Проширување на ЕУ или одново „Железна завеса“
Европската унија мора да се прошири и тој процес мора да продолжи, или ЕУ ризикува да се соочи со нова „Железна завеса“ , по должината на европското источно крило- изјави во Брисел претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Според Еуроњуз, Мишел на средба со новинарите, по повод 20 годишнината од „историското големо проширување на Унијата“ на 1 мај 2004 година, рекол дека ширењето е од витално значење за иднината на ЕУ.
Доколку тоа не се направи и се подигне нова „Железна завеса“ ( како во време на Студената војна), Европа ризикува до неа, да има нестабилно соседство, соочено без просперитет, или без потребниот економски развој.
Ризик од нестабилно соседство
„Затоа, во слулајов станува збор за нашите заеднички интереси- како на земјите кандидати така и на ЕУ- да напредуваме и целиот тој процес да го забрзаме“- рекол Мишел.
Острото предупредување на претседателот на Европскиот совет доаѓа во време кога Европа и Унијата одбележуваат еден исклучителен јубилеј- две децении од влегувањето во полноправно членство на десет држави- кандидати.
Од нив седум поранешни источноевропски , комунистички земји, сателити на некогашниот СССР, меѓу кои и три поранешни советски републики- сите од Балтикот, како и на Словенија, една од републиките на екс СФРЈ и малите островски држави Кипар и Малта.
Мишел инсистира дека доколку не беше тоа проширување, ЕУ каква што е денес, ќе останеше поделена- практично- со некогашната „Железна завеса“. Тоа значи дека тие земји од источната страна на континентот ќе беа изложени на „силен удар од идеолошките и политички обиди на Кремљ да ги запоседне и да ги окупира“.
Време за Западен Балкан
Сега, шесте кандидати од Западен Балкан ( сметајќи го и Косово), како и Украина и Молдавија чекаат да станат полноправни членки, при што од нив се бара да ги исполнат измените и прилагодувањата во правосудниот систем и да ги извршат потребните уставни реформи.
Инвазијата на Русија врз Украина, од пред 26 месеци, предизвика силен замав во политиката на Брисел за ново проширување (последното е извршено во јули 2013 година).
Но, обидите за забрзување на тој процес се соочуваат со противењето на некои евроскептични земји-членки . Од друга страна, токму тоа развлекување со процесот, има предизвикано ладење , но и огорченост во јавноста на земјите-кандидати.
Унгарските блокади
Еден таков кочничар е орбанова Унгарија која остро се противи на влегувањето на Украина во ЕУ. Од таму се закануваат дека ќе го блокираат патот на Киев кон Европа, верувајќи притоа дека после јунските европарламентарни избори , новиот состав ( според Орбан повеќе десничарски ориентиран) ќе измени некои од сегашните позиции ( за украинското зачленување).
Шарл Мишел, меѓутоа, верува дека тоа нема да се случи и дека позициите на Брисел кон проширувањето ( кон земјите од Истокот на Европа) нема битно да се изменат.
„Убеден сум дека мнозинството од земјите членки и од европските лидери веќе се убедени дека ширењето на ЕУ е значајна работа- како за иднината на Европа, така и за Унијата“- има речено претседателот на Европскиот совет.