Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Израел-војна на три фронта

Израел-војна на три фронта

Една година по бруталниот терористички напад на палестинските терористи врз југот на Израел, од 7 октомври минатата година, што тогаш со ништо не беше предизвикан, државата се најде во војна со Хамас. Таа  се уште не е завршена, иако отпорот на палестинските терористи во и околу Газа сега е прилично пригушен.

Во време додека израелската војска ги привршуваше операциите во појасот, иако (засега) не успеа да ги ослободи преостанатите живи израелски заложници , грабнати пред една година, во судирањата на Израелците со Хамас се вклучи Хезболах – со ништо не предизвикан.

Вклучување на Хезболах во војната

Оваа милитантна, шиитска организација, сместена во Либан, во некогаш единствената арапска просперитетна и секуларна држава- во нејзиниот југ и во јужните предградија на Бејрут-   преку своето воено крило,  Хезболах, прво се закани, а потоа покрена фронт на  северот од Израел.

Станува збор за територија од која ,уште пред 7 октомври, поради честите ракетирања од страна  на Хезболах, израелското население  ги има напуштено своите домови.

Во случајов, сето тоа прикажано како одмазда за „злосторствата на Израелците кон Палестинците во Газа“, но практично, значи вклучување во војната на Хамас со Израел, на хамасовска страна. Нудејќи им можност на терористите од оваа организација да земат здив и да се прегрупираат- доколку тоа  сега  е воопшто можно, по убиството  на нивниот лидер.

И, кога изгледаше дека Израел ќе мора да војува на два фронта- се огласија  јеменските Хути, ставајќи се во функција на Хамас. Не само војувајќи против Израелците, туку и против Западот, обвинувајќи го за помагањето на Израел.

Јеменските Хути го казнуваат Западот

Хутите почнаа да ги напаѓаат бродовите во реонот околу Јемен, посебно околу Аден и поморскиот пат што води од и кон Црвено море. Згора на тоа, на неколку пати ракетирајќи ја и израелската територија.

Нападите и Хутите, како и Хезболах и Хамас ги вршат со ракети со долг дострел, а заедничкото е што сите овие непријатели на Израел се сојузници на Иран и негово орудие за војување на Блискиот  Исток.

Иран и режимот на Техеран , дава пари и оружје и на тој начин, се јавуваат како најголемиот и најмоќниот непријател на Израел кој и натаму верува дека може да ја уништи израелската држава- да ја фрли во море- како што се вели во документите на Хамас и на Хезболах.

Главниот непријател е Иран

Тие се во постојана војна со Израел, иако Иран и самиот го напаѓа – во април годинава со над 300 ракети- како одмазада за Газа и пред некој ден, со иста каква сила- за Хезболах- за нападите на шиитските зони во Либан и за ликвидацијата на милитантниот лидер на Хезболах.

Во сето ова, изјавите за некаква грижа за палестинските права и за Палестинците се само покритие и изговор, за настојувањето на теократскот режим во Иран да се наметне во (доминантно) сунитскиот Блиски Исток како главен играч.

Како политички, така  и религиозно, ширејќи го притоа шиитството, а за сето тоа користејќи ги своите вооружени и религиозни „филијали“- во Либан ,  во Сирија, како и во Гзаа што Иранците ја имаат претворено во своја силно вооружена тврдина.

Техеран го вооружува Хезболах

Според тоа, војувајќи на овие три фронта, Израел во суштина војува со Иран кој е клучен помагач на Хамас и на Хезболах, како и на Хутите, без кого никој од оваа тројка не би бил она што е сега- закана за мирот и стабилноста на регионот.

Во еден извештај на американскиот Стејт департмент, посветен на териризмот, се открива колку длабоко Иран е инволвиран во Хезболах и во Хамас.

Од 2006  до 2020 година режимот во Техеран, само на Хезболах во Либан му има испорачано илјадници ракети, проектили и лесно вооружување.

Конечно, проценка и на европските земји од Западот е дека Иран стои и зад  масовниот терористички напад на југот од Израел, од октомври минатата година , кога палестинските терористи убија безмалку две илјади цивили, меѓу кои и млади собрани на еден концерт за мир, во близината на границата со Газа.

Иран контра Саудиска Арабија

Без иранска воена и секаква друга подршка, терористите на Хамас немаше да се одважат за една ваква операција, внатре во територијата на Израел.

Уште тогаш се сметаше дека Иран ги покрена терористите на Хамас за да спречи приближување на Саудиска Арабија кон Израел, што беше во тек- за да се дискредитираат Саудијците кои порано беа главните подржувачи и заштитници на Палестинците.

Во основа беше стравот на Техеран дека ( со израелска помош) Ријад ќе стане и воена сила во регионот и главен конкурент на Иран и на неговата стратегија за доминација на Блискиот Исток.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе