Индија и Канада се скараа за Сиките
Индија – која како домаќин на годинешниот Самит на групата Г-20 настојуваше да се прикаже како новата голема сила во развој- откако се искара со соседна Кина, за спорната граница во реонот под Хималаите, една недела подоцна влезе во жесток судир и со далечна ( за неа) Канада.
Судирот со Канада и со Џастин Трудо е само политички и тој избувна откако канадскиот премиер ја осомничи државата Индија дека стои зад убиството на лидерот на Сиките во Канада-Хардеп Синг Нијар.
Нијар беше убиен на 18 јуни пред еден Сики храм во канадската провинција Британска Колумбија, на крајниот запад од оваа држава.
Сомневање за „државен тероризам“
Според тамошната полиција, но и според сознанијата на канадските разузнавачки агенции, се располага со „силни сознанија“ за „постоењето врска меѓу убиството на Нијар и индиската држава“. Верувајќи во своите тајни служби, нивните сознанија Трудо и ги соопшти на канадската јавност.
Тоа означува дека Индија, со која Канада настојува да изгради и политички и економски односи, има изведено акт на “државен тероризам“ на канадската територија. Ова веднаш предизвика остра реакција на официјален Њу Делхи од каде се отфрлаат сомничењата од Отава, означувајќи ги како – апсурдни и политички мотивирани.
Уследи и дополнително контра-обвинување за тоа дека Канада одамна им пружа засолниште на „терористите од Калистан и на тамошните екстремисти кои се закана за безбедноста на Индија“. Ликвидираниот лидер на Сиките, инаку, има водено кампања за Калистан, како независна држава на Сиките, одделена од Пенџаб во Индија, каде живеат припадниците на оваа религиозна заедница.
Сиките бараат своја држава
Австралија и Британија, каде има бројни заедници на Сики, изразија загриженост за откритијата на Трудо, но во Лондон веднаш порачаа дека британската влада продолжува да работи на постигнувањето договор со Индија за трговска соработка, очигледно, не сакајќи целосно да се солидаризираат со Канада во нејзината кавга со владата во Њу Делхи.
Сиките се една од главните религии во светот. Таа е создадена во 16 век во регионот Пенџаб, меѓу Пакистан и Индија, што денес е поделен меѓу овие две соседни држави, создадени и незевисни по заминувањето на Британците од индискиот потконтинент во 1947 година.
Во светот има околу 25 милиони Сики, а нивната религиозна група е петата по бројот на верниците. Во Индија тие, сепак, сочинуваат само 2 отсто од населението од 1,4 милијарди жители. Но, постои бројна дијаспора на Сики, од околу 800 илјади, надвор од Индија. Најмногу во Британија и САД (заедно) над половина милион и во Австралија од околу 200 илјади.
Убиството на Индира Ганди
Калистан се нарекува и движењето кое својот врв на дејствување ( во Индија и светот) го има достигнато во осумдесетите години на 20 век. Време на насилни бунтови и напади врз цели во индиската држава и политички убиства на противниците на идејата за независен Калистан.
Ваквата состојба предизвика да се случат и два големи инциденти кои силно ја потресоа Индија.
Првиот, со избрзаниот напад на индиската војска и полиција врз Златниот храм на Сиките- најголемото и најважното светилиште на оваа верска заедница, наводно за да се најдат и заробат насилниците кои таму се сокриваа. Вториот индидент беше одмаздничката акција на Сиките, кога во дворот на премиерската резиденција беше убиена Индира Ганди, од двајца членови на нејзиното обезбедување, инаку индиски Сики.
Атентатот на популарната индиска премиерка предизвика остра и крвава реакција на мнозинската Хинду заедница, чии екстрамисти тргнаа во казнување на Сиките. Во бројните убиства и во контра-реакцијата на милитантните Сики, само од оваа заедница беа убиени над три илјади лица. Некои сметаат дека конечната бројка е пет пати поголема.
Њу Делхи остро против Калистан
За Њу Делхи , затоа, Калистан е „црвената линија“ која (велат) Индија не може да ја помине- за нив Сиките од движењето Калистан се „насилници и терористи“, па според тоа и закана за државата.
Таквата индиска позиција предизвикува во кавгата со Канада, Индија да настапува тврдо, иако ваквото однесување во меѓународните односи е типично за националистичкиот и популистики определен индиски премиер Моди.
Кога Отава протера еден индиски дипломат, Њу Делхи го направи истото, а потоа дипломатските односи се заострија, откако Индија забрани издавање визи за канадски државјани. Веднаш по тоа, од Њу Делхи порачаа дека се „загрижени за безбедноста на Индијците во Канада“. На тоа, Канада, Британија и Австралија изразија „сериозна загриженост“ за припадниците на Сиките на нивната територија- од можни нарачани убиства.
(С.Г.)