Нова Демократија ги загуби Атина и Солун
Во време на засилената политичка еуфорија на грчката владеачка партија Нова Демократија – и партијата и нејзиниот лидер Киријакос Мицотакис, доживеаја (неочекуван) удар од гласачите во Грција на регионалните и локални избори.
Кога се веруваше дека уште еднаш, како на парламентарните избори на крајот од летото, ќе биде поразен левиот партиски блок , Нова Демократија доживеа пораз таму каде најмалку очекуваше- во Атина и во Солун.
Двата најголеми градови-региони во Грција отидоа во рацете на опозицијата.
Пораз на синот на Бакојани
Партијата и Мицотакис, веруваа дека после вториот круг ќе ги освојат гласовите и ќе победат во сите 13 грчки региони , уверени дека (конечно) ќе падне и Солун, каде како кандидат беше ставен еден од партиските политички ѕвезди.
Но, на крајот мораа да прифатат дека победата во осум региони, никако не може да го покрие неуспехот во главниот град и на северот од Грција.
Уште повеќе што во Атина е поразен синот на родената сестра на Мицотакис, поранешна министерка за надворешни работи Дора Бакојани кој е и висок функционер на Нова Демократија. Во атинскиот регион, Костас Бакојанис уверливо загуби од кандидат на грчките социјалисти, додека во Солун победи независен кандидат, кој беше подржан од двете водечки леви партии- Сириза и ПАСОК .
Грчките аналитичари оценуваат дека ваквата разврска претставува „силен земјотрес“ на домашната политичка сцена. Во исто време, губењето на Атина и Солун се оквалификува и како навестување за покренување на (инаку) силно разединетиот лев политички блок.
Ладење од еуфоријата
Односно, за прво потиснување на десницата (Нова Демократија е десно-центристичка партија) – откако Сириза остана без Алексис Ципрас, после двата изборни порази, пред четири години и годинава, а некогаш доминантниот ПАСОК, од времето на таткото и синот Папандреу, има ново партиско водство.
Од друга страна, се верува дека грчките гласачи на овој начин, му имаат испратено предупредување на Мицотакис за потребата од ладење од еуфоријата после двете едно, по друго парламентарни победи, како и дека самувереноста и ароганцијата – за тоа дека неговата партија е непобедива – треба да се тргнат на страна, а владата да се зафати со ветените реформи.
Во секој случај, Мицотакис мораше да ги признае поразите. Таму каде очекуваше триумф, за кој веруваше дека уште повеќе ке ја засили Нова Демократија , а тој ќе може да се промовира во некаков грчки лидер , како што тоа на времето уживаше да го прави пасоковецот- популист Андреас Папандреу.
Време за кохабитација
Сепак, владеачката партија има доволно пратеничко мнозинство во Парламентот , па нејзината позиција во власта не е згрозена- барем до следниот тест- европските избори во мај следната година.
Во меѓувреме, новоизбраните регионални и општински лидери ќе мораат да работат , заедно со владата околу менаџирањето со околу осум милијарди евра од европските развојни фондови , во следните неколку години.
Станува збор за тоа, како најдобро да се употребат овие масивни финансиски средства за побрз развој на регионите и на оптините во нив, за што на локалните власти во Атина и Солун ќе им треба да кохабитираат со владата, без разлика на идеолошките разлики.
Тоа ќе мора да го прават и владините министри- затоа што и ним им е јасно дека станува збор за двата најголеми и најважни економски и политички центри во Грција.
(А.Г.)