Нема противкандидат за Путин
Обидот на една поранешна руска новинарка- да се кандидира како независен противкандидат на актуелниот шеф на државата , за претседателските избори во Русија, во март, пропадна уште при поднесувањето на регистрацијата.
Руската изборна комисија, експресно ја има одбиено Екатерина Дунцова, не дозволувајќи и ниту да се кандидира за претседателските избори, за да може да му се спротивстави на Владимир Путин. Според нејзиниот изборен штаб, кандидатурата била одбиена, затоа што „имало грешки во пријавата“.
Елиминација на Екатерина Дунцова
Не се знае кои и какви биле „грешките“ што не можело да се исправат, за да оваа 40 годишна Русинка може, барем да излезе на мегдан на семоќниот Путин, за кого уште од сега се тврди дека сигурно победува, за да го продолжи своето владеење.
Ваквото решение на власта – да ја дисквалификува Дунцова и да не и дозоли ниту да се кандидира, доаѓа само три дена откако ја има поднесено пријавата. Таа имаше намера да учестува во изборната кампања во која како тема е вклучена и војната во Украина и потребата таа да заврши, како и заложба за ослободување на политичките затвореници.
Станува збор за табу теми и за состојби за кои никој во Русија не смее да зборува освен самиот Путин и неговиот кремљовски круг. Тоа се однесува на војната против Украина , која веќе се води за казнување на земјата која се осмелуи да излезе од блокот земји-сателити и да тргне по својот пат- не сакајќи од соседна Русија да направи непријател.
Но, забранета тема, секако, е и прашањето на политичките затвиреници- како Алексеј Навални, или Владимир Кара- Мурза кои се осудени на долгогодишни затворски казни само затоа што се политички противници на Владимир Путин.
Избори без опозиција
Во својата ароганција , Кремљ наложи државната телевизија да емитува снимка од седницата на изборната комисија , на кој се гледа како сите членови се едногласни- за тоа дека на Дунцова не треба да и се дозволи да се кандидира.
Противиците на Путин и оние кои се спротивставуваат на режимот , задушувањето на изборната кампања на една независна кандидатка- без никаква подршка од опозицијата, дома или во странство- го оценуваат како доказ дека Кремљ нема никому да дозволи да се јави на изборите како вистинска опозиција- на претседателски избори кои се први по инвазијата од февруари 2022 година.
Опозиционерите на сегашниот претседател сметаат дека целиот изборен процес е лажен, фалсификува и пред да започне и дека се е наместено Путин да се промовира како претседател кого народот го сака за да остане доживотно на таа функција.
Путин веќе е победникот
Кремљ и не крие дека тоа е така, бидејќи уште сега се зборува дека претседателот ќе добие 80 отсто од гласовите, затоа што (наводно) толку Руси – „сакале Путин да остане на челото од државата“.
Режимските медиуми ги пренесуваат зборовите на претседателката на изборната комисија- упатени до Дунцова, за тоа дека таа е -„ млада жена на која животот е пред неа, па дека секој минус што ќе го забележи, практично, може да се претвори во плус“.
Кога минатиот месец таа за прв пат изјави дека сака да се кандидира за претседател на Русоја- уследија брони и различни реакции.
Дел од аналитичарите ја прогласија за „луда жена“ и за над се, за мошне храбра кога се осмелува да му застане на патот на моќниот „цар“- како го нарекуваат Путин. Други пак, сметаа (а и денес сметаат) дека целата работа е наместена. Односно , дека сето ова е само смислена игра на Кремљ за да се покаже дека актуелниот претседател има конкуренција.
Кремљ праќа порака
Сега излегува дека за моќноците од власта, дури и непознатата Екатерина Дунцова, како демократ и со демократска програма, иако доаѓа од мало гратче 200 км. далеку од Москва, сепак, е „страшна“ и дека може да биде „закана“ .
Се верува дека со одбивањето на нејзината кандидатура, е испратена порака до сите во Русија дека Путин не може и не смее да има противкандидат, посебно не сега, во овие воени времиња во кои пропагандата прави се што може за да и покаже на домашната јавност дека всушност „нема војна“ и дека „специјалната операција“ се одвива според планот.
Нема ништо за реакцијата на одбиената кандидатка, освен што западните медиуми ја цитираат нејзината минатомесечна изјава. „Секоја здрава личност. која планира ваков чекор, би се исплашила , но стравот не смее да победи (во Русија)“- има речено Дунцова.