Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија испорачува оружје во Украина

Србија испорачува оружје во Украина

Американскиот помошник на државниот секретар, за европски прашања, Џејмс О Брајен потврди дека Србија испраќа оружје и муниција за Украина, во  наметнатата војна по бруталната инвазија од страна на  Русија.

Според американскиот дипломат, српската воена помош веќе не е никаква тајна, објаснувајќи притоа дека станува збор за војна од животно значење за Украина, но и на Европа.

Затоа што на украинскиот фронт се бранат основните принципи на територијалниот интегритет, а тоа е принципот на кој многу инсистира српскиот претседател.

Оружје за 800 милиони евра

„Ние (САД) не се согласуваме (со Белград) околу некои примени на тој принцип, но во овој случај- тоа што Србија го прави за Украина , помагајќи и во војната за одбрана на нападнатата земја – е суштината на тој принцип на меѓународното право , па затоа ние ја поздравуваме српската помош“- рекол О Брајен за белградски медиум.

Изјавата на овој дипломат доаѓа по пишувањето на лондонски „Фајненшл тајмс“ за тоа дека досега Србија на Украина и има извезено оружје и муниција во вредност од над 800 милиони евра.

За овој весник, давањето оружје на Украинците , со кое тие потоа убиваат руски вијници на фронтот, е работа која е спротивна на декларираната политика меѓу двете земји.

Уривање на “братската дружба“ ?

Таа политика постојано се означува како  „братска дружба“ на Србија и  Русија и стратешко партнерство на Белград и Москва, инсистирајќи дека станува збор за „историско нераскинливо пријателство“ на двете земји кое доаѓа уште од царските времиња.

Во Белград не се коментираше пишувањето на британскиот весник, но домашните медиуми наширока нагаѓаат за тоа – како Кремљ и посебно Владимир Путин гледа на ваквото „дволично однесување“ на официјален Белград.

Се тврди дека рускиот претседател одбива да разговара ( по телефон) со српскиот колега и дека Москва е силно налутена на однесувањето на Србија, без разлика што српската страна и натаму е единствената ( не сметајќи ја Белорусија) која нема воведено санкции кон Русија.

Кремљ не комуницира со Белград

Се разбра и дека некои московски медиуми, блиски на Крамљ, ја нападнале новата политика на Белград, означувајќи ја како нелојалност, како предавство и како неприфатливо „седење на две столчиња“.

Во една таква атмосфера, изгледа дека  не помага ниту тоа што еден потпретседател на владата на Србија ( руски човек во Белград- Александар Вулин) кој во владиниот состав се најде на руско инсистирање, полагаше во Москва венец на споменикот на советскиот диктатор Сталин- првиот југословенски и српски политичар што го направил тоа после неговата смрт во 1953 година.

Наместо телефонски разговор и објаснување, кое ништо не би објаснило- Москва го испрати во некаква мисија за разјаснување на српското однесување,  заменикот министер во руското МНР, Александар Грушко.

Неуспешна мисија

И покрај гневот, изгледа дека Кремљ, сепак,  не сака целосен прекин на врските, затоа што како сега стојат работите, само Србија и останува на Русија партнер на кого би можела да смета на  Западен Балкан, зашто преку неа се уште може да се меша во балканските состојби и да предизвикува кризи.

За посетата на Грушко малку се знае, но за западните дипломати во Белград- таа биле неуспешна.

На посетата се осврнува и О Брајен кој рекол дека американската страна е информирана за престојот на Русинот, но тој инсистира дека во овој момент многу  е поважно тоа што  „САД со Србија и со другите земји од Западен Балкан градат партнерство“.

„Овој регион и припаѓа на Европа (ЕУ), затоа што е дел од европскиот континент, а Русите изгледа дека имаат проблем да прифатат дека тоа е и иднината на Западен Балкан„- рекол американскиот дипломат.

Србија на Самитот на НАТО

Тој оценува дека Москва, не може да прифати дека и Србија таму припаѓа, а дека целиот регион и сите држави во него заслужуваат да се најдат во ЕУ. Затоа според американскиот дипломат,  резултатот од посетата на Грушко е таков каков што е.

Разговорот со Џејмс О Брајен е направен на Самитот на НАТО во Вашиннгтон. На него, иако не е членка на Алијансата, присуствува и Србија, застапена од министерот за надворешни работи.

Белградските медиуми откриваат дека веста за присуството на Србија на Самитот на НАТО, во чест на 75 годишнината од создавањето, прво ја има објавено амбасадата на САД во Белград, па дури потоа и српското МНР.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе