Холандија во политички ќорсокак
Ултрадесничарскиот холандски политичар Герт Вилдерс, кому гласачите непромислено му дадоа најмногу гласови и со тоа и правото прв да се обиде да формира влада, призна дека се уште не може да ја создаде, иако поминаа неколку месеци од парламентарните избори.
Пред божикните празници Вилдерс навести дека ќе се обиде да најде партнери за да создаде стабилна коалиција, до февруари, а доколку не успее ќе го врати мандатот.Но, и пред крајот на месецот, Холандија нема влада, тој нема партнери за да ја создаде, а истекоа и роковите што самиот ги даде пред крајот на изминатата година.
Сите против Вилдерс
Според тамошните медиуми, ниту една партија, а ниту било кој од политичарите сакаат да влезат во сојуз со овој краен десничар, познат како исламофоб и едно време и како евро-скептик, односно да направат коалициона влада. Особено, токму тој да биде премиер и да предводи една холандска влада.
Вилдерс сега нуди нов преговарач меѓу него и другите партии за да се надмине политичкиот ќорсокак , па оваа земја, една од основачите на поранешната ЕЕЗ ( сега ЕУ), и натаму е со техничка влада која ја раководи Марк Руте, ветеран на холандската политика и до изборите лидер на десноцентристичката партија која над една деценија ја предводеше владеачката коалиција во земјата.
По поразот од крајната десница, најмногу како последица на состојбата со миграцијата и растечкото расположение кон странците, кои ултрашите ги обвинуваат за економската криза во која се наоѓа богатата Холандија, Руте најави повлекување од холандската политика.
Ултра-десницата прави отстапки
Освоените најмногу гласови на крајната десница, на изборите во ноември, ја разбрануваа за момент демократска и либерална Европа, откако стана јасно дека силно движење против странците има и во Германија и во Франција.
Вилдерс е сојузник со Французинката Марин Ле Пен, со германската ултра десниларска Алтернатива за Германија (АфД) и со италијанската Лига на Матео Салвини, подржувани од се поотворениот ултра десничар Орбан во Унгарија. Но ова друштво на „Црната алијанса“ не е едногласно, околу евроскептицизмот , како и за тоа дали да се протеруваат странците и да се продава исламофобијата.
Самиот Вилдерс има направено низа отстапки од она што го заговараше пред и за време на изборната кампања. Се откажа прво од тоа дека ќе ја напушти ЕУ, распишувајќи референдум, по углаед на Британија, а потоа се откажа и од прогонувањето на мигрантите-муслимани и од исламофобијата.
Сепак, тоа не му успеа да привлече некого од холандската политичка сцена, или некоја од партиите во оваа земја, каде традиционалмо владите се или десно-центристички , или лево-центристички.
Никој не сака нови избори
Вилдерс веруваше дека ќе успее да направи сојуз со (десните) либерали, или со центристичката партија НСЦ ( Нов општествен договор) и со партијата на земјоделците. Сите тие, меѓутоа, одбија да се врзат за Вилдерс кој сега зборува дека е итно потребна влада, затоа што земјата е во економска криза. Од сите овие партии, како и од левиот и од десниот блок што го предводеше Руте, сепак, порачуваат дека разликите се премногу големи за да се прави коалиција со ултра-десницата.
Партијата на Герт Вилдерс има освоено 37 пратенички места во парламентот на Холандија кој има 150 пратеници. Никако не може да се формира влада без НСЦ и нејзините 20 прареници, а оваа партија последна му сврте грб на Вилдерс.
Од друга страна, никој засега не сака нови избори, што делува како логично решение во оваа ситуација. Тоа не го сака ултрадесницата која знае дека нема да освои гласови колку во ноември, но за избори не се определуваат ниту двата традиционални политички блока.
(Х.Н.)