Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Аферата „Вотергејт“ ја тресе Словенија

Аферата „Вотергејт“ ја тресе Словенија

Словенија веќе неколку месеци се соочува со аферата со илегалната, тајна контрола  на банкарските сметки на граѓани и на фирми, а сознанијата за нивната состојба, се верува, дека  биле исто така  тајно  испраќани  и во странство.

Станува збор за злоупотреба без преседан во оваа поранешна ЈУ република, која уште од 2004 година е членка на ЕУ, што се случувала за време на десничарската влада на Јанез Јанша- изведена за политички цели. Само за да им се напакости на политичките противници,  преку обезбедување  материјал и сознанија што се верувало дека ќе помогнат за нивната компромитација на словенечката политичка сцена.

Шпионирање на банкарските сметки

Медиумите во Љубљана овој случај веќе го квалификуваат како словенечка верзија на аферата „Вотергејт“ во САД од почетокот на седумдесетите години на 20 век.

Премиерот Роберт Голоб , во својата изјава за јавноста, за досегашниот  тек на истрагата , има речено дека веќе се знае дека е направена голема злоупотреба, од поранешните владини институции , при што се повредени низа словенечки закони, а се погазени цела низа демократски норми кои се однесуваат на човековите права и слободи.

Аферата е откриена во словенечкото Биро за спречување перење на пари , каде неовластено се надгледувале ( се шпионирале)  состојбите на банкарските сметки и тоа само за политички потреби на поранешната власт.

Пред парламентарните избори во пролета минатата година, на кои Јанша настојуваше да добие уште еден мандат, била вршена тајна контрола на банкарските сметки на поголема група граѓани – без дозвола и без никаква легална основа, при што се прегледувани и личните податоци. Единствената цел била да се дискредитираат сите кои би можеле да се јават како политички конкуренти.

Злоупотреба за политички цели

При тоа, освен на носителите на сметките, биле надгледувани и сметките и личните податоци и на членови на нивните семејства, но и на низа познати новинари ( кои се сметале за политички противници) , потоа на познати уредници и сопственици на „непријателски“ медиуми- за политичка пресметка со нив.

Засега кривична пријава е поднесена за директорот на Бирото Дамјан Жугељ, поставен на таа функција од третата влада на Јанша, како и за уште шестмина негови соработници.

Според полицијата, илегалната контрола и надгледувањето на сметките било правено во периодот меѓу ноември 2021 и крајот на февруари 2022 година- на два месеци пред парламентарните избори. Биле надгледувани 224 банкарски сметки на физички и правни лица во Словенија, но и на лица надвор од државата.

Сето тоа- колку што е досега утврдено- почнало после една анонимна пријава , во која немало никаков доказ за било што сомнително, ниту пак била посочена било каква друга причина , за да се покрене една ваква контрола и за да се надгледуваат сметките , за која сега се вели дека е најголемета афера од ваков вид што досега се случила  во Словенија.

Одглас и во Србија

Аферата , меѓутоа, има свој силен одглас и во странство- пред се, во Србија- затоа што се знае дека биле ѓпионирани и банкарските сметки на двајца српски бизнисмени- едниот и политичар, а другиот медиумски сопственик.

Станува збор за Драган Ѓилас, еден од лидерите на српската опозиција и на Драган Шолак, сопственик на Јунајтед Медиа , компанија со седиште во Луксембург, која под своја капа има  неколку независни и проевропски телевизиски станици. Телевизиите Н и Н1 во Србија, на кои властите не им даваат национална фреквенција- треирајќи ги како „антивладини“и како „шпионски“ и „американски“, иако како телевизија Нова компанијата е присутна и во Словенија и Хрватска, како и во Бугарија и Грција.

Уште во мај годинава, белградските медиумки открија делови од словенечката афера, што се однесува на Србија, објавувајќи дека за шпионирањето на сметките на овие двајца , постоиел таен договор на Јанез Јанша со Александар Вучиќ, претседател на Република Србија.

„Таен договор Јанша-Вучиќ“

Се тврди дека ваквиот договор бил направен во 2022 година, непосредно пред парламентарните избори и во двете држави, за да прибира материјал за политичките противници кои би се користел против нив во изборнта кампања , а и потоа.

Било договорено, словенечкото Биро тајно да разменуваат податици од ваков тип со српската Комисија за спречување перење пари и да ги надгледуваат сметките на своите политички противници.

Словенечкото Биро да ги контролира Ѓилас и Шолак, а српската Комисија да бара и евентуално да наоѓа докази против Голоб, кој освен политичар е и угледен словенечки бизнисмен.

Јанша и неговата десничарска и националистичка власт, која беше силно поврзана со Виктор Орбан, го третираше Роберт Голоб за противник , но и за непријател и антисловенечки настроен, затоа што заговараше една поинаква, проевропска и либерална Словенија, за разлика од орбановото друштво кое заговара „црна-десничарска алијанса“ паралелна на ЕУ.

Дисквалификација на проевропејците

Во Србија, пак, Вучиќ кој војува со  опозицијата третирајќи ја како „непријателска“ и анти-српска ,за тоа што заговата проевропска Србија , членка на ЕУ, ослободена од руските стеги, сакал да ги знае сите банкарски  сметки на Ѓилас и Шолак и нивните зделки во Словенија и околу неа.

На  изборите , Голоб го тргна од власт „вечниот “ Јанша, додека во Србија ништо позначајно не се промени.

Ѓилас остана во опозиција која и натаму е неедеинствена и разединета, а Шолак и неговата Јунајтед Медиа и натаму се  постојани на удар на власта и на провладината пропаганда, сега обвинувани  дека станала и „лобисти на Приштина и на Албин Курти“  наводно делувајќи против српските национални интереси- во случајов во Косово.

Директорот на словенечкото Биро Жугељ,  кој за аферата може да заврши во затвор, веднаш по сменувањето од функцијата, од новата словенечка влада- во Белград има регистрирано своја приватна фирма.

(Љ.С.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе