Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

БРИКС – во служба на Москва и Пекинг

БРИКС – во служба на Москва и Пекинг

Пет земји од четири континенти – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка- познати по кратенката БРИКС, според првите букви од имињата на државите, на својот последен годишен Самит, се согласија да повикаат шест други земји- за да се приклучат на овој шарен и целосно не кохерентен сојуз.

Повик за придружување им е упатен на Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет и Етиопија, како и Аргентина, со што разноликото друштво на бриксовци, би станало уште пошарено.

Она што може да се рече дека ги поврзува првите пет земји е што сите се „скарани“ со демократијата и дејствуваат како  режими, освен можеби Индија која настојува сите да ги убеди дека најнаселенера држава во светот е и најбројната светска демократија. Составот на дополнително повиканите, пак, само се надоврзува на оваа квалификација и таму само за Аргентина (оваа сега)  може да се рече дека заскитала во друштвото на тоталитарните  политички системи.

Шарено друштво

Групата почна како четворка, на која во 2009 година им се приклучи Јужна Африка. Уште тогаш беше јасно дека друштвото го имаат покренато Русија и Кина- за свои политички и геостратешки потреби.

Бразил со својата долга пучистичка историја, со скитањето меѓу крајното десничарење и исто таквото левичарење, иако е најголемата држава во латиноамериканскиот простор, не успева никако да се наметне за лидер во тој свет.

Иако тоа го сака, борејќи се за таа позиција со Аргентина, Бразил не може никако да се постави за земја-модел во регионот , поради хроничното оптоварување со корупцијата во врвовите на државата. На пример, двајцата последни претседатели ( меѓу нив и сегашниот Лула да Силва) беа тргнати од позицијата и ставени во  затвор, осомничени за земање поткуп.

Таквата ситуација е уште полоша во една Јужна Африка , каде корупцијата има малигни размери и каде на претходниот претседател Зума му се судеше за корупција и за злоупотреба на функицијата, во една атмосфера на заплеткани правно-политички и партиски- односи.

Анти-западен политички блок

Индија, од своја страна, е од почетокот во ова друштво , како голема држава. За да биде блиска со другите двајца големи (Русија и Кина), со кои има и соработка (економска и воена со Москва), но и бројни недоразбирања( со Кина)- околу граничната линија за која двете соседни земји имаат и војувано.

Но , Њу Делхи изгледа дека во сегашната ситуација во светот, би сакал да седи на две столчиња- што како голема земја може да си го дозволи- па нејзиниот премиер, како гостин беше на последниот Самит на групата Г-7 што е спротивно на општо прифатената констатација дека БРИКС е создаден како антизападна алијанса.

Во секој случај, групата е чудна творба, затоа што нема ниту географска, а ниту културолошка кохезија. Започна како група на водечките светски економии во развој (сите се дел и од групата Г-20) , но сега под влијание на руско-кинеската двојка се претвора во блок кој треба да биде контра Западот и западните структури , како што се Г-7 или НАТО.

Идеологија од советско време

Работата  на тој план, онака, од  сенка,  ја турка Кина која по секоја цена сака да дојде до статус на светска сила.

Валканата работа- да се расправа  на јавната сцена-  и ја препушта на путинова Русија, фрустрирана што нејзиниот претседател, за 23 години авторитарно владеење, не стана призната со таков  статус во меѓународните односи . За тоа, сепак,  се виновни само Владимир Путин и неговата политика на постојана конфронтација.

Од доаѓањето на власт, како премиер, пред крајот на 1999 година, тој е опседнат со тоа дека светска сила Русија може да стане само доколку е во постојан судир-  со Западот.

Раководејќи се, притоа,  од старата советска идеологија дека, наводно,  таму се сите зла на светот. Во сегашната ситуацијата, кога води империјална војна и настојува да го обнови СССР под руска домимнација,  мора да прифати да игра по кинеските ноти. Пекинг му е главниот подржувач во таа и таква војна.

Репресивни автократии

Во  политичката филозофија на Москва и Пекинг, лесно ќе се вклопат репресивните автократии- диктатури на С. Арабија, Иран, Египет и Етиопија, каде постјано се војува против сопствениот народ и тежнењето за демократија, а тука блиску се и ОАЕ.

Веројатно е дека ним, затоа, не им пречи еден Путин, од чиј режим бегаат и демократски определените Руси, со  кинескиот лидер Си, да бидат предводници на еден „нов свет“. За него најмногу и најчесто зборува само Путин – притиснат од внатре и во време додека настојува да покори една независна држава, прикажувајќи го тоа како- ослободување.

Цинично е токму рускиот претседател да зборува за „неоколонијализам“ додека води империјална војна, уште настојувајќи своите соседи, екс советски републики, но и земјите од екс, комунистичка Источна Европа, да ги претвори во послушни вазали.

Еден британски коментатор, со право,  има забележано дека би било добро Путин да изврши „деколонизација“ во британски стил- во најголем број- по мирен пат и да ги остави советските колонии самите да го изберат својот иден пат.

Лажниот херој од Русија

Меѓутоа, во очите на лидерите, а преку нив и на елитите во таквите земји, оние во БРИКС и оние на кои им се нуди влез во групата, рускиот претседател изгледа како „херој на денешното време“ . Само затоа што се спротивставува на сето она што го чини современиот свет- на демократијата и владеењето на правото, на свет и држави ослободени од клептократијата врз која се потпира путиновиот режим.

Нормално, еден таков лидер не може да биде ничиј сојузник, освен  на земјите кои се спремни да се приклучуваат во оваа контроверзна група. Ним им е туѓо да дозволат човекови слободи, или да се определат кон градење либерално општество, какво инаку нема во  државите од групата , а какво се изградува на Западот и во Америка.

Во такви услови, Русија и Кина ќе продаваат стари фрази, од времето на тврдиот комунизам- советски и кинески- како нешто добро, со кое треба да се „бранат“ земјите од многу демократија и од Западот и неговиот „колонијализам“.

Подршка од Западен Балкан

Смешно делува путиновата приказна дека западната демократија била инфериорна на руската и тоа во време кога еден Евгениј Пригожин, со сите негови зла, беше брутално ликвидиран во  соборен авион. Кога среде Москва беа убиени Борис Немцов, или новинарките Ана Политковскаја и Наталија Естемирова, или во Лондон ликвидирани дисидентите Александар Литвиненко и Борис Березовски кој, инаку, му помогна на Путин да го добие првиот претседателски мандат.

Европа и Америка, овој пат,  само го проследија Самитот на БРИКС и повикот да се претвори во група од 11 членки.

Реакција, меѓутоа, имаше на Западен Балкан, таму каде се уште има сили кои се против либерализацијата, вистинската демократија и европеизацијата на регионот. На Западен Балкан и натаму во мода се репресивни автократии и обожувањето на Путин, како симбол на режимско  владеење до крајот на животот.

Лидерот на босанските Срби , на пример, побрза да се пофали дека во Москва ќе барал неговата српска енклава Репубика Српска, да се прими во БРИКС, а да се откаже од члентвото во ЕУ. Но, таквата линија  ја бранат и националистичките, русофилски дпмнеовци во Македонија на кои им пречи либерална Европа . Затоа што знаат само деспотски да владеат., во путиновски стил.

(О.У.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе