Ослободен убиецот на Борис Немцов
Еден од убијците на рускиот политичар Борис Немцов, кој беше опозиционер и остар критичар на режимот на Владимир Путин, е пуштен од затворот каде ја издржуваше казната.
Претходно, тој се согласил да стане војник и да се бори на украинскиот фронт, против Украинците, откако има потпишано договор со власта да биде помилуван, доколку го преживее војувањето.
Водечки опозиционер
Немцов беше потпретседател на руската влада додека претседател на државата беше Борис Елцин. Беше еден од креаторите на поскомунистичката транзиција во стопанството и во економијата на Русија кои беа пред целосен колапс. Важеше и за еден од можните наследници на Елцин, како политичка ѕвезда во искачување.
Ништо од тоа не се случи. Во испазарувањето на тогашната руска политичка елита, за наследник беше одбран Путин, кој со себе го донесе својот круг кгбеовци. Немцов беше тргнат на страна, а тој стана предводник на неединствената и растурена руска опозиција.
Во 2015 година беше убиен во центарот на Москва, во непосредна близина на Кремљ, додека одеше пеш дома, враќајки се од еден опозициски собир, организиран против првата руска инвазија врз Украина – во март и април 2014 година.
На фронт, за простување на казната
До крајот на животот, Немцов остана остар противник на руското навлегување на украинската територија.
Власта, пак, брзо уапси и обвини пет лица, сите од редовите на руските малцинства и ги осуди на затворски казни од 11 до 20 години.
Еден од нив беше Тамерлан Ешкерханов. Тој беше казнет со 14 години затвор , но после договорот со власта- наместо да остане во затвор, ќе оди на фронт. Со војската се има спогодено- да војува , за му биде простена казната. Уште во март годинава, затворската келија ја заменил за брза воена обука.
Другите од групата атентатори , исто така добиле понуда од власта да војуваат, за да не останат во затвор, но (наводно) тие одбиле да војуваат за Русија.
Професионално ликвидирање
Немцов беше убиен максимално професионално – откако убиецот му пукал во тилот- и продолжил понатаму, изгубувајќи се во толпата пешаци. Жената која одела покрај него, инаку Украинка, остана неповредена, но и без можност да види кој пукаше во Немцов.
Тоа остави простор за многу сомневања и неверување дека уапсените се вистинските виновници. Се обвинуваше режимот дека го „чисти“ политичкиот простор од противниците на Путин. Посебно од критичарите на инвазијата во Донбас и окупацијата на Крим.
Тогашниот портпарол на Немцов, кој настојуваше да ја продолжи битката против војната, Илја Јашин и самиот заврши во затвор.
Беше ослободен минатата недела, заедно со групата руски опозиционери кои беа разменети за осумина руски шпиони кои беа во затвор, во неколку европски земји и во САД.
„Потсмевање на сеќавањето за Немцов“
Во изјавата по ослободувањето на убиецот Ешкерханов, Јашин има речено дека – постапката на Путин , да го пушти од затвор токму овој убиец, претставува- „ потсмевање на сеќавањето за Немцов“.
Дваесетина илјади затвореници досега се пуштени на слобода, за да војуваат на фронтот во Украина, прифаќајки го ризикот да загинат, за простување на казната.
Регрутирањето затвореници го почнаа паравоената организација „Вагнер“ и нејзиниот лидер Евгениј Пригожин , користејќи ги како платеници во својата приватна војска, која тесно соработуваше со државата.
Во 2023 година, тој загина во една мистериозна авионска несреќа. Кусо време откако не успеа бунтот на вагнеровци против воениот врв на Русија.
(М.Р.)