Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Турција ги претвора црквите во џамии

Турција ги претвора црквите во џамии

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган лично раководеше со церемонијата на отворањето на византиската црква Хора, во Истанбул, сега претворена во џамија.

Пред четири години , владата во Анкара донесе одлука оваа црква, која датира уште од раниот Среден век и времето на Византија,  а долги години беше музеј,  сега да се  претвори во верски објект, наменет за молење на муслиманите.

Црквата на Светото спасување , позната во православниот свет и како Карија, во 2020 година беше прогласена во џамија, откако претходно тоа се случи и со најголемата и најпознатата истанбулска катедрална црква Аја Софија.

Таа е христијански храм што се смета за најпознатата и најголемата црква во византискиот период на Средниот век, која стана џамија , откако Османлиите го имаат освоено Истанбул, тогаш Цариград, во 15 век.

Исламизирање на православните објекти

Во годините на преуредувањето на некогашната Османлиска империја во современа Турција, под водството  на Мустафа Кемал Паша- Ататурк, Аја (Света) Софија , наместо џамија беше претворена во музеј.

Ердоган, меѓутоа, во рамкте на својата националистичка и популистичка политика за исламизација на Турција , како и за  (политичко) додворување на конзеративиот дел на турската јавност, нареди Аја Софија одново да се претвори во џамија.

Очигледно е дека ваквата одлука на „новиот султан“ , како што турската опозиција го означува 25 годишното владеење на Ердоган, не застанува само на истанбулската  Аја Софија, туку станува збор за одлука, со која сите цркви- една по друга- се претвораат во џамии и во објекти за молитви на муслиманите. На тој начин, во тој пакет, се најде и Хора.

Ваквата политика  предизвикува гневна реакција во православниот свет, но како сега стојат работите,  на крајот незадоволството се сведува само на реакциите на Грција.

Молк на руската црква

Другите цркви, како и земјие каде тие  се наоѓаат, во своите политикански игри – за незамерање со Ердоган- но и меѓусебно раскарани и разделени- не реагираат и не сакаат да се мешаат во „внатрешните работи на Турција“.

Тоа посебно се однесува на Руската православна црква (РПЦ) која со години на ред е под строга контрола на Кремљ и на Владимир Путин.

Руската црква која го има раскарено и поделено православието, настојувајќи Москва и руската држава, да се прикажат како единствениот  лидер на сите православни верници- исклучиво од  политички причини- затоа што тоа е позиција и на официјална Русија, воопшто не реагира на повторното исламизирање на старите христијански и православни храмови во Истанбул.

Само затоа што на Путин , во услови на војната што ја покрена и на изолацијата во која поради тоа се наоѓа, во Ердоган гледа некаква- каква, таква- врска со (западниот) свет, иако и натаму настојува да господари со  православните христијани, посебно на Балканот.

Поради таа и таква политика, молчат и не реагираат и балканските православни цркви.

Храм на Свето спасение  од 4 век

Пред сите другите,  Српската и Бугарската кои  важат за  проруски, а поради таквата определеност,  сега се  и раскарани со Вселенската патријаршија во Цариград ( Истанбул), откако Синодот на патријаршијата  ја призна Украинската црква и ја прогласи  за автокефална- предизвикувајќи гневна реакција на официјална Москва, а подршка од Белград и Софија.

Во такви услови, Ердоган прави што сака, како шѕо на балканскиот простор дава пари за обнова на муслиманските објкети изградени во времето додека овој европски регион бил под османлиска контрола.

Црквата во Хора која стана џамија, долго време пред тоа,  беше затворена затоа што темелно се преправаше за да стане молитвен дом за муслиманските верници.

Таа се наоѓа во близината на градски ѕидини на византиски Цариград, позната по своите прекрасни мозаици и фрески. Изградена е уште во 4 век, но ова здание е обновувано, па денешниот облик го има добиено во 12 век.

Црква, џамија, музеј…

Последен пат како џамија била во употреба во 1945 година. Пред тоа, цели пет векови, откако Османлиите во 1453 година го освоиле градот на Босфор, црквата на Светото спасение се користела како џамија.

Претворањето на старата византиска црква во џамија, предизвика протест на грчкото МНР во Атина, кое смета дека ваквиот чекор на Анкара е „провокација“ затоа што станува збор за објект кој со години  е под заштита на УНЕСКО.

Во црквата во Хора се наоѓа и прочуената фреска на „Страшниот суд“, па се стравува дека  нејзините фрески и мозаици ќе бидат покриени и практично уништени, бидејќи во исламското верување нема прикажување на свети ликови.

Атинските медиуми откриваат дека грчкиот премиер  Киријакос Мицотакис го покренал ова прашање на средбата со Ердоган во Анкара, одржана пред неколку денови, но засега, нема реакција за тоа  како поминал тој дел од разговорите.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе