Бугарската шпионска тројка во Британија стана петорка
Бугарската шпионска група која беше откриена и уапсена во Британија , работејќи за руските тајни служби , во вторникот , за прв пат по притворањето, се појавија на сослушување пред судот во Лондон.
На ова прво соочување пред лондонскиот суд, се откри дека „бугарската тројка“ шпиони ( за што минатиот месец пишуваше Скопје/Глобал) всушност била петорка и сите петмина се бугарски државјани. Сите петмина се обвинети и дека биле дел од „руската шпионска мрежа која дејствувала во Велика Британија“.
Лажни мигранти
Орлин Русев, Бисер Џамбазов, Катрин Иванова, Иван Стојанов и последната уапсена Вања Габерова пристигнувале во различно време во Британија, како мигранти кои сакаат да работат и да живеат во Обединетото Кралство .
Сите успеале да најдат работа, или да покренат некаков бизнис и да обезбедат станови, или куќи за живеење, прикажувајќи се во соседството каде живееле како обични луѓе, дојдени за да си обезбедат подобар живот од оној во нивната матична држава.
Катрин Иванова и Џамбазов се прикажувале како брачна двојка, иако се сомнева дека биле во брак. Габерова која нема ниту 30 години, отворила салон за разубавување и била најкомуникативна меѓу сите петмина, а Иван Стојанов и во Британија се занимавал со боречки вештини, како што тоа го правел и во Бугарија.
Орлин Русев, за кого е утврдено дека раководел со групата, едно време работел во некоја британска финансиска служба. Тој е и највозрасен со своите 45 години и единствен не живеел во Лондон, туку во Греит Јармут, во Норфолк. Неговата куќа е означена како центар на бугарската шпионска петорка.
Шпионирање за Русија
Сега сите се обвинуваат за шпионирање и за илегално прибирање информации за потребите на – како што се вели во обвинителниот акт- непријателот, во овој случај за Русија.
Тие имале задача да следат, шпионираат и надгледуваат луѓе, но и локации на британска територија, најмногу во Лондон, за потребите на руските тајни служби , во период од речиси три години, од летото во 2020 до пролета оваа година.
Бугарите во служба на Русија , според обвинувањето, обезбедувале информации и разни шпионски податоци за да им помогнат на руските оперативци на теренот да извршуваат непријателски акции против цели кои Русите ги имаат определено- дури и за елиминирање и грабнување лица.
Првото сослушување било преку видео врска, од четири различни затвори каде припадниците на оваа шпионска група се сместени и каде и натаму остануваат до следното рочиште, во средината на идниот месец.
Руската врска Марсалек
За Русев се вели дека често патувал во странство и дека таму ( и во Британија) добивал задачи од друг човек кој меѓутоа, не се обвинува за овој случај.
За него лондонските медиуми пишуваат дека е познат по името Јан Марсалек ( кое можеби е лажно). Познато е дека овој човек е поранешен раководител во компанијата “Wirecard” во Австрија. Но, за него британските власти знаат и тоа дека до 2020 година бил баран за сослушување во Германија, каде бил обвинет за измама.
После таа година му се губи секаква трага, па се верува дека сега (веројатно) е во Русија.
(Д.Л.)