„Пегасус” за прислушување на полската опозиција
Високи функционери на поранешната влада во Полска ќе сведочат во специјалната истрага што ја покренува Сејмот ( Парламентот), по откривањето на аферата за прислушување на политичките противници.
Станува збор за истрага која (засега) е само парламентарна, откако новата влада на премиерот Доналд Туск ја осомничи претходната власт, предводена од десничарската и националистичка влада на партијата Право и Праведност (ПиС), дека со години на ред биле прислушувани сите кои и се спротивставувале и кои ги критикувале нејзините потези на домашната политичка сцена.
Обвинувањето е дека претходната влада, тајно го има набавено, а потоа и користено моќниот софтвер „Пегасус“ за да ги прислушува телефоните на своите политички противници.
Опозицијата го блокира Туск
Паријата ПиС и нејзиниот лидер Јарослав Качински осум години авторитарно владееја со Полска, често пати поради тоа влегувајќи во конфронтација и со Брисел и Европската комисија, за повредување и за непочитување на европските стандарди на кои земјата се има обврзано при влегувањето во ЕУ.
На последните парламентарни избори, меѓутоа, оваа партија беше поразена од широкиот центристички блок, иако ПиС ( како партија) самата обезбеди најмногу гласови, кои сепак, не беа доволни за да продолжи да владее со земјата.
Сега во опозиција, ПиС настојува на секој начин да ја блокира новата влада, преку претседателот Анджеј Дуда, кој е избраник на конзервативниот, често евроскептичен Качински, со ставањето вето на реформските закони на владата на Туск, посебно доколку тие се против националистичката линија на која се потпираше и владееше ПиС.
Парламентарна истрага
Од оваа партија веќе остро реагираа на обвинувањето од владата, отфрлајќи ги како „политички мотивирани“ , или како „одмазнички“. Бившата власт одбива дека воопшто имало прислушување, но на списокот на оние кои ќе бидат повикани да сведочат во Сејмот се наоѓа и Качински.
Меѓу оние кои ќе бидат сослушувани се и поранешната премиерка Беата Шидло, екс министерот за правда Збигњев Зиобро, како и поранешниот министер за внатрешни работи Мариуш Камински.
Тој веќе беше дел од една друга афера- откако полицијата мораше да го уапси- него и уште еден поранешен функционер- во кабинетот на претседателот на државата каде тие се имаат сокривано- за да не бидат приведени.
А, шефот на државата (демонстративно) да ги помилува по втор пат, затоа што првото помилување било прогласено за спротивно на законот. Постапката против обвинетиот и осуден екс министер Камински- во тој момент- не била завршена.
Тајната служба во функција на ПиС
Новиот министер за правда, има изјавено дека нема никакви сомнежи дека претходната влада и нејзината власт ја има прислушувано опозицијата, велејќи дека бил шокиран кога се открило, колкав е степенот на нелегалното прислушување на луѓето.
Претседателот на специјалната истражна комисија има изјавено во Варшава дека – “нема никакво сомневање дека биле „ловени“ телефонските разговори , со помош на „Пегасус“ од страна на полската тајна служба, ставена во функција на владата и владеачката партија“ .
„Постојано не лажеа од поранешната власт, која се обидуваше да не убеди дека Полска го нема купено овој моќен софтвер- за прислушување на телефонските разговори. Сега сите знаеме дека сето тоа што го зборуваа од ПиС и од нивната влада , била само лага“- рекол раководителот на истрагата.
Во минатата година Европскиот Парламент ги обвини Полска, но и уште неколку земји, членки на ЕУ, дека го користеле „Пегасус“ протв новинари, опозициски политичари, адвокати и бизнисмени .
Обвинување за Полска од Стразбур
Ваквото обвинување кон властите во Варшава уследи кога Парламентот во Стразбур откри дека полското Биро за борба со корупцијата, платило 25 милиони злоти (6,5 милиони евра) за купување на израелскиот софтвер- „Пегасус“- и тоа уште во 2018 година.
Досега е утврдено дека тајната служба ги слушала и ги снимала телефонските повици и разговорите на десетици домашни политичари и на луѓе од бизнисот.
Но, и на цела низа обвинители, на разни нивоа, кои не биле дел од партиската структура на Право и Праведност, како и на разни критичари на власта- интелектуалци и аналитичари-кои тогаш владеачката партија ги третирала како „сомнителни елементи“.
Откако се отвори аферата, ПиС конечно, призна дека бил купен моќниот софтверски систем кој ги “лови“ разговорите на противниците на власта. Меѓутоа, од сега опозициската партија уверуваат дека не е точно оти „Пегасус“ бил користен за следење и прислушување на луѓе кои не се согласувале со претходната влада.
Аферата во Македонија
Според нив, системот бил употребуван само како орудие во борбата со организираниот криминал во земјата.
Така се оправдуваат и бранат владите и политичарите во сите земји кои го имаат купено овој систем, осомничени дека го имаат злоупотребувано за да прислушуваат што зборуваат и со кого комуницираат сите кои- во случајот на Полска- власта на Јарослав Качински ги има третирано како „опасни“- за партијата на власт.
Полскиот политички скандал со прислушувањето, по многу нешто , наликува на аферата со прислушување во Македонија, што ја предизвика деспотската, вмровска власт на сега избеганиот во Унгарија, поранешен лидер на владечката партија и премиер, кој се сокри кај Виктор Орбан за да не оди на издржување на правосилната затворска казна.
За оние во Северна Македонија кои се прават дека заборавиле за тоа што се случуваше во годините на деспотијата, или пак оние кои се спремни ( за свои цели) да зборуваат- било, што било- колку за потсетување- македонската афера, по обем, беше многу поголема од она што до сега е откриено во Полска.
Заробена држава
Беа прислушувани над 25 илјади лица- исто така од политичката опозиција, новинари, јавни личности, интелектуалци, факултетски професори- кои режимот на вмровците ги третираше како непријатели на државата. Станува збор за бројка засташувачки голема дури и зе една 40 милионска Полска.
Владата на Туск, како и таа на тогаш новиот македонски премиер и на оној по него, сега се соочува со истата политичка ситуација – да функционира во заробена држава- од страна на поразената десничарска и националистичка структура која за цел има само вечно да владее и да се богати на сметка на државата- како таа да е нејзина приватна фирма.
На Полска и на Туск, сепак, им е помалку тешко- тие се во земја која е во ЕУ, од каде веќе предупредија дека ке интервенираат доколку владата и опозицискиот претседател на државата не најдат излез од политичкиот ќорсокак.
(В.П.)