Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Неспособни, лажливи и штетни

Неспособни, лажливи и штетни

Сега веќе е сосема видливо дека само два месеци по тргањето на проевропската влада, новата власт успеа да го растури речиси се она добро што претходната го постигна- како за граѓаните, така  и за државата.

Новите само покажаа  дека не ги бива. Дека  не знаат и не можат да ја водат државата, дека ги излажаа  оние кои ги заведоа за да гласаат за нив, потврдувајќи дека националистичката, груевистичко-бранковистичка коалиција, дополнета со тврдите националисти од албанскиот блок, само и нанесуваат штета на државата и на нејзините стратешки цели.

Не ги бива да водат држава

Свесни за ситуацијата- дека за што се фатија погрешија и измамија- новата влада и нејзиниот премиер, почнаа во некакви „месечни извештаи“ да се фалат, присвојувајќи ги успесите  на тие пред нив.

Откако  нивно заедничко големо постигнување стана  предлогот на вмровците и на кумановските бранковисти- царинската служба да има двајца заменици на директорот. Секако, за да се сместат сите гладници за државни позиции,  сето тоа спакувано во тврдењето дека станува збор  за- „реформирање на царината“!

Ваквите „реформи“ само покажаа колку е промашена владеачката коалиција која веќе сега делува како „рогови во вреќа“ , па поставениот премиер  постојано ги смирува  јавните кавгаџиски пораки и закани што си ги испраќаат едни на други.

Рогови во вреќа

Бранковистите на кумановскиот градоначалник во неколку случаи се расправаа со оние од партијата на министерот за здравство – кој претходно беше во владите на двајца премиери- социјалдемократи.

Тој ,пак,  се закани дека на следните локални избори, оној кумановчанецот, нема да може да смета на подршката од албанските гласачи- како што тоа беше на изборите пред три години.

Излегува дека во сегашнава  влада има една коалиција на македонските партии, поткрепена од српскиот блок и друга која е на албанските партии. Во таква состојба, двата блока војуваат меѓу себе, за да на гласачите им покажат  кој е поголем Македонец или  Албанец.

Министерот за евроинтеграции (оној кој не знае како се вика амбасадорот на ЕУ во Скопје) јавно го прекори министерот за внатрешни работи, инаку претходно личен адвокат на премиерот, да не се занимава со   „случајот Гаши“ на граничниот премин Блаце, туку со криминалот.

Манипулации и лажни вести

На таквата атносфера и кумува самиот премиер со своите манипулации и дезинформации  кои  и ги продава на јавноста. Тоа е дел од вмровската стратегија на агресивен популизам и на создавање клима на (наводна) нестабилност во државата- во стилот на власта во Србија.

Но, и со  продолжената тирада од лажни обвинувања кон претходната влада. Сите тие според онаа народната – кога крадецот вели- држете го крадецот. Па, затоа овој човек, постојано самиот се фаќа во лагата,  што е недостојно за некој кој го ставиле да води влада.

Тврди дека претходната влада ( за шест години) државниот долг го зголемила за над 4 милијарди евра. Официјалните владини податоци, пак,  велат дека станува збор  за пораст од 2,9 милијарди.

Или, кога зборува за  инфлацијата  тврди дека таа – „се уште била на двоцифрени бројки„- ама дека тој со неговите,  успеале за само  два месеци,  да ја намалат на, како што рекол,  3 отсто.

Фалење со постигнувања на претходната влада

Во основа, станува збор за типичен пример на манипулација и фалење со значајното постигнување- ама на претходната влада. Инфлацијата, навистина достигна двоцифрена бројка од 19,8 отсто, но во октомври 2020 година.

Во јуни оваа година, меѓутоа, таа беше намалена на само 3,2 отсто- покажуваат податоците на владиното министерство за финансии кои може да се видат на неговата интернет страница.

Впрочем, тоа уште пред изборите го имаат потврдено и ЕУ и нејзините службени податоци,според кои Северна Македонија имаше пониска инфлација и од низа земји членки на Унијата, кои  примија големи пари за санација на последиците од корона пандемијата.

Лагата на премиерот е во тоа што новата вмровско-бранковистичка влада , својата прва седница ја одржа на 28 јуни 2024 година, па затоа, статистичкиот ефект од работата на новите,  може да се гледа дури од јули. Тоа е првиот цел месец на овој човек, како премиер на владата.

Враќање на уставното име

Зашто му се потребни ваквите лаги, е јасно, затоа што тоа се праваше и во време на првата, а особено во време на втората вмровска власт ( со избеганиот осуденик за корупција), но овој сегашниот , не чека ниту 100 денови за да почне да продава fake news.

Меѓутоа оваа влада така  и почна да функционира. Со лагата дека ќе ги направи Македонците да бидат „повторно горди“ со тоа што нема да го почитуваат договорот од Преспа со соседна Грција. Сега велат дека сме останале горди (бевме и без нивниот лажен патриотизам), ама лажното ветување траеше само 15 денови.

Откако и Европа и САД ги притегнаа скопските националисти дека – меѓудржавни договори, уште со патронат на ЕУ и Америка, не може да се преправаат и за нив не може одново да се преговара- како со Грција, така и со Бугарија.

Односно дека договореното мора да се испочитува без разлика на празните и неискрени ветувања давани за наивните гласачи, во време на изборната кампања.

Непотребна криза со соседите

Останува и натаму инаетот, па сега премиерот кој – „не витка кичма пред никого“- на самиот старт од мандатот создаде  криза со соседите-  влошувајќи ги односите со Грција и со Бугарија, а и со Албанија-сите три земји македонски сојузници во НАТО и партнери во ЕУ, и на крајот- сепак, го свитка рбетот.

Од друга страна, изгледа лажен спорот со Бугарија , кога освен што тој е зет во новобугарско семејство,  во неговата  влада има и една министерка која се има декларирано како -Бугарка по род, или според своето потекло.

Нема лошо во тоа , ако таа заслужува да биде дел од владата, според својата стручност- кога веќе има во неа и Албанци и Срби и Турци. Прашањето е зашто премиерот и неговите, не прават сите будалетинки- дека тој ќе се пазари со Софија за историјата, а очигледно е дека нема поим за минатото.

Нема зголемени плати

Конечно, новата власт ги изигра лугето и таму каде се  најзаинтересирани – кај нивниот стандард.

Унгарското задолжување од половина милијарда евра кинески пари нема да оди за натамошно подигнување на стандардот, што инаку го покрена доскорешната влада, создавајќи механизам за континуиран раст.

Тие пари, само го покажуваат вазалството кон Виктор Орбан и тоа дека владата во Скопје се води од Будимпешта. Затоа, за стандардот на граѓаните се позајми „српскиот модел“- за еднократна интервенција, наместо за континуирано усогласување.

Па, прво, ветените 100 евра за пензионерите, се стопија на пет илјади денари, а потоа објавија дека  ќе се даваат на два пати- по 2500, сега и догодина.

Платите, пак нема да растат така како што навести сегашната опозиција, додека беше на власт. А кога нема раст на платите нема да има ниту раст (усогласување ) и на пензиите. Измамата на тој начин станува комплетна.

(Спектатор)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе