Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Милорад Додик заговара „Голема Србија“

Милорад Додик заговара „Голема Србија“

Лидерот на босанските Срби Милорад Додик изјави дека сите етнички Срби кои живеат на територијата на Балканот треба да се обединат и да живеат во една, заедничка држава- во „Голема Србија“.

Во интервју за белградската редакција на руската пропагандна, кремљовска агенција „Спутник“- која е забранета во  ЕУ, но која во Србија се емитува и на српски јазик- босанскиот политичар има речено дека во следните години треба да се создаде една ваква државно-правна творба, што би требало да претставува српски одговор на „воспоставувањето  нови односи во светот“.

Според него, таквата „Голема Србија“ не би требало да се создава низ војна, туку со политички мерки.

Растурање на три држави

Не открива како тоа го замислува, но во ваквата држава на Србита тој го става српската енклава во БиХ, потоа Република Србија, во која би влегло и цело Косово, како и Црна Гора, за која вели дека била и останува само „српска територија“ , па на овој начин – како што има речено- земјата би се вратила кон своето „српско национално битие“.

Односно , во „Голема Србија“ на Додик би се сместиле сите територии за кои во Белград (и од официјални места)  се зборува како за „српски свет“ , без разлика што станува збор за простор на кој егзистираат три држави- БиХ и Црна Гора ( земја членка на НАТО) и Косово кое се бори за влез во ОН, откако е признаено од стотина држави во светот, и  што  на тој начин тие би требало да се растурат- на мирен начин.

За овој српски  политичар од БиХ е важна само една работа- јакнење на воената, политичката и економската моќ на Србија, за што , како што рекол, веќе сега силно работи српскиот претседател.

Создавање чиста, национална држава

Вели дека за креирањето на една ваква творба, ќе било потребно тој (Додик) , заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со патријархот на СПЦ Порфирије, да се  организира еден општосрпски собор  на кој не би биле само претставниците на земјите што ги споменува , туку и сите други кои би сакале да и се приклучат на „Голема Србија“.

Не споменува на кого тоа мисли, но зборува за создавањето на единствена српска држава.

„Само на тој начин можеме да создадеме мнозинство во една чисто национална држава“, во која Србите не би биле ( како сега) малцински народ- рекол Додик.

Подолго време овој националистички политичар кој повеќе е во Белград, каде присуствува  и на отворање на нова железничка станица и во Србија, отколку што е во Бања Лука или во Сараево, продава српски национализам и отворено заговара растурање на БиХ . Но сега за прв пат, открива каде замислува да ја смести Република Српска, која е само српска енклава во рамките на Босна и Херцеговина- како составен  дел на Србија.

Подршка од Москва

Наскоро тој треба да се појави пред федералниот суд на БиХ за неспроведување на одлуките на Високиот меѓународен претставник- функција определена со договорот од Дејтон , меѓутоа, за руски „Спутник“ има речено дека со ова Босна се приближува кон својата „црвена линија“ .

Тоа значи најава дека наскоро  ќе ја отцепел Рпублика Српска од БиХ, како што тоа Русиите го имаат направено со Придњестровје во Молдавија, каде владата од Кишењев нема никаква контрола и власт.

Стара е тоа идеја на Москва да создаде криза на Западен Балкан и тоа врз национална основа во која би се спротивставиле трите етнички заедници во БиХ кои пред триесет години војуваа меѓу себе.

Додик кој многу често оди во Москва, на консултации кај Владимир Путин, за сите свои сепаратистички потези и за свесните провокации , создавајќи безбедносна, а не само политичка криза- освен во путинива Русија, силна подршка има и во орбанова Унгарија и во Србија.

Реториката на Милошевиќ

Меѓутоа,  планот за создавање –  Србија за сите Срби на Балканот ( што низ војна се обиде да го наметне и Слободан Милошевиќ, па и тој и земјата  доживеаја фијаско), го објаснува со ( наводната) антисрпска политика и реторика на Западот. Односно дека со познатата белградско-московска плачлива реторика дека за проблемите на Србија, не е виновен нејзиниот одржуван национализам, тука Западот кој- „не ги сака Србија и Србите“.

Затоа Додик го обвинува Западот што се „исфрлени  Србите од Хрватска“ , што во Словенија не можеле да се третираат ниту како малцинство, што во федерацијата на БиХ Србите  биле крајно маргиналзирани, што во Црна Гора “не  им даваат попис“,  во Македонија „им ја уништуваат српската црква“, а во Косово (и Метохија) биле целосно избришани како народ.

На ваквото  заговарање за една националистичка државна творба, за која зборува Милорад Додик, од Белград нема никаква реакција. Нема од власта и од СПЦ, но нема  ниту и од проевропската и прозападна српска опозиција. Реагираа само од Загреб, со протест и од Подгорица- со објаснување дека државата веќе го има одбрано својот пат. Реагираше и амбасадорот на САД во Сараево- дека нема по никаква цена да се дозволи растурање на една меѓународно призната и мултиетничка држава, каква што е БиХ.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе