Поврзете се со нас

Skopje Global

brown concrete building under blue sky during daytime

Западен Балкан

Резолуцијата на ОН нуди помирување

Резолуцијата на ОН нуди помирување

Обединетите нации, после долги развлекувања и политички пазарења, конечно, усвоија резолуција за  геноцидот во Сребреница, гратче во источна Босна, извршен во јули 1995 година, кога војската на Република Српска, заедно со некои паравони единици од Србија, ликвидираа безмалку десет илјади мажи и тинејџери, сите Муслимани.

Со мнозинство гласови во Генералното собрание, но и со не малку воздржани земји-членки на ОН, што само ја илустрира денешната геополитичка ситуација во светот, Светската организација  се избори за тоа 11 јули да биде ден за сеќавање на жртвите од Сребреница, брутално убиени само затоа што беа дел од муслиманското население во тој дел на БиХ. Со надеж  дека едно  такво злосторство, никогаш повеќе и никаде  нема да не се повтори.

Нема геноциден народ

Во исто време, со резолуцијата се праќа и силна порака – да не се дозволи величање и глорифицирање на воените злосторници и на злосторствата што ги имаат извршено. Притоа, ниеден народ и ниедна држава не се споменуваат во овој документ, како геноциден- ниту Србија и народот, а ниту српската енклава во БиХ- република Српска. Во крајна линија, не загрозува ниту српството и не се „анатемисува цел еден народ“ за злосторството направено од поединци.

Резолуцијата, наместо тоа , се нуди  како основа за (конечното) помирување на народите и на луѓето на просторот на екс СФРЈ, каде во деведесетите години, државата на “Братството и единството“ крваво се распаѓаше.

Особено што  таа зла крв е останата до денес- над 30 години по тие крвави години- кога истите народи, сега сместени во свои  држави и натаму се раскарани и полни со меѓусебна омраза, без намера да се помират. Не прифаќајки и натаму дека помирувањето не мора да значи простување, а во никој случај не значи заборавање.

Измирување во европски стил

Нешто што инаку го имаат направено народите од Западна Европа, при покренувањето на процесот на обединување на европскиот континент ( на Западот) по Втората светска војна, кога како мотор на тој процес се јавија Франција и Германија- кои во време од 70 години на три пати војуваа меѓусебе.

Не заборавајќи притоа – само седум години подоцна,  на стартот од евроинтеграциите, во раните педесети години на 20 век-  ниту на воените злосторства, и на годините под  окупација, а ниту  на концентрационите логори. Двете (историски) непријателски земји – само се спогодија дека прво треба да се помират и тоа го направија- Шарл де Гол и Конрад Аденауер.

Резолуцијата за Сребреница, според тоа,  е убава можност со еден таков процес да се започне и на „ закрвавениот Балкан“,  со помирување на Србија и БиХ, на Србите и Бошњаците посебно, на Србија и Хрватска кои можеа да бидат и носители на процесот на измирување.

Балканот останува Балкан

Ако ништо друго заради мирната иднина на регионот и од  почит кон жртвите во сите војни на југословенско тло , вклучувајќи ги и оние, ликвидирани во Сребреница, што е најмалку што за нив може сега да се направи.

Балканот, меѓутоа, не би бил тоа што е и за каков е познат во Европа, доколку и изгласувањето не беше искористено и злоуптребено за нова промоција на национализмот и на омразата, за нови кавги и  политички игри.

Во нив, главните злосторници не се еден Ратко Младиќ и оние кои на голобрадите бошначки момчиња им пукаа во тилот, туку Западот и западните сили , сите оние 30 земји кои се најдоа како коспонзори на мирољубивата резолуција за ОН, како  и сите кои гласаа за неа.

Една Германија е прогласена за „генетски геноциден народ“ , а на Црна Гора и се заканува (одново) политичка криза  и можно и паѓање на владата, затоа што (како земја која српските националисти ја ставаат во т,н. „српски свет“),  гласаше за резолуцијата, а беше и коспонзор, со сите држави од екс Југославија, без Србија.

Деспотијата против демократијата

Но, затоа, диктаторските земји и оние  со деспотски режими, како Белорусија, Сирија, Куба , Никарагва, па Северна Кореја, или орбанова Унгарија, предводени од Кина и путинова Русија, која извршува злосторства во Украина, заедно со власта во Белград, се предводници на „праведниот свет“. Пресметувајќи се со Западот и не сакајќи да се затвори досието за геноцидот, каков  немало во Европа по Втората светска војна.

Мотор на ваквата атмосфера во регионот е (одново) Србија која како постојано да настојува да ги увери сите околу себе и во Европа дека е „трабл-мејкер“ на Балканот.

Самата српска политичка јавност остана поделена околу ова, иако бега од едно вакво разнгирање на нивната дрѓава. Но,   според  опозицијата која се бори за една проевропска Србија, ослободена од лажниот патриотизам и национализам , главниот виновник за создадениот „политички циркус“ е српскиот претседател.

„Политички циркус на Белград“

За него се вели дека иако добро знаеше дека резолуцијата ќе биде изгласана и посебно дека таа на никаков ,начин не им суди на Србија, или на нејзиниот народ,  покрена силна пропагандна војна за „спасување на Србија и српството“.

Пред да замине во Њујорк беше во црква за да го благослови патријархот за „спас на земјата“, а тој таму огрнат со државното знаме има изведено – како што велат во Белград- патетична и срамна  за земјата  претстава – за која некои аналитичари оценуваат дека има направено многу поголемо штета од самата резолуција.

Притоа , се потсетува дека Александар Вучиќ, како млад министер за пропаганда, во владата на Слободан Милошевиќ има јавно порачувано дека – „за еден убиен Србин, ќе бидат убиени 100 муслимани“. Во еден момент, тој во Њујорк, по гласањето дури има изјавено и тоа дека – „станува збор за крај на неговата кариера како политичар и дека- „ова со Сребреница е последната шајка на (мртовечкиот) сандак“.

Пораз , па победа во Њујорк

Во Белград, пак, ниту тогаш, а ни сега никој не верува дека претседателот ќе поднесе оставка.

Наместо тоа, поразот за кој се зборуваше, сега експресно е претворен во „победа на српската дипломатија“ и на земјата која „не дозволила да биде понижена – како што (наводно) сакале – „големите сили“.

Како некаков аргумент за тоа, сега се користат бројките од гласовите, па како „српски гласови„ се споменуваат и земјите кои беа воздржани, а кои власта во Белград ги смета за -гласови против- што е и погрешно и „не држи вода“.

Меѓутоа, ваквата засилена национално-патетична атмосфера покажува дека -засега- нема  шанси за помирување.

Додик најавува сецесија

Едноставно, тоа Белград не го сака, а на властите не им одговара.

За одржување на сегашната  националистичката клима повеќе треба одржување на тензиите. Потребна е  состојба на криза, одржување на заканите и кавгите со соседството. За домашната јавност- потребно е да се продолжи со  расправијата и полемиката со  ЕУ и со Европа. А тоа треба за да се продава тезата дека – не ги сакале Србија и Србите,  за да може да се продолжи со одбраната на „загрозеното српство“.

За некакво помирување ( како изгледа) сега не е заинтересирана ниту Хрватска, а за правње проблеми тука е Милорад Додик, газдата на Република Српска .Тој најавува дека (поради Сребреница) ќе покренел процес на сецесија од БиХ.

Се чека само на одобрување од Белград и на согласност од Москва.

(О.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе