрватска), би требало- како што се вели-  да се елиминираат српските хегемонистички идеи.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе