Турција : „Султанот“ сака своја партија во Европа
Турксиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кого европските медиуми го нарекуваат „султан“ поради неговото апсолутистичко владеење, сака низ европскиот континент, да отвора ограноци на неговата исламистичка АК партија, која 20 години со цврста рака управува со Турција.
Како прва локација која турскиот лидер ја има одбрано, се посочува Германија.
Според германските медиуми, Ердоган планира тоа да се случи ,што е можно побрзо, за да можела германската верзија на турската АК партија да учествува на изборите за пратеници на Европскиот Парламент, закажани за 9 јуни.
Луѓе со странски корени
Весникот „Билд“ тврди дека – германски политичари веќе имаат изразено незадоволство од ваквите „султански планови за освојување на Европа“ и се против – една исламистичка партија- каква е „Право и Развој“ (АК)- да се појави на германската политичка сцена.
Овој весник открива дека работите, сепак, се движат па се знае дека партијата би се нарекла ДАВА (Демократски сојуз за разноликост). Се знаело и тоа дека веќе биле определени и четворица кандидати за европртеници. За нив се тврди дека претходно работеле за ердогановата партија , а дека двајца од нив (наводно) биле членови на германската владеачка Социјалдемократска партија (СПД).
Оваа партија на Ердоган на европско тло, би требало да работи на – како што се вели во некаква предлог-декларација , која била изработена- за тоа „луѓето со странски корени да добијат целосни права“ , затоа што се тврди дека ги немаат во гераманското општество.
„Неприфатени во европското општество“
„Билд„ пишува дека според партијата и оние кои стојат зад неа- „луѓето со странски корени“ се соочувале со проблеми при барањето стан , или вработување, како и при контактите со германските власти. Односно дека во вакви ситуации „тие луѓе“ ( се мисли само на турската емиграција) не биле третирани и прифаќани како припадници на европското општество. Во документот, на кој се повикува весникот, се барало и водење „ прагматична политика“ кон бегалците- без користење идеологија.
За АК партија во Германија се има огласено и турската државна агенција „Анадолија“ која смета дека новата партија требало да биде „глас на политички недоволно застапените“ германски граѓани.
Некои медиуми, во Германија, меѓутоа, сметаат дека нема потреба од создавање посебна „турска партија“, затоа што турската етничка заедница е веќе вклучена во германското општество- во бизнисот,културата, спортот и во политиката- како партиски членови, но и како одборници и пратеници, од кои некои и во Парламентот на Европа.
На рака на ултрадесницата
Други, пак забележуваат дека сето она што креаторите на една ваква партија бараат во Германија, би требало претходно, да го побараат и да го добијат во самата Турција, за сето она нетурско население кое нема ни елементарни малцински права, некои од нив дисквалификувајќи ги како – „непријатели и терористи“.
Аналитичари кои настојуваат да останат непристрасни , меѓутоа , забележуваат дека ваквата најава- без разлика дали таа воопшто ќе може да се релизира- само им оди на рака на германските екстремисти и националисти, а пред се, на ултра-десничарската партија АфД ( Алтенатива за Германија).
Иако , на прв поглед креирањето турска, исламистичка партија, би можело да се означи како реакција на ултрадесничарењето и на засилениот екстремизам, во основа, тоа само ја „тера водата“ кон германските ултрадесничари.
(Б.Г.)