Орбан ја рекетирал австриската компанија „Шпар“
Познатата австриска трговска компанија „Шпар“ ги обвини Виктор Орбан и владата на Унгарија дека ја рекетираат.
Извршниот директор на компанијата Ханс Рајс откри дека Орбан барал од него , близок роднина на унгарскиот премиер да стане инвеститор во унгарската филијала на „Шпар“ која има разгранета мрежа на унгарска територија.
За казна- повисок данок
Кога Австријанците го одбиле барањето , владата во Будимпешта ги казнила. Веднаш по тоа уследило зголемувањето на данокот на екстра профитот и било наредено ограничување на цените.
Погодени финансиски со одмаздата, преку намалување на заработката и зголемување на трошоците, компанијата која одамна е присутна на пазарот на Западот и во Средна Европа, одлучила веднаш да почне со селење на капиталот од Унгарија во Швајцарија.
Новиот скандал поврзан со Орбан, се откри кога Ханс Рајс во разговор за еден австриски весник зборувал за рекет политиката на унгарскиот премиер, а текстот веднаш по тоа го има пренесено унгарскиот портал „Дејли Њуз“.
Роднина на унгарскиот премиер
Според австрискиот извршен директор, Орбан и владата ( со вовлекувањето на роднината на премиерот, како нов инвеститор), всушност, сакаат да ја преземат сопственоста во „Шпар“ инаку втор по големина трговски синџир за прехранбени производи на унгарскиот пазар.
Компанијата со седиште во Салцбург им има дадено дел од управувачките права во нејзините филијали низ Северна Италија, Словенија, Хрватска и Унгарија, како и на филијалата во Швајцарија.Рајс сега тврди и го обвинува Орбан и неговата влада дека „вистински ја малтретираат компанијата“ , постојано воведувајќи нови даноци.
„Шпар„ затоа има поднесено жалба до ЕУ , а во исто време брзо ја има модификувано работата на унгарската филијала , за да, како што велат во компанијата- „ ја сочуваат од грабливите раце на Орбан“.
План за преземање на компанијата
Австриските и унгарските медиуми откриваат дека кога Унгарецот побарал од директорите на „Шпар“ близок роднина да стане инвеститор, Австријанците откриле дека зад тоа се крие план орбановци целосно да ја преземат за себе унгарската филијала на австриската компанија.
Односно, Орбан и неговото друштво, кое го сочинуваат нему блиски и доверливи луѓе , да станат сопственици на „Шпар“ во Унгарија. На истиот начин на кој истото тоа друштво се инфилтрира и ја преземе контролата врз Западен Балкан.
Скандалот во Будимпешта се надоврзува на извештајот на Европската комисија за 2023 година дека орбаноиовите луѓе- сите познати како унгарски олигарси, создадени во неговите 12 години деспотска власт во земјата – се инфилтрираат во многу странски компании.
Агресивни орбанови олигарси
Сега се дознава дека пред австриската компанија, со вакви поплаки на власта во Унгарија се имаат пожалено и други. Сите дека унгарската власт недозволиво, силно се меша во бизнисот.
Австриски „Шпар“ во меѓувреме ја има поделено унгарската филијала на два дела, за да се одбегнат поголемите загуби.
Владата во Будимпешта, од своја страна, настојува да го забошоти скандалот, намалувајќи ја неговата тежина и при тоа да ги смири Австрјанците, откако со остри критики кон Орбан се огласија повеќемина министри во Виена. Унгарската страна, пак, за скандалот ги обвинува – “корумпираните новинари во Виена“.
Оваа компанија е петиот најголем работодавач во Унгарија- со над 14 илјади вработени.