Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Тајните „црни операции“ на Мосад

Тајните „црни операции“ на Мосад

Десетина денови по „филмската операција“ во Бејрут- кога експлодираа стотина пејџери во ист момент, а следниот ден и уште толку воки-токи апарати, сите врзани за припадници на либанскиот „Хезболах“, никој се уште се нема огласено за тоа кој стои зад една ваква саботажа.

Милитантната, шиитска и проиранска организација, стационирана на либанска територија,  потоа Иран како нејзин создавач и подржувач (политички и воено), како и Либан, од почетокот тврдат дека станува збор за израелска операција, обвинувајќи ги  Израелците и нивните тајни служби.

Владата на Бенјамин Нетанијаху, која сега дејствува како воен кабинет, меѓутоа, нема реагирано и најверојатно така и ќе остане.

Психолошка победа над Хезболах

Меѓународни воени и  безбедносни експерти, сепак , веруваат дека операцијата е  израелско дело, затоа што само тамошните тајни служби имаат и капацитети и знаење за да изведат нешто вака спектакуларно.

Без разлика што воено гледано , тоа нема некакво големо значење, освен што создадоа хаос во редовите на Хезболах и (за извесно време) го имаат распарталено нивниот систем на комуникации. Што во основа, сепак, претставува значајна победа на психолошки план.

Во јавноста, пак,  и натаму е присутна интригата за тоа – како сето ова беше можно да се изведе. Особено што некои од пејџерите биле набавени само на неколку денови пред врзаната експлозија.

Американската тв мрежа Си-Ен-Ен, сето ова го стави во редот на „црните операции“ на израелските тајни служби, објаснувајќи дека тие, повремено, се користат многу одамна.

Казнување за масакрот во Минхен

Се почна со 1972 година кога палестински терористи од групата „Црн септември“ извршија вистински масакр на Олимпијадата во Минхен, убивајќи  11 израелски спортисти и еден германски полицаец.

Не чекајќи на било каква реакција на меѓународната јавност, која и онака можеше сосема малку да направи, Израел подготви операција, нарекувајќи ја „Божјиот грев“ која траеше неколку години. Во тој период,  беа следени, ловени и ликвидирани сите кои учествуваа во минхенскиот масакр.

Еден од нив беше и Махмуд Хамшари, претставник ма ПЛО ( Палестинска ослободителна органиазација) во Париз кој беше ликвидиран во неговиот отмен париски стан.

Оперативци на Мосад имаа поставено бомба во неговиот домашен телефон. Кога Палестинецот се јавил да одговори на телефонскиот повик, од наводен италијански новинар, бомбата далечински се активирала.

Убиство на иранските атомски физичари

Во слична операција е ликвидиран и Јахја Ајаш, означен како „главен инженер“ за правење бомби и експлозивни направи за терористите на Хамас. Израелците го имаат обвинувано за смрта и за убиства на десетина Израелци, во повеќе терористички, бомбашки напади,

Убиен е во Газа, откако покрај главата му експлодирал мобилниот телефон во кој имало 50 грама силен експлозив. Приказната со него не заврши со неговата смрт, затоа што Хамас потоа има изведено неколку терористички напади ( за одмазда)  во кои настрадале неколкумина Израелци.

Според Си-Ен-Ен, како „црна операција“ на Мосад се смета и убиството на петмината ирански нуклеарни научници во 2010 година, извршено во атентати за кои се веруваше дека се поврзани со странство.

Сајбер диверзија во Техеран

Израелската влада тогаш отфрлаше одговорност за „смрта на возрасни луѓе“ , но тоа е времето кога Израел (со право) беше загрижен од можноста Иран да произведе атомска бомба, за што постоеја сите услови.

Особено што светот почна да верува дека режимот во Техеран – навистина- развива нуклеарна технологија за мирнодопски цели.

Експерти, затоа, веруваат дека Израел, но и САД стојат зад комплексниот компјутерски вирус кој во таа 2010 година ја има уништено центрифугата во иранските нуклеарни постројки.

Иран веднаш ги обвини двете земји за диверзијата, на што Израелците и Американците одмолчеа. Сега се верува дека овој инцидент е првиот случај на сајбер-напад , изведен надвор од сајбер просторот , предизвикувајќи центрифугата да се движи неконтролирано, без тоа да се забележи.

Вештачка интелигенција за атентат

Има стручни лица кои веруваат дека и нападот со пејџерите е пример за некаков сајбер напад, иако мнозинството експерти е уверено дека ова што се случи во Бејрут се експлозии со тајно поставен скриен експлозив.

Во 2020 година, во околината на Техеран беше ликвидиран главниот ирански нуклеарен експерт Мохасен Фахризадех.

Беше убиен со автоматско оружје , насочено од далечина. Нападот беше толку прецизен што сопругата на научникот која седела до него не беше нити лесно ранета, иако во телото на убиениот се најдени 13 куршуми.

Подоцна иранските власти имаат речено дека оружјето користело вештачка интелигенција и технологија за препознавање  лице, па затоа и од голема далечина бил погоден само Фахризадех. Во возилото имало и многу експлозив што после убиството се самоуништил.

Помагачи во Иран, Хамас и Хезболах

Во секој случај, разузнавачки експерти по ова убиство најмногу внимание посветија врз фактот дека за целата оваа операција за ликвидација на врвниот научник била така уредена што била прокриумчарена во Иран специјална опрема, заедно со луѓе кои потоа го изведоа убиството.

Сега вака се размислува и за операцијата со пејџерите.

За да се спроведе сето тоа- не само што е потребно време и знаење, но и силна оперативна работа. Станува јасно дека Мосад и Израел имаат свои оперативци во Хезболах. Тие го имаат пресечено синџирот  за снабдување и (многу веројатно) ги имаат заменето пејџерите.

Со уфрлање во редовите на непријателот , во јули беше убиен и Исмаил Ханија- со далечинско активирање на бомба за која се верува дека биле прошверцувана во Техеран , уште два месеци пред атентатот. Беше поставена во куќата каде одседнал, како гостин на инаугурацијата на новиот ирански претседател.

Грабнувањето на  Адолф Ајхман

Израел до денес ниту ги демантираше, а ниту ги потврди обвинувањата на Иран и на Хамас. Меѓутоа, историјата на Мосад и на неговите “тајни , црни операции“ е почната уште пред  војувањето ео палестинските терористи.

Уште во 1960 година, со грабнувањето на нацистичкиот злосторник  Адолф Ајхман кој се сокриваше во Аргентина , а беше префрлен во Израел за да му се суди за сторените злосторства против Евреите во текот на Втората светска војна.

Западногерманските обвинители ги имаат известено Израелците каде живее Ајхман, па откако грабнат беше доведен во Израел, беше чуван на тајна локација, каде со месеци беше сослушуван.

Во декември 1961 беше осуден на смрт, а на крајот од мај 1962 година беше извршена смртната казна. Единствената што е извршена од 1948 година, од кога постои државата Израел.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе