Русија создава српски баталјон за Украина
Неколку европски медиуми открија дека Москва регрутира државјани на Република Србија за својата агресивна и освојувачка војна во Украина.
Според лондонски „Гардијан“ , со ваквата регрутација се започнало на почетокот од минатиот месец, од кога се знае дека првата помала група етнички Срби , по пристигнувањето во Москва, преку се уште отворената авионска линија меѓу Белград и рускиот главен град, веднаш биле префрлени во воениот регрутен центар во Красногорск , место во околината на Москва.
Од таму групата била одведена на обука , откако српските државјани претходно потпишале договор- за служење војска- во руската армија,
Од Белград во руски униформи
Во напишана изјава која му била доставена на „Гардијан„ – преку социјалната мрежа Телеграм- еден од Србите објаснил дека целата процедура траела многу брзо , па за 24 часови тој и другите станале руски војници. Тој уште рекол дека веднаш по завршувањето на обуката ќе бидат испратени на фронтот во Источна Украина.
Воени експерти објаснуваат дека овој доброволец (платеник) и неговите другари од Србија, се дел од најновото настојување на Москва да ги освежи и да ги засили своте веќе изморени окупациони сили во Украина , кои веќе 18 месеци војуваат на туѓа државна територија.
Според сознанијата на лондонскиот весник што ги има добиено од српските доброволци, прошверцувани на Западот, руската армија планира во кус рок да регрутира стотина Срби во своте воени редови.
Но, планот е со оние кои веќе војуваат во Украина, уште од времето на првата руска инвазија во 2014 година , врз Крим, Луганск и Донецк, да се формира еден „српски баталјон“ од илјада етнички Срби, во кои би биле вклучени и оние од српската енклава Република Српска во БиХ, кои би бил ангажиран на рускиот фронт во Донбас.
Странски „доброволци“ и платеници
Од инвазијат во февруари 2022 година, Русија има изменето низа закони за војската и за одбраната , со цел и странци, како „доброволци“ и како платеници да може да се вклучат во руската армија. Откако стана јасно дека Русите не сакаат да војуваат во војна во која не се брани руската државна територија, а особено по фијаското на двете делумни регрутации кои предизвикаа масовно бегство на воено способните Руси , во странство.
Како платеници-руски војници сега има борци од Вагнер, на убиениот Евгениј Пригожин, потоа затвореници, меѓу кои и убијци и тешки криминалци, на кои им се нуди простување на казната- доколку го преживеат војувањето во Украина- но и странски работници кои во голем број ги има од бившите советски републики, сега сите независни држави.
Тие во Русија се дојдени како „гастарбајтери“ и економски мигранти. Но, откако почна агресијата врз Украина, а посебно откако Вагнер и Кремљ ги расипаа односите, се почнало со насилно регрутирање на странците.
Или , пак, со уценувањето дека ќе бидат протерани од Русија, односно дека ќе им се дозволи да станат руски државјани- под поволни услови, што и тоа да значи. Од тие земји, на Западот, протекоа информации за „валканата политика на руските власти“ кои создаваат платеници и „доброволци“ за својата војна- со закани.
Кубански борци за Донбас
Конечно , како платена војска се јавуваат и Кубанци. Од оние кои веќе престојуваа во Русија, најчесто како работници, но и од прошверцувани лица – од Куба во Русија- во што се вклучени кубанските и руските криминални банди.
Се огласија дури и кубанските власти, негодувајќи за случаи кога Кубанците биле измамаени дека доаѓаат да работат во Русија, без да знаат дека ќе одат на фронт, доколку сакаат дозвола за престој и работа. Но, има и Кубанци кои се пријавувале за да војуваат- затоа што според нивното признание , така можеле да заработат повеќе пари за да им пратат на своите семејства во Куба.
Во случајот со Србите , работата е покомпликувана.
Прво, официјален Белград ги отфрла тврдењата за српски доброволци кои војуваат против Украина, особено сега кога се знае дека Србија и дава оружје и муниција на украинската војска. Второ, српската страна е кандидат за влез во ЕУ која и натаму седи на две столчиња, одбивајќи целосно да ја прифати заедничката европска надворешна политика. И за агресијата врз Украина и за санкционирање на Русија за извршената инвазија.
Операција со политички цели
Таквата своја превртливост во надворешната политика, како и несанкционирањето на Русија , во Белград се објаснува со „историско- културолошките и религиозните сентименти“ што во српската јавност постоеле кон Москва. Дел од српската јавност и тамошни историчари, меѓутоа, сметаат дека станува збор за претерување од политикански причини.
Според нив, никогаш СССР и Русија не биле искрени кон Србите и Србија – уште во времето на кралство Југославија, а посебно во време на екс СФРЈ, како и сега, кога наводно е „бранител“ на српската политика кон Косово.
Што се однесува, пак, за „српскиот баталјон“ воени-безбедносни експерти проценуваат дека тие илјада војници не и се потребни на Русија. Од воен аспект, се смета дека тие не можат да ја променат позицијата на руската војска на Истокот од Украина.
Затоа, се верува дека оваа операција, која се води преку етнички Срби од српската енклава во БиХ, една ваква воена единица има само само политичка цел. За да Москва ја држи Србија прикована за себе и за да Западот и натаму со недоверба гледа кон Белград.
(С.Г.)